02 Јануари, 2025
0.0435

Во Украина за денес најавуваат крај на жешката фаза на војната!

Објавено во: Колумни 30 Декември, 2024

Добивај вести на Viber

Во САД слетале високи функционери од Русија. Ова го напишаа вчера украински медиуми, повикувајќи се на руски телеграм канали. Според нив на 25 декември во Вашингтон слетал авион кој припаѓа на администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин. Се тврди дека според податоците на шведскиот интернет сервис Flightradar, рускиот авион престојувал во Вашингтон и Њујорк, а вчера се вратил во Москва. За суштината на тоа патување нема коментар ниту од една страна.

Во саботата, пак, украинскиот телевизиски водител, Дмитриј Гордон, во едно интервју изјави дека војната во Украина ќе заврши годинава, дека денес ќе се одржи некоја средба, која ќе стави крај на конфликтот.  Ова не е првпат Гордон да дава изјави за тоа дека „жешката фаза од војната ќе заврши годинава“. Тоа го има изјавено и во септември претседателот Владимир Зеленски го посети Вашингтон. Па, Гордон најави, дека  после посетата, Русија „ќе биде легната на плешки“...дека Русија ќе биде воено поразена и сл. Што секако до ден денес не се случи. Гордон се јави и вчера. Тој повторно настојуваше дека токму денес ќе дојде крајот на „жешката фаза“ на војната.  Изјавите ги пренесуваа украински телеграм канали. „Денеска сме 29 декември 2024 година. Јас уште еднаш повторувам, жешката фаза на војната завршува годинава. Ќе ми речат: „Си побудалел – до крајот на годината има само два дена“. Не, другари, не сум побудалел.

Имам информација и сега ќе ви ја пренесам“, изјавил Гордон. Па рече дека последниве денови нема тревоги, дека летаат помалку руски дронови над Украина и сосема нема ракети. Дека е намалена заканата. Нема бомбардирање пред Нова година. Наводно, според Гордон, сето тоа е последица на тоа што од Вашингтон го замолиле рускиот претседател тоа да не го прави. Гордон најавува дека денес ќе се одржи „историска средба“ за крај на жешката фаза на војната.

Може ли да му се верува на Гордон? Факт е дека унгарскиот претседател Виктор Орбан предложи божиќен прекин на огнот, кој во украинското МНР беше оценето како „аморална манипулација“. За волја на вистината, украинскиот претседател, Владимир Зеленски, најави дека денес очекува во САД да биде објавен голем пакет помош за војската на Украина. Тоа тој го соопшти синоќа истакнувајќи дека се работи за важно американско решение, значајни пакети поддршка за војската.

Рускиот телеграм канал  Инсајдер-Т, кој не е близок на Кремљ, напиша, повикувајќи се на инсајдерски извори, дека посетата на Вашингтон на руските официјални лица може да е поврзана со тајни преговори за иднината на конфликтот во Украина. Се претпоставува дека на тие средби присуствувале советници на Доналд Трамп, активни американски чиновници и руски претставници. Се разгледувал нов систем на договори.Клучен резултат од преговорите, според првите информации, бил договорот, териториите, коишто се под контрола на Русија да останат кај неа, а Украина да добие гаранции за безбедност, надвор од рамките на НАТО. Овој пристап им одговара на САД, кои се заинтересирани за стабилизирање на ситуацијата, а може да биде корисен за Русија, бидејќи ги потврдува нејзините територијални придобивки. Инсајдерите забележале дека ваквиот план ја одразува подготвеноста на Москва и на Вашингтон, прашањата да се решаваат директно, игнорирајќи го мислењето на европските сојузници и на самата Украина.

НА МОСКВА НЕ И ОДГОВАРА ПРИМИРЈЕ

Сето погоре кажано може да се смета и како провокација, но и како дел од пропагандата во рамките на специјалната која трае со години. Мала искра на точност фрла изјавата на украинскиот амбасадор во ОН,  Андреј Мељник. Тој вчера изјави дека Украина за крај на војната со Русија е согласна со добивање гаранции за безбедноста, не поврзани со НАТО! Ова е отстапување од приодот на Зеленски кој бараше членство во НАТО, како услов за преговори и договор со Русија. Веројатно сега Украинците ја менуваат тактиката пред преговорите, кои стануваат се поизвесни.  Андреј Мелник во интервју за „Берлинер Моргенпост“. Рече дека: „Членството на Украина во НАТО останува на агендата. Сепак, прашањето за безбедносните гаранции е од централно значење за нас како привремено решение. Но, ова мора да оди подалеку од чисто политички ветувања, како Меморандумот од Будимпешта од 1994 година. Нашите партнери мора внимателно да се посветат на воените средства. кои ќе ги користат за заштита на Украина доколку Русија повторно ја нападне“, рече тој. Според него таквите „привремени“ договори „можат да станат дел од можниот голем мировен договор со Русија“.

Од друга страна, Москва уште еднаш изјави дека не и одговара примирје, туку само мировен договор за ставање крај на војната во Украина. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го изјави ова во интервју за руски државни изданија. Русија е отворена за преговори за Украина, но договорот мора да стане неповредлив. Може да стане збор само за сигурни, правно обврзувачки договори, кои треба да ги отстранат главните причини за конфликтот и во кои треба да биде вграден механизмот за неможност на нивно нарушување“, изјави Лавров. Тој, исто така, истакна дека Руската Федерација не е задоволна од предлозите на соработниците на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да се одложи членството на Украина во НАТО за 20 години и да се донесат мировници од Европа и Велика Британија.

Како што стојат сега работите, а и фактот дека руски авион од претседателската флота бил два дена во САД, очигледно е дека мировните преговори веќе се водат меѓу Американците и Русите. Веројатно веќе си кажале едни на други што сметаат за конфликтот во Украина. За Русија не се прифатливи западни војници, ни како обучувачи, ниту пак како мировни сили. Исто така неприфатливо е и членството на Украина во НАТО. За Западот, пак не е прифатливо Украина да ги повлече војските од целите територии на Украина, чии големи делови сега се под контрола и се официјален дел од Руската Федерација. Ако овде нема компромис, тогаш преговорите сигурно ќе пропаднат. Независно колку оружје утре ќе и даде Америка на Украина, како што најави Зеленски. Јасно е дека украинските воени успеси во наредната година може да бидат само желба на Украинците. Може да се случи тие и натаму да губат територии. Недоволниот број војници, моралниот пад во војската, менувањето на ставот на повеќето земји од Европа кон војната, поттикнат, пред се“, од економските проблеми и бесперспективноста на војната, доведува до спуштање рампа за поголем помош.

ТЕМЕЛ НА ИДНА СРЕДБА НА ВРВОТ

Не дека во Русија работите на економски план се подобри. Или пак дека воените придобивки брзо се стекнуваат.  А да не говориме за обостраните жртви. Затоа и Путин е подготвен да се види со Трамп. Таквата средба не може да гарантира успех. Но сепак вреди да се проба.

Средбите од тој вид се подготвуваат внимателно. Русија, Лавров,  смета дека дијалогот е прекинат од страна на Американците, па затоа тие треба да го направат првиот чекор“. Можеби во Вашингтон и во Њујорк, како прв чекор, навистина биле поканети претставници на администрацијата на Путин, кои имале  разговори со претставници од тимот на Трамп и од сегашната Администрација. Можеби го ставаат темелот на идна средба на двата лидера. Но, прв показател за такво нешто, по неколку средби на „носачите на вода“, секако ќе биде средба на Сергеј Лавров со Марко Рубио, сега потенцијалниот државен секретар  за надворешни работи на САД. Дваесетиот ден од јануари наближува.

А во меѓувреме Доналд Трамп, дава изјави од кои блика најава за  непочитување на меѓународното право. Она за што ја обвинуваат Русија. На тапет кај Трамп засега се Канада, Мексико, Панама, Гренланд...Се отвора прашање, дали не станува збор за нова Монроова доктрина. Создавање на нови сфери на интереси. Кои сигурно ќе го засегнат светот, а и Украина во сегашната фаза од војната. Можеби ќе стане збор за пазар меѓу Трамп и Путин, а можеби и некој трет, четврт..! Но за тоа наредниот понеделник. Сега да почекаме да видиме што станува со најавите од Киев за денешниот ден. Дали некој ќе се радува, а друг ќе се лути...


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Енергетската иднина на Македонија се гради денес

Енергетската иднина на Македонија се гради денес