Контраофанзива на Украина – Зеленски не сака да го зборува, ама е искрен на руски јазик
Објавено во: Колумни 06 Јануари, 2025
Вчера изутрина од Русија соопштија дека украински војски почнале контраофанзива во Курската област, на североисток од Суџа, која е под нивна контрола. Во „Центарот за борба со дезинформации“, при Советот за национална безбедност на Украина во текот на денот ова беше потврдено. „Во Курската област големи грижи за Русите, затоа што беа нападнати од неколку насоки што беше неочекувано за нив. Силите за одбрана се трудат“, изјавија од Центарот. Ова го потврди и човекот број два во Украина, Андреј Јермак, шефот на Канцеларијата на претседателот Владимир Зеленски. „Курска област, добри новости, Русија го добива тоа што заслужува“, напиша тој. До крајот на денот од фронтот доаѓаа само неодредени информации.
Но затоа вечерта во Украина беше емитувано интервјуто на Зеленски, долго повеќе од три часа, дадено на американскиот подкастер, Лекс Фридман, кој има руско потекло. Зеленски одговараше, главно, на украински јазик со преведувач. Фридман порано предлагаше да го води интервјуто на руски јазик. Зеленски не се согласи. „Јас не го почитувам раководителот на Русија, ни рускиот народ. И не сакам да му дадам пас на Путин за тој одново да изјави дека, наводно, сме ист народ и дека зборуваме на ист јазик“, одговори Зеленски. Но затоа, кога стануваше збор за критики на рускиот претседател, Владимир Путин и други, тој искрено, на руски јазик користеше, најблаго кажано, несоодветни изрази. Веројатно на човекот му е преку глава од се’, фрустриран е и лут. „Како ги убиваше тој(Путин) Чеченците, со љубов?. Чинам, е*ење, во прегратки“, изјави претседателот Зеленски“.
Тој нејќе да води преговори за решавање на конфликтот со Доналд Трамп и Путин на една маса. Тој сака прва да се види со Трамп и кон преговорите со Кремљ да ги привлече европејците. Значи прво да се договорат со Трамп и Европа, да се чуе и нејзиниот глас. Да се договорат како може да ја сопрат војната. Какви гаранции ќе се даваат, па дури потоа да се разговара со Путин. Украинскиот претседател смета дека Путин сака да го скара со новиот американски претседател, Доналд Трамп и да ја заврши окупацијата на Украина. „Тој(Путин) денес се плаши од Трамп. И во моментот кога Трамп ќе се согласи со прекин на огнот без сериозни гаранции за безбедност на Украина, тој ќе му даде пас на Путин. Тој тоа не го сака, но ќе му даде можност на Путин, затоа што во „тимбата“ на Путин е да ме скара мене со Трамп. Во „тимбата“ на Путин е да ја заврши окупацијата на нашата територија. Сето тоа е во неговата болна глава, јас сум апсолутно уверен во тоа. Затоа не ги чекајте желбите на Путин, натерајте го да ја сопре војната“, рече Зеленски.
ДОНАЛД ТРАМП – ПОСЛЕДНА НАДЕЖ
Украинскиот претседател знае кој му е последната и најважната надеж во војната со Русија. Америка, односно Доналд Трамп. Тој во интервјуто намерно праќа пораки до Трамп, а како контрапункт го става Путин. Се чини, дека и интервјуто е испланирано во предвечерието на инаугурацијата на Трамп. Според него, Трамп не доаѓа на власт доживотно, туку само за својот претседателски мандат. Со ова како да го предупредува американскиот претседател, што и како ќе прави за време на мандатот. „Да речеме тој е дојден за четири години, а петтата година Путин ќе почне војна. На Трамп ќе му биде полесно, бидејќи за негово време немало војна, а после него ја уништиле Украина. Зошто ја уништиле? Затоа што Путин може да е кој било, ама не е глуп. Тој ќе се подготви, ги знае сите грешки, сфаќа, како ние им ја разбивме армијата на почеткот на инвазијата...тој ќе вложи се’ на производство на оружје. Тој ќе има многу оруже и голема армија. И нема да се бори само со Украина, ќе уништи се’ околу него. А ако има ризик Трамп да излезе од НАТО – Путин ќе ја уништи Европа“, изјави Зеленски. Инаку, Зеленски му предложил на Трамп да купи американско оружје за сметка на 300-те милијарди руски активи. Ова веројатно сметајќи на заинтересираноста на Трамп за бизнис, но, да не заборавиме дека токму Трамп го нарече Зеленски „најголем трговец во светот“. Што впрочем се потврди и со понудата од Зеленски до словачкиот премиер, Роберт Фицо, за 500 милиони долари да не го блокира членството на Украина во НАТО. По што избувна голем скандал, а последиците од него се чувствуваат токму сега.
Колку што Путин не е глуп, не е глуп ни Зеленски. Но сега е фатен на орото и мора да го игра до крај. Оттука и сите заплашувања дека Путин ќе ја уништи Европа и слично. Прво, Европа е под чадорот на НАТО, а рускиот претседател сигурно не сака и не може да војува конвенционално со НАТО. Затоа што поразот ќе биде неминовен, освен ако не дојде до апокалиптична нуклеарна војна во која ќе бидат поразени сите. Второ, Трамп нема никогаш да ги извади САД од НАТО. Но ќе бара повеќе пари од Европа за Алијансата. Трето, Зеленски како да е настроен за долготрајна војна со Русија. Е тука губитници ќе бидат, пред се’, Украина и Русија, со тоа што Киев ќе биде осакатен на долги години, а не помалку и Русија. Реалноста зборува дека брз крај на војната е најдобра варијанта за двете страни, но и за Европа. Впрочем не случајно последниве месеци се повеќе се зборува за некакво мирно решение.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, деновиве имаше интервју за „Њујорк тајмс“ во кое стана збор и за тоа дали не е дојдено време за крај на војната во Украина. Блинкен смета дека за тоа треба да одлучат Украинците. Тие да решат каде е нивната иднина и како да ја достигнат. Каде минува на картата сегашната линија на фронтот, за која што тој мисли дека принципиелно нема да се промени. Барем во догледна иднина. И Блинкен, како и Русија, е против прекин на огнот. Причината е дека Русија би можела да се одмори од војната и да се вооружи и одново да нападне. Русија, пак, мисли дека Украина ќе се одмори и ќе добие ново оружје за продолжување на војната. Затоа Блинкен е заговорник за давање на некакви безбедносни гаранции на Украина, членство во НАТО или гаранции од повеќе земји. Со што Русија би се замислила дали повторно ќе напаѓа. А за новата граница меѓу Русија и Украина? Има варијанти таа да не биде призната од оние кои што нема да сакаат да ја признаат. А во меѓувреме да се прават напори за нејзино менување по политички пат. Патем, на Балтичките земји кои беа во состав на СССР им беа потребни 45 години да стекнат независност. Американците нив не ги признаваа како составен дел од Советскиот Сојуз.
ТИВКА ИСПОРАКА НА ОРУЖЈЕ
Но, не беше само Путин подложен на критики од Зеленски, иако кон него тие беа „најсочни“. Тој во интервјуто се „нафрли“ и на сојузниците, пред се’ САД, од кои барал оружје и пред инвазијата да воведат превентивни санкции кон Русија. Да не му велат дека „ако тој (Путин) дојде, ако ја премине границата, ако почне да убива ние ќе воведеме санкции“. „Извинете, ама тоа е сра*е, рече Зеленски. На прашањето дали тој смета дека не добивале помош, Зеленски е категоричен: „Сметам дека не. Не добивавме помош...Ако сметаме дека зборовите се помош, тогаш ние ја добивавме премногу, затоа што имаше претерано зборови, дури повеќе од претерано“. Лесно му е на Зеленски да фрла камења по САД и нејзиниот претседател и администрацијата, сега кога тие се на заминување.
Демантот за помошта стигна и во споменатото интервју на државниот секретар Блинек. Тој изјави дека сите западни сојузници, како и Украина биле подготвени за инвазијата. „Ние бевме убедени, уште пред да почне руската агресија, уште во септември, а потоа и во декември, полека, тивко, и’ испорачавме многу оружје на Украина, за да бидеме уверени дека тие имаат се што им е неопходно за самоодбрана, во тие рамки и „стингери“ и „џавелини“, кои одиграа важна улога во тоа, да не и се дозволи на Русија да го освои Киев, да ја освои земјата, да ја избрише од картата, нашите оружја овозможија да ги отфрлат Русите назад..“, изјави Блинкен.
Украинскиот претседател во интервјуто кажа дека за прекин на војната на Украина и требаат безбедносни гаранции, не само на „хартија“, бидејќи во свое време гарантите на Меморандумот од Будимпешта „ги болел к*р“ за Украина. Според Зеленски, после окупацијата на Донбас и Крим Украина три пати за неколку години испраќала писма до гарантите од Меморандумот од Будимпешта. Писма за консултации, како што било предвидено со меморандумот. Но никој не одговорил на тие писма. Ниту САД, ниту Британија, нити Русија, ни Франција, ни Кина. Тој вели дека со Трамп разговарал за Меморандумот и дека разговорот ќе продолжи. Патем, Зеленски „јавно“ мечтае да оди на инаугурацијата на Трамп. Овој кажа дека го нема покането Зеленски, но доколку украинскиот претседател дојде, нема ништо против тоа.
МАКИ И ОЧЕКУВАЊА
Или Зеленски е наивен или пак очекува оние кои му даваа оружје и го тераа да војува, наместо да преговара уште во март 2022 година за мир, навистина да влезат во војна со Русија. Точно е дека тој може да им рече дека „вие ме теравте да војувам, наместо да преговарам“. Ама заборава дека интересите на сојузниците не секогаш се совпаѓаат со интересите на Украина. Така било, така и ќе биде за се’ во светската политика. Секоја држава поаѓа од своите интереси. Впрочем, пукнатините во НАТО и во ЕУ, околу Украина, се само потврда за ова.
Конечно и една реалност. Зеленски прифаќа да остане без териториите под руска контрола и кои официјално се дел од Руската Федерација. Во интервјуто тој изрази подготвеност да го разгледа распространувањето на гаранциите од НАТО, само на териториите контролирани од Украина. „Тоа не е голем успех за нас, но ако видиме дипломатски начин за завршување на војната, тоа е прво. Второ-пакет вооружување“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател си ги кажа своите маки и своите очекувања. Не му е лесно и нема да му биде полесно. Ситуацијата на фронтот не оди во негов прилог. Русија упорно напредува на истокот. Обидот на Украина за нова контра офанзива во Курската област може да остане само обид. Минатата недела во едно ТВ-интервју тој рече дека ќе направат се’ во јануари да се стабилизира фронтот, иако тоа е многу тешко“. Ако е тешко да се стабилизира фронтот, тогаш зошто е започната новата воена операција во Курската област? Во декември Украина доби многу оружје и пари, пред се’ од САД. Можеби се подготвува нешто посериозно. Одговори ќе следуваат уште денес. А дотогаш да ја видиме листата на „Црните лебеди“ на Politico. Листа на непредвидливи и малку веројатни настани, кои се’ уште не се случуваат, но можат да почнат да се случуваат. Има нешто и за Украина. Помош при составување на листата дале научници, футуристи и аналитичари.
Списокот вклучува: Тајни договори меѓу Русија, САД, Иран и Израел во врска со иранското нуклеарно оружје и спречување конфликт меѓу Техеран и Тел Авив; Најголем сајбер напад во историјата; Сојуз на Доналд Трамп и Шји Џинпинг, како и нивна заедничка работа со Владимир Путин за договорот за Украина; Голема епидемија во САД; Пазарен колапс и глобална паника; Одлучувачки пробив во квантното пресметување; Соборување на Александар Лукашенко и судири во САД поради промени на границите меѓу државите.
Мирче Адамчевски