ВУЧИЌ ЗАГРИЖЕН: Белград побарал Западот да не ги поддржува Албанците во нивните „болни цели“
Објавено во: Балкан 14 Октомври, 2019
Српскиот претседател, Александар Вучиќ е загрижен поради развојот на ситуацијата на Косово и Метохија.
Тој вели дека секој обид за „укинување“ на партијата Српска листа, би можел да остави катастрофални последици врз односите на Србите и Албанците.
Вучиќ кажа дека Српска листа добила 96 отсто од гласовите на Србите на изборите и ги обвини Албанците дека измислиле „некаква приказна за труење со пликови од гласовите од Србија“.
„Не знаат што да измислат но констатираат дека треба да се укине Српска листа. Тоа ќе создаде катастрофални последици врз односите на Србите и Албанците бидејќи Срби повеќе нема да има во институциите. А, кога нема Срби во институциите, вие знаете каде тогаш ги има и како ќе мора да ги штитат својата слобода и своите огништа“, кажа Вучиќ.
Тој наведе дека Белград ги замолил западните партнери да се вразумат и да не им помагаат на Албанците во, како што вели, „болните цели“ бидејќи во спротивно „следува катастрофа“.
Вучиќ претходно изјави дека тој никогаш нема да дозволи некој да ја понижи Србија со какво било решение за Косово.