Заев од Бугарија: Пријателскиот сосед ќе ни помогне за влез во ЕУ
Објавено во: Македонија 20 Јуни, 2017
„Со Бугарија ќе го славиме заедно Илинден, во Скопје ќе крстиме улица по Жељу Желев, а во Софија по името на Борис Трајковски“. Ова го изјави премиерот Зоран Заев по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
„Ова за нас е прва билатерална посета. Среќен сум дека нашиот прв сосед има голема желба да и помогне на Р. Македонија за интеграцијата во НАТО и ЕУ. Отворивме нови перспективи за напредување на нашето пријателство. Разговаравме за помош и поддршката што Бугарија може да и ја даде на нашата земја во процесите на интеграцијата. Ги приближивме нашите мислења за потпишувањето на договорот за добрососедство“, изјави тој и додаде дека се близу до потпишување на документот.
„Заедно ќе го славиме Илинден во Македонија на 2 август и тогаш ќе го завршиме договорот за билатерална соработка. Премиерот Борисов ќе ја посети Македонија и ќе го посети споменикот од нашата заедничка историја. Денес ние ќе се поклониме пред споменикот на цар Самуил во Софија. Зборувавме со градоначалниците на Софија и Скопје да дадеме име на една улица на нашите претседатели кои не се живи. Во Скопје на Жељу Желев, а во Софија на Борис Трајковски. Денес побаравме од Бугарија да ни помогне со своето искуство за европските фондови. Да ни испрати експертизи. Македонија има малку почнати програми, но се надевам дека ќе отвориме уште заеднички. Искуството, кое го има Бугарија, ќе биде многу важно за нашите перспективи. Имаме желба да почнеме преговори со ЕУ, да станеме членки на НАТО. Пријателска Бугарија ќе ни биде од помош“, рече уште Зоран Заев.