04 Мај, 2024
0.0244

Предводникот на средношколските протести, Кирил Ристески, ќе и каже збогум на Македонија?!

Објавено во: Анализа 06 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Екстерното тестирање кое оваа пролет ја разбранува јавноста со протестите на основците и средношколците низ улиците на главниот град, кои побараа негово укинување, остана само како нереализирана идеја. Но, годинешното екстерно тестирање, кое на крајот ги седна во клупите околу 200 000 ученици, беше запаметено и по момчето Кирил Ристески, ученик од скопското средно фискултурно училиште, кој остана единствен на браникот против екстерното тестирање. И, тој навистина не ги полагаше тестовите предвидени со тестирањето, но колкава беше цената која ја плати за тоа? Фактор, успеа да стапи во контакт со средношколецот Кирил Ристески. Сеуште позитивен и амбициозен, како и првиот ден кога се спротистави на одлуките на надлежните да го спроведат екстерното тестирање во училиштата. Кирил, вели, денес е истиот-борбен, искрен, свој на своето, и многу похрабар и поискусен од предходно. “Мислам дека протестите ме искалија, ми одржаа многу важна лекција која ја нема во ниту една книга. Со тоа, се случи да пораснам пред време. Иако учествував на повеќе протести како поддржувач, мислам дека протестите против екстерното тестирање како организатор, ми ја покажаа онаа сурова слика на реалноста во нашата држава. Тие денови, мислам дека го произведоа овој Кирил.Јас си го одржав зборот. Не учествував во екстерното тестирање. И нема ни да учествувам, бидејќи оваа власт успеа во намерата да паднам година” - вели Кирил Ристески. Спортскиот пат од Скопје повторно го враќа во родниот Прилеп! Кога моите родители, додава Кирил, поради заканата по живот ме преместија од скопското фискултурно училиште во прилепската спортска гимназија, успеаја преку директорот на С.О.У. Ристе Ристески- Ричко, и мојот тогашен класен раководител да ми избришат 12 оцени.Требаше да полагам испит бидејќи јас бев на смер пливање, а во Прилеп имаше само атлетика.Кога отидов да полагам, имаше двајца професори, наместо тројца. Од каде јас да знам дека треба тричлена комисија ? Па така, и полагањата ми ги поништија, со помош на тогашната моја класна, која беше во комисијата, а на совет кажале дека јас не сум се појавил на испитите. Кога отидовме да се жалиме кај одговорните во училиштето наидовме на молк и лица кои не можеа да ве погледнат во очи. Бидејќи законот беше на моја страна, пријавив во Државниот просветен инспекторат. Кога разбраа за кој ученик се работи, не сакаа ниту печат да удрат на приговорот. По неколку дена, добив писмено известување. Одговорот беше “Училиштето направило пропусти...”, да буквално со три точки ! Во официјален и службен документ ! Ја изгубив годината. Тогаш сватив дека каде што има сила нема правдина!-додава Кирил Ристески. Тој сега е вонреден ученик во Струмица. Задоволен што нервозата и притисоците ги оставил зад себе и што барем малку може слободно да и се посвети на својата животна љубов-спортот. Вели, градот Струмица, го воодушевил, не само како еден нов, модерен и културен центар, туку и како место во кое можете слободно да се реализирате. Но, тагата и разочарувањето за нереализираните идеи, или можеби можноста некој да го ислуша гласот на учениците па да се избори за заедничко решение, сеуште во него будат чувство дека нешто не функционира како што треба. Еве и денес, покрај притисоците, во што ги гледа проблемите во образовниот систем: “Нашиот образовен процес и систем не е сјаен. Има безброј проблеми. Почнувајќи од учениците и професорите. Образовниот процес наместо да напредува, тој само уназадува. Пример, многу ученици ги напуштаат последните два часа. Некој треба да се запраша Зошто тие ученици ги напуштиле последните два часа? Зошто некој ученик не сака да појде на првите два часа ? Зошто некој не ги слушне предлозите, сугестиите и критиките на учениците ? Впрочем, со самото затварање на вратите на училиштата и заканите кон учениците за време на протестите против екстерното тестирање ги покажаа пропустите, дека на учениците што ќе им кажат, мораат да прават.А, резултатот беше, единици во свидетелствата кои влегуваат во општиот успех, технички неуспешен обид за екстерно тестирање, препишување, нереални оценки, незадоволни а замолчени наставници и професори. Значи, потребни се промени, потребно е да се промени системот на работа!”-вели Кирил Ристески. Стравот надвладеал со младината! Стравот помеѓу младите, според младиот средношколец, е очигледен. “Јас бев среќен од протестите против екстерното тестирање. Бев среќен бидејќи успеав да ги разбудам младите и да ги охрабрам да излезат на улица и да се борат за нивните права. Бев среќен кога ми пристигаа пораки за поддршка, кога гледав како младите пишуваат на социјалните мрежи.Кога стигаа информации до мене од протестите во Куманово, Струмица, Берово, Тетово... Јас бев среќен од будноста на младината. Исто така, не можам да ги заборавам оние кои што беа околу мене цело време, кои што веруваа во моите одлуки и кои што останаа со мене до крај. Стефан, Михаил, Мартин, Салем, Филип, Христина, Ивана, Јована, Викторија. Извинете ако некого сум заборавил. Посебно бев исполнет, кога на мојот именден, на денот на нашите просветители 24 мај, СВ”Кирил и Методиј”, кога беше протестот во Скопје, околу 3000 ученици беа присутни. Покрај нив, и професори и родители. Според мене, младите сеуште не се свесни дека НИЕ сме иднината на оваа држава”. Иднината...надвор од Македонија! Кога желбата и амбицијата е едно, а реалноста друго, излезот мора да се бара во трета опција. За средношколецот Кирил Ристески, како и за многу млади луѓе од земјава, следната дестинација е надвор од границите на земјава. Среќен е што зад себе, ја има подршката од родителите, со кои заедно ја поминал агонијата на притисоци, закани и отфрлања. Тој планира своето школување да го продолжи во сеуште непрецизирана, но со сигурност вели, друга животна дестинација. Според младиот Кирил Ристевски, моментално кај нас нема простор за амбициозни и квалитетни кадри, освен за оние со партиска книшка. А, и нив ги има многу! Квалитетот и знаењето, поради одработување или исполнување на политичките обврски, вели, ја загубија вредноста. Потчинувањето и желбата полесно, без многу мака и труд, да се стигне до функција, стана преокупација на луѓето. “Доколку не се смени за брзо време сето ова, јас не се гледам во ова општество”-завршува Кирил Ристески. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад

ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА: Овие земји ја испробаа и не се враќаат назад