29 Април, 2024
0.0294

АМБАСАДОРКАТА ЗАДОРОЖЊУК ЗА ФАКТОР: Украинците учат прва помош, се приклучуваат на територијалната одбрана

Објавено во: Македонија 20 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

И покрај постојаното претчувство за ескалација, повеќето Украинци се веќе навикнати на состојба на постојана криза. Но, повторувам, се подготвуваме за какви било сценарија. Луѓето активно посетуваат курсеви за прва помош, се приклучуваат на локалните сили за територијална одбрана. Ние го живееме денешниот живот (бидејќи секој  има еден), но мора да бидеме подготвени за најлошото, вели во разговор за Фактор, Наталија Задорожњук, вонредна и ополномоштена амбасадорка на Украина во Македонија.

Како гледате на актуелната ситуација во Украина? Дали очекувате поголема ескалација на односите меѓу Русија и Украина и каква очекувате да е поддршката од Европската Унија и НАТО?

Задорожњук: Украина веќе 8-ма година живее во војна. Во 2014 година Русија брутално ги прекрши сите основни принципи на меѓународното право и го окупираше Крим и некои делови на Доњецката и Луганската област. Огромни ресурси - човечки и материјални се одземени од оваа војна. Околу 15.000 луѓе загинаа, а околу 2 милиони беа принудени да ги напуштат своите домови поради руската окупација.

Ситуацијата на линијата на поделба на територијата и понатаму е крајно тензична.  Од 17 февруари 2022 година руската окупаторска војска значително го зголеми прекршувањето на режимот за прекин на огнот со употреба на оружје кое е забрането со договорите од Минск. Непријателот оствари таргетирано гранатирање на социјалната инфраструктура, ранувајќи двајца цивили. При тоа, со користење на дезинформации и пропаганда, руските окупациски администрации ги обвинуваат Вооружените сили на Украина за гранатирањето на цивили.

Грубите прекршувања на договорите од Минск од страна на руските окупаторски сили кои се случија во текот на овие денови мора да се истражат. Ова ќе овозможи поефективна акција во иднина со цел одржување на режимот за прекин на огнот. Крајно цинично е тоа што мета на гранитизирање се градинките и училиштата.

Но, Украинците продолжуваат да му даваат отпор на агресорот и да ја развиваат својата земја. Се разбира, ние се наоѓаме под постојан стрес. Ако на вашата граница има околу 150.000 војници, ако постојано слушаме закани, ако против нас постојано се вршат провокации, сајбер напади, исклучително се интензивираше бучната руска пропаганда, сигурно дека ќе бидете во постојана тензија.

Јасно ни е дека Русија нема да го прифати фактот дека Украина го направи својот избор, дека до неа има земја која се стреми да живее како повеќето европски земји, исповедајќи ги демократските вредности, слободата на говорот, човековите права,место каде што има избор, земја која не сака да има тоталитарен систем на чело со цар кој владее веќе 20 години, во кој нема опозиција затоа што е или во затвор или физички уништена. Затоа се подготвуваме за долгорочно спротивставање.

Но, во оваа, јас би ја нарекла, цивилизациска војна, не сме сами. Сите демократски земји во светот се со нас. Затоа што токму сега во ситуацијата со Украина се решава прашањето за меѓународната безбедносна архитектура. И ние сме им исклучително благодарни на нашите сојузници и партнери за нивната огромна поддршка - политичка, економска, воено - техничка. Русија очекуваше дека Западот ќе биде поделен, но ние гледаме целосно единство меѓу земјите на ЕУ и НАТО за запирање на Русија.

Каква суштина во моментов има кризата во Украина, каков е животот, дали има страв меѓу населението, како овие работи го афектираат обичното население?

Задорожњук: Како што веќе напоменав, веќе 8 години сме во оваа необјавена од страна на Русија војна. Но, ние продолжуваме да се развиваме, да ги спроведуваме потребните реформи. Украинците се подготвени за секаков развој на ситуацијата, но нема паника. Секој работи, го живее својот нормален живот. И покрај постојаното претчувство за ескалација, повеќето Украинци се веќе навикнати на состојба на постојана криза. Но, повторувам, се подготвуваме за какви било сценарија. Луѓето активно посетуваат курсеви за прва помош, се приклучуваат на локалните сили за територијална одбрана. Ние го живееме денешниот живот (бидејќи секој  има еден), но мора да бидеме подготвени за најлошото.

Што според вас е најлогичното решение сега?

Задорожњук: Најлогично и најправилно решение е деескалација на ситуацијата од страна на Русија, повлекување на сите војници од границите, нивно враќање во касарната.

Каква поддршка очекувате од Македонија, и каков однос со оглед на тоа што земјава е и членка на НАТО?

Задорожњук: Благодарни сме ѝ на пријателската Република Северна Македонија за недвосмислената поддршка на Украина. Оваа поддршка ја имаме од самиот почеток - од моментот на нелегалната анексија на украинскиот Крим од страна на Руската Федерација и окупацијата на одредени делови на Доњецката и Луганската област. А оваа недвосмислена поддршка ја имавме и пред влезот на Северна Македонија во НАТО. Ѝ благодариме и за официјалното учество во Кримската платформа, поддршката за сите наши резолуции во меѓународните организации. Сега, кога Северна Македонија стана полноправна членка на НАТО, оваа поддршка ќе расте уште повеќе.


Дали има тренд на раст на економските односи меѓу двете земји во последниот период? Како евентуално влошување на ситуацијата може да ги погоди овие односи?

Задорожњук: Однесувањето и политиката на Русија имаат исклучително негативно влијание врз развојот на сите процеси. Наместо да се занимаваме со развој, економија, имплементација на конкретни проекти корисни како за Украина, така и за Македонија, сега најголемиот дел од времето го трошиме на безбедносни прашања. Цивилизираните земји се обидуваат да одат напред, да развиваат технологии, да го подобруваат животот на своите граѓани, а Русија се стреми да води војни, да уценува со својот гас и да ја наметнува својата идеологија.

 Украина има одлични односи со Северна Македонија, како политички, така и економски. Северна Македонија моментално е рангирана на третото место меѓу трговските партнери на Украина на Балканскиот регион (по Бугарија и Србија, претекнувајќи ја Хрватска).

Со големо задоволство би сакала да го забележам постојаното зголемување на меѓусебната трговија меѓу Украина и Северна Македонија во текот на изминатите неколку години.


Во 2020-21 година трговската размена се зголеми за речиси 50%, а сега изнесува речиси 170 милиони долари, што е најдобар резултат од нашата меѓусебна трговија во последните 8 години. И сето тоа се должи не само на растот на украинскиот извоз во Северна Македонија, туку и на зголемувањето на извозот на стоки од Северна Македонија во Украина. Се надевам дека наскоро потпишувањето на измените на нашиот Договор за слободна трговија ќе ни овозможи да продолжиме со овој прекрасен тренд и очекуваме уште поголем раст на нашата билатерална трговија, особено во земјоделските производи.

Успеавме да ја деблокираме (по 12 години пауза!) дејноста на Меѓувладината украинско-македонска комисија за трговско-економска соработка, чија трета седница се одржа во јуни 2021 година во Кијив. Во моментов активно се работи на реализирање на соодветните договори.

Ја интензивиравме соработката меѓу водечките стопански комори на двете земји.

Активно работиме и на проширување на договорно - правната рамка на билатералните односи: потпишани се низа важни документи.

Ние, исто така, веруваме дека значителни придобивки за развојот на економската, туристичката и културната соработка можат да донесат меѓурегионалните врски, пред се меѓу збратимените градови на Украина и Северна Македонија, кои во моментов ги има повеќе од 10.

Во моментов гледаме исто така големи перспективи и во развојот на туристичката сфера на нашата билатерална соработка. Гледаме дека Украинците веќе активно ја откриваат вашата прекрасна земја. Минатата година речиси 10.000 украински туристи ја посетија Северна Македонија, што е рекордна бројка за многу долго време.

Во декември 2021 година беше реализирана успешна посета на трговска мисија од Лавовската област во Македонија, имаше размена на искуства во областа на промоција и создавање мрежи на приватниот туристички сектор.

Верувам дека граѓаните на нашите две прекрасни земји имаат прекрасна шанса уште повеќе да го искористат својот географски, природен и рекреативен потенцијал. Веќе трета година по ред на сила е билатералниот Договор за безвизен режим, така што постојат сите можности граѓаните на Украина и Северна Македонија да ги откриваат за себе нашите две прекрасни земји.

Сметате ли дека има простор за подобрување на соработката?

Задорожњук: Украина и Северна Македонија се исклучително блиски земји. Ја имаме секоја можност дополнително да ги интензивираме билатералните односи. Делиме заеднички европски вредности, имаме заеднички надворешнополитички приоритети - ЕУ и НАТО, имаме значителен потенцијал во економската сфера. Имаме многу планови. За понатамошно проширување на присуството на Украина во Северна Македонија, во моментов активно работиме на отворање на Почесен конзулат на Украина во еден од регионите на Северна Македонија. Овој процес бара одредени процедури, но сигурна сум дека ќе го отвориме оваа година.

Главната работа е никој да не ни пречи, да не ни се меша, да не решава за нас, а нашите заеднички активности да бидат насочени кон продлабочување на односите меѓу нашите пријателски земји и подобрување на животот на обичните граѓани на Украина и Северна Македонија.

А.Т.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ ЗАЕВ ОД ДАЛЕЧИНА САКА ДА МУ ПРЕНЕСЕ НЕКАКВА ПОРАКА НА КОВАЧЕВСКИ - еве што кажа во Америка

ДАЛИ ЗАЕВ ОД ДАЛЕЧИНА САКА ДА МУ ПРЕНЕСЕ НЕКАКВА ПОРАКА НА КОВАЧЕВСКИ - еве што кажа во Америка

МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ: Засега нема договор за поддршка на некој од претседателските кандидати, за тоа ќе одлучува партиското раководство

МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ: Засега нема договор за поддршка на некој од претседателските кандидати, за тоа ќе одлучува партиското раководство

Пендаровски: Нашата понуда е единствена која гарантира дека Македонија ќе оди напред

Пендаровски: Нашата понуда е единствена која гарантира дека Македонија ќе оди напред

„БИТИЌИ СРАБОТЕ АНТИКРИЗНИ МЕРКИ, БЕКТЕШИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ИНФЛАЦИЈАТА, И ГО ИМАШ ГРУБИ КОЈ ИГРА ФУДБАЛ ВО КАНЦЕЛАРИЈА“ - Ковачевски со поостра критика за кадарот на ДУИ

„БИТИЌИ СРАБОТЕ АНТИКРИЗНИ МЕРКИ, БЕКТЕШИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ИНФЛАЦИЈАТА, И ГО ИМАШ ГРУБИ КОЈ ИГРА ФУДБАЛ ВО КАНЦЕЛАРИЈА“ - Ковачевски со поостра критика за кадарот на ДУИ

ВИСОК Е 63 И ПОЛ МЕТРИ И Е ВТОР ПО ГОЛЕМИНА КРСТ ВО ДРЖАВАТА - в очи на Велигден осветен крстот во Драчево

ВИСОК Е 63 И ПОЛ МЕТРИ И Е ВТОР ПО ГОЛЕМИНА КРСТ ВО ДРЖАВАТА - в очи на Велигден осветен крстот во Драчево

Крмов од Велес: Велешани ја препознаваат Левица како единствена опција која потекнува од народот ​​​​

Крмов од Велес: Велешани ја препознаваат Левица како единствена опција која потекнува од народот ​​​​

ИМА НЕДВИЖЕН ИМОТ НА СВОЕ ИМЕ, ДОСЕГА Е НЕОСУДУВАН... - од Врховен суд ги изнесоа причините зошто не треба затворски притвор за таткото на Вања

ИМА НЕДВИЖЕН ИМОТ НА СВОЕ ИМЕ, ДОСЕГА Е НЕОСУДУВАН... - од Врховен суд ги изнесоа причините зошто не треба затворски притвор за таткото на Вања

„АКО СЕ БИДЕ ВО РЕД, ВО ИДНАТА ВЛАДА ЌЕ БИДАТ ЗАЕДНО ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ“ - новинарот Латас со прогноза

„АКО СЕ БИДЕ ВО РЕД, ВО ИДНАТА ВЛАДА ЌЕ БИДАТ ЗАЕДНО ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ“ - новинарот Латас со прогноза

Левица во Битола оддаде почит на загинатите бранители во Вејце

Левица во Битола оддаде почит на загинатите бранители во Вејце