11 Мај, 2024
0.0307

(ВИДЕО) Струмичките земјоделци на блокади, незадоволни од откупот на тутунот

Објавено во: Агробизнис 31 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Земјоделците од струмичкиот регион половина час го блокираа магистралниот пат Струмица-Радовиш, незадоволни од откупот на тутунот, но и од исплатата на отштетата за ланските поплави. „Владата цела година не лаже дека ќе ги добиеме парите кои ни следуваат како оштета од ланските поплави. Од извршените проценки за штетите од поплавите само дел од партиските војници на власта добија обесштетување, додека најголемиот дел од вистинските и оштетените земјоделци се уште немаат добиено ниту денар“, рече Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделски производители. Земјоделците обараа проценката на тутунот да биде реална, според реалниот квалитет на тутунот, а министерот за земјоделство да застане на страната на тутунарите и да гарантира дека тутунот од оваа реколта ќе се откупи до последен килограм. Исто така, упатија апел до откупните компании да ја забрзат динамиката на откуп на тутунот. http://www.youtube.com/watch?v=C0ZMcgeHZ_Q Од Министерството за земјоделство велат дека се во постојана комуникација и договор со индивидуалните производители на тутун, легитимните Здруженија на тутунопроизводителите и откупните претпријатија и ги превземаат сите неопходни мерки за нормално спроведување на откупот на тутун. „Динамиката за откупот на тутун се интензивира а тоа се докажува и со тоа што од денеска, за забрзана динамика на откупот, компаниите се задолжени идниот месец да вршат интензивен откуп, и за време на викендите, со загарантирана минимална количина по вага, не по пункт. Со ова всушност сакаме да влееме сигурност кај производителите, дека навистина внимаваме на нив“, стои во соопштението од ресорното Министерство. Според податоците на МЗШВ, од 15 декември, кога почна редовниот откуп, преземени се 17,850 милиони килограми ориентален ситнолистен тутун, што е 58 отсто од вкупниот род, а останува за откуп уште помалку половина од реколтата. Просечната откупна цена е 154 денари за килограм, а освен ова Владата го субвенционира производството на тутун со 60 денари по килограм. Од Министерството за земјоделство го упатуваат секој тутунар што смета дека е оштетен при проценката да се обрати до Инспекторатот за земјоделство за да се направи повторна проценка од страна на Второстепената комисија. На терен се сите 45 инспектори, а досега за прекршување на законските прописи се изречени 10 казни во вкупна вредност од 150.000 евра, информираат од МЗШВ.