(ВИДЕО) ПОЖАРИ ВО КАЛИФОРНИЈА: Никој не може да го замисли овој ужас
Објавено во: Свет 15 Октомври, 2017
Повеќе од 40 лица загинаа, а околу 230 се водат како исчезнати во пожарите што веќе една недела не стивнуваат во повеќе окрузи северно од градот Сан Франциско во Калифорнија.
Најголемиот број од загинатите, дури 22 се од округот Сонома. Властите стравуваат дека конечниот биланс на жртвите ќе биде многу поголем.
Поради пожарите, од своите домови се евакуирани околу 100.000 лица, од кои 3.000 во текот на вчерашниот ден од градот Санта Роза на 80 километри северно од Сан Франциско.
Огнот досега уништи речиси 6.000 станбени и деловни објекти и зафати површина од над 865 километри квадратни.
Во гаснењето на пожарите, од кои 16 се поголеми, учествуваат околу 10.000 пожарникари со над 1.000 противпожарни возила, како и околу 70 авиони и хеликоптери.
„Ова е една од најголемите трагедии што ја доживеала Калифорнија кога и да било досега. Уништувањата се едноставно неверојатни. Никој не може да го замисли овој ужас“ - изјави синожа калифорнискиот гувернер, Џери Браун при посетата на Санта Роза.
Властите информираа дека на некои места огнот е изгаснат, но работата на пожарникарите е отежната поради силните ветрови кои достигнуваат брзина и до 72 километри на час. Се очекува во текот на денов ветровите да ослабнат. Поради силните ветрови и огнот кој се шири евакуирани се уште 400 куќи. За 84 години ова е најголем пожар во земјата.