10 Мај, 2024
0.0236

Земјоделските култури во „температурен шок“ од топлото време!

Објавено во: Агробизнис 25 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Високите температури невообичаени се овој период од годината, се неповолни за земјоделското производство, предупредуваат агрометеролозите. Најпогодени се житните култури, но и овошките. Агрометеоролозите велат дека иако наизглед растенијата се добри, тие сега ќе бидат осетливи на ниски температури.
„Во вакви услови есенските посеви задоцнуваат со активности и трошат дел од резервите на јаглени хидрати кои се од друга страна важни за заштита од ниски минимални температури. Време за ниски минимални температурисè уште има, затоа што има уште месец дена од зимата, така што јас сум убеден дека ќе има уште еден ладен бран најмалку до крајот на зимата. Сега во вакви темепературни услови посевите ги потрошија овие резерви така што, иако изгледаат добро, погледнати надворешно, сепак се доста осетливи на ниски температури, а штетите би се виделе после евентуалното појавување на такви температури. Состојбата кај овошките до сега не беше критична, но се повеќе станува затоа што речиси трета седмица имаме температури повисоки од 16-18 степени, што е услов да започне придвижување на соковите за пролетно обновување на вегетацијата. Среќна околност е тоа што нема доволно влага во почвата па така притисокот од почвата е многу помал и овие процеси се успорени“, вели Ангелко Ангелески, агрометеоролог од Управата за хидрометеролошки работи.
Засега среќна околност е и тоа што деновиве има мало намалување на температурите, кои ќе се задржат и во текот на оваа седмица. Од останатите земјоделски култури, виновата лоза е во фаза на мирување, а ваквите временски услови ќе овозможат лозарите да немаат проблем со кроењето. Вакви температруни шокови и високи температури во зимскиот период, имаше и лани, што според агрометеролозите не е невообичаено за Македонија. Минатата година, првите 10 дена од февруари биле дури потопли од истиот период годинава, а тогаш беа забележани и повисоки температури.
„Сè уште нема поголема опасност во случај да има појава на ниски негативни минимални температури, затоа што не е отпочната вегетацијата, но тоа се температури пониски од -7 до -10 степени. Оние овошки кои веќе имаат набарени папки или на југот има кои процветале, нивната осетливост е многу голема и температури од -4 можат да причинат измрзнувања, а тоа значи и целосно губење на родот од тие папки. Но доколку заладувањето и падот на температурите е за 5-8 степени, тоа треба да ја подобри состојбата особено кај овошките и виновата лоза. Сепак најголем проблем останува сушата, особено почвената суша, бидејќи нема вода во слоевите подлабоки од 20 сантиметри што е алармантно“, објаснува Ангелески.
Во вакви температурни шокови, експертите советуваат земјоделците да внимаваат на прихранувањето на посевите, кое треба да се изврши овој период. Досегашната пракса покажува дека во вакви услови земјоделците треба да употребуваат течни ѓубрива кои полесно се впиваат во почвата. Според агрометеоролозите, ако се употреби тврдо вештачко ѓубриво тоа ќе остане нерастворено и ги губи својствата, како на пример азотот кој испарува, а посевот нема корист од тоа. На негативните последици од ваквите временски услови укажуваат и од Федерацијата на фармери.
„Во моментот топлото време позитивно влијае врз производството и тоа од повеќе аспекти: забрзан развој на растенијата, поголем процес на фотосинтеза, подобар развој, намалени трошоци за загревање на пластениците, што директно влијае врз крајната цена на самиот производ особено кај доматите, краставицата и пиперката. Но, доколку дојде до намалување на температурите, се очекува негативни последици да има врз развојот на растенијата и некои градинарски производи како што е зелката кои можат да претрпат и шокови, односно како што се случи пред две години да дојде до расцветување на зелката“, велат од Федерацијата на фармери.
Температурните шокови се последица на климатските промени Ваквите температурни разлики и невообичаени температури за одредени периоди од годината, се последица на климатските промени. Земјоделството е прво на удар од климатските промени, а земјоделците се немоќни пред ваквите временски непогоди. Домашните и странските експерти веќе предупредија дека надлежните треба да ги советуваат и едуцираат земјоделците, да се инвестира во системи за наводнување, заштитни мрежи за спас од град. Според истражувањата најпогодени ќе бидат Повардарскиот и Југоисточниот регион од земјава.
„Земјоделците не се моќни ништо да направат пред ваков налет на непогодни временски состојби, остануваат да се надеваат дека сепак дождовите ќе дојдат, ќе се подигне нивото на подземните води, ќе се наполнат акумулациите, реките и природните езера и ќе бидат спокојни дека за летниот период ќе има вода кога и потрошувачката е поголема и побарувачката од културите е поголема. Кај нас останува проблемот на нерамномерен распоред на врнежите како најголем проблем, тоа ни се случува и оваа година. Потребно е да се организираат земјоделците преку системи за наводнување да си го регулираат водниот режим кај културите, да не чекаат од небото, тоа се скапи инвестиции, но исплатливи. Земјоделските култури полека се навикнуваат на овие промени, имаме години кога и во цвет или заметнат плод ќе фати снег или минимални температури, но сепак имаме и таа година овошје од сите видови, стануваат поотпорни и не сите, но некои опстануваат“, вели агрометеорологот од УХМР, Ангелко Ангелески.
Според анализите, евентуалните нагли зголемувања на температурите ќе нанесат сериозен удар врз земјоделското производство во неконтролирани услови, како што е поледелството, овоштарството, лозарството и градинарството на отворено. Агроекспертите веќе предупредија дека Македонија треба да ги мобилизира сите свои ресурси за да овозможи производство на квалитетна храна со конкурентска цена. Пред се тоа значи дека треба да се гледа иднината на земјоделското производство, поточно да се одгледуваат сорти кои ќе се прилагодат на климатските промени. Ј.С.