11 Мај, 2024
0.0243

Власт – опозиција: Кој ги потценува тутунарите?

Објавено во: Агробизнис 27 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Опозицискиот лидер Зоран Заев ја повика Владата да им помогне на тутунарите. Смета дека се изманипулирани и цените за откуп на тутунот се просекот. Тој го повика премирот Никола Груевски да излезе на терен и да ја согледа како што рече, реалната состојба со откупот на тутунот, која е спротивна на неговите најави за високи откупни цени и регуларна процена на родот. „Треба државата да помогне, со што ќе откупи вишок на понуда и ќе го стабилизира пазарот, како би ги поттикнала откупувачите да го проценуваат тутунот во вистинските класи. На тој начин можеме да го стабилизираме пазарот и да помогнеме. Се работи за некои 2 до 5 милиони килограми тутун,кои предизвикуваат психолошки моменти кај сите откупни пунктови“,порача Заев. Заев денеска во Прилеп ги промовираше мерките на СДСМ за решавање на проблемите на тутунопризводителите. Најави сека во нивната програма има повисоки субвенции,  бенефициран стаж за земјодеците, зелена нафта, директни интервенции за наводнување, но и укинување на персоналниот данок. Има повеќе начини на помагање, вели тој. „Може државата да интервенира со откуп на 2 до 5 милиони килограми тутун. На тој начин ќе го релаксира комплетно пазарот и оваа пазарна дисторзија која што се јавува ќе може да ја избалансира, за да се вратат на нормала, и класите и цените. Или директно, со 30 денари, пола субвенција, дополнително да помогне за колку-толку да се надмине овој проблем“, изјави Заев кој забележа дека иако власта ветува просечната цена на тутунот од 180 денари, таа е од 120 до 135 денари. На ваквите изјави реагираа од Министерството за земјоделство. Велат дека се во постојан контакт и договор со тутунарите. Според нив, Заев не е во тек со аграрната политика на Владата, која наведуваат дека пет години дава по 60 денари за килограм произведен и предаден тутун. „За просечната откупна цена на тутунот во прилепскиот регион должни сме да ги информираме „загрижените” во СДСМ дека заклучно со денешниот ден просечната откупна цена на тутунот во овој регион е 161,12 денари за килограм, а досега во овој регион се откупени 2,5 илјади тони тутун“, се наведува во реакцијата. СДСМ треба да знаат дека за произведен и предаден ориентален ароматичен и полуориентален суров тутун,  само за реколта 2012 на 25.816 тутунопроизводители им е исплатена финансиска поддршка со висина од 60 денари за килограм или вкупно 1,66 милјарди денари од програмата од 2013 година за произведен и продаден тутун, информираат од Министерството. „Владата на Република Македонија е единствената која спроведува силна финансиска поддршка за тутунопроизводството од сите држави во регионот, традиционални производители на ориентален ситнолистен тутун. Токму ова е маката на „загрижените” во СДСМ и причината поради која денес повторно се обидоа да ја потценат свеста на тутунопроизводителите“, стои во реакцијата. Откупот на тутунот  годинава почна пред две седмици. Според податоците од ресорното министерство, годинава треба да се откупат 35.000 тони за откуп, а производството се проценува на 30.000 тони. Според проценките, реколтата вреди околу 80 милиони евра.