Добивај вести на Viber
На свечената манифестација која вчеравечер се одржа во хотелот Александар Палас, граѓанската организација Центар за институционален развој – ЦИРа и додели награда на општина Карпош за филантропија и општествена одговорност за 2012 година. Оваа независна организација според своите истражувања и анализи, одлучи да и оддаде признание на Општината, за нејзиниот досегашен придонес кон креирање на позитивно опкружување, за развој на филантропијата на локално ниво. Со тоа, општина Карпош стана првата јавна институција од локална власт во Република Македонија, која добила награда од ваков тип.
Како што истакна градоначалникот Стевчо Јакимовски, вратите на оваа институција ќе бидат секогаш ширум отворени за своите сограѓани на кои им е потребна помош.
Наградата општина Карпош ја заслужи со својот особен придонес кон управувањето и развојотна филантропијата, како и развојот на нови концепти и модели за унапредување на донаторските практики. Како нејзини најзначајни постигнувања за минатата 2012 година, се вбројуваат, отворањето на пет прифатни центри за згрижување на бездомни лица, организација на серија обуки за деца и родители од сите четири предучилишни установи од Општината на тема ,,Осамостојување на децата од најмала возраст сами да ги извршуваат основните потреби”.
Како позитивен пример за грижа за децата од општината го посочија минатогодишното учество преку Македонското Монтесори здружение, на меѓународниот проект ,,Играј со мене” кое се одржа во Љубљана, Р. Словенија. Важно за напомена е организираната средба и доделувањето на еднократна парична помош за 30 лица со посебни потреби, по повод Денот на лицата со посебни потреби 3-ти Декември. Општина Карпош, како водечка општина во рамките на социјалната инклузија, ја поддржува Манифестацијата ,,Различни, а еднакви” и учествува на Саемот за попреченост и превенција во Струга. Има отворено клуб за апстиненција од алкохол. Вистинскиот израз на алтруизмот, Општината го потенцира преку традиционално организираните хуманитарни акции по повод Велигденските празници, одбележувањето на Денот на општината, (3 Ноември) и за Новогодишните и Божиќните празници. За своите сограѓани кои се социјално загрозени, локалната смоуправа има доделено еднократна парична помош за 152 лица, 107 за лекување, 11 за лица со хендикеп и четири за елементарна непогода. Општинскиот буџет обезбеди еднократна парична помош за 182 новороденчиња.
Целта на јавната награда и епитетот ,,филантропи на годината” со кој се стекна општина Карпош, е да се препознаат добрите практики на одговорното делување и да и се оддаде признание на оваа институција за нејзиниот придонес кон заживување и развој на вредностите на солидарност, хуманост и општествена одговорност. Оваа година, Наградите за филантропија и општествена одговорност се финансирани од Европската унија, преку програмата за јакнење на граѓанското општество во рамките на проектот SIGN за одржливост, каде што ЦИР-а е вклучена како партнерска организација, одговорна за активностите во Македонија.