13 Мај, 2024
0.0245

Антикорупциска испитува судир на интереси кај Атанаско Тунески, член на Регулаторна - тој признава дека има акции во Макпетрол

Објавено во: Економија 05 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Додека Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) испитува дали постои судир на интереси кај членот на Регулаторната комисија за енергетика Атанаско Тунески, тој во своја реакција потврдува дека иако е член на регулаторното тело поседува и акции во Макпетрол. Според анкетниот лист што Тунески го доставил до Антикорупциска, како што објави телевизија Телма вчера, неговиот имот тежи над половина милион евра. Освен заштедите на банкарски книшки тој пријавил и дека поседува акции вредни околу 30.000 евра, но не навел во кои фирми, што е спорно и што ќе го истражува ДКСК.  

Во изјава за телевизијата првиот антикорупционер изјави дека Тунески има акции во Макпетрол АД, што пак го отвори прашањето како Тунески како член на РКЕ кој е должен да учествува во работата и одлучувањето на седниците на Комисијата, истовремено има увид и во работата на енергетска компанија каде поседува акции.

Тунески денеска вели дека токму Макпетрол бара негова смена од функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и дека таа компанија тврди дека има судир на интереси со оглед на тоа дека има 10 акции таму. Тунески потврдува за акциите и вели дека тие акции ги купил во 2008 година и се занемарливи 0,009 проценти од сите акции на Макпетрол, што значи, како што вели, дека тој е минорен и безначаен акционер во компанијата.

„Акциите не се купени за време на мојот мандат како член на Регулаторна комисија за енергетика, што е во согласност со законските прописи. Ако поседувањето на овие акции прави било каков проблем, јас веднаш ќе ги продадам. Во анкетниот лист имам наведено дека поседувам акции, но, како и во сите други анкетни листови на сите други избрани функционери, не го наведувам називот на компанијата, односно не правам никакво прикривање, а немам ни зошто да правам прикривање. Ако јас како член на Регулаторна комисија за енергетика го фаворизирам Макпетрол како негов акционер заради моите минорни 10 акции, и сум пристрасен и зависен од Макпетрол, тогаш Макпетрол не би барал моја смена, туку би инсистирал јас да бидам член на РКЕ што е можно подолго, вели Тунески.

Тој објаснува и дека не се сложува со барањата на Макпетрол за раст на неговата трговска маржа и со неговото барање за либерализација на пазарот со нафтени деривати, и тврди дека тоа се причините што Макпетрол бара негова смена.

Инаку случајот за судир на интереси го испитува Државната комисија за спречување на корупцијата. Тунески вели дека има докази дека како член на РКЕ бил категорично против пораст на маржата и против либерализација на пазарот на нафтени деривати и тие докази ќе и ги приложел на комисијата. Тие документи според, него ќе докажеле дека тој го штител интересот на потрошувачите за пониски цени на нафтените деривати, а не интересот на трговците со деривати за неоправдани како што вели, екстра профити.

„Ако во иднина јас не бидам член на РКЕ, тогаш во својство на професор на УКИМ уште поупорно и погласно ќе бидам против пораст на маржата на Макпетрол и против либерализација на пазарот на нафтени деривати, затоа што таа либерализација ќе предизвика пораст на малопродажните цени на нафтените деривати за над 20 отсто и овој пораст ќе и овозможи на компанијата Макпетрол огромни и неоправдани екстра профити што ќе ги платат сите потрошувачи на нафтени деривати. Доказ за ова тврдење се повисоките цени на нафтените деривати во соседните држави што имаат либерализирани пазари на нафтени деривати – Албанија, Србија, Хрватска, вели Тунески.

Инаку во анкетниот лист Тунески пријавил и заштеди на повеќе штедни книшки во една банка, дел негови, а дел на сопругата од околу 300.000 евра. Според објавата на Телма само од камати од заштедите годишно му легнувале околу 8.000 евра, а во сефот во банка кој го пријавил имал 20.000 евра. Завел и три станови во Скопје, од 94, 87 и 51 метар квадратен, на негово и на име на сопругата, вредни околу 205.000 евра.

Тунески е некогашен прв човек на комисијата за енергетика на СДСМ и редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше прв човек на компанијата МЕПСО, но беше сменет од функцијата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кога се случи пад на електроенергетскиот систем и граѓаните останаа без струја.

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги велат дека се отворени за соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата во однос на барањето на Макпетрол АД Скопје за смена на  членот на Регулаторната комисија за енергетика проф д-р Атанаско Тунески, со цел да се отстранат сите шпекулации и дилеми во врска со ова барање. 

„Проф д-р Атанаско Тунески  во изминатиот период даде значен придонес во работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и очекуваме дека Државната комисија за спречување на корупцијата ќе му даде можност да ги изнесе своите  аргументи наспроти барањето на Макпетрол АД Скопје за негова смена.

Се до затворањето на предметот РКЕ нема дополнително да се произнесува јавно во врска со истиот се со цел да се заштити интегритетот на функцијата член на РКЕ, велат од Регулаторна


А.Т.

Можеби ќе ве интересира

ШПАНСКИ ТУРИСТИ И БЛОГЕРИ ЈА ИСТРАЖУВААТ МАКЕДОНИЈА - ќе стане ли атрактивна за тамошните жители?

ШПАНСКИ ТУРИСТИ И БЛОГЕРИ ЈА ИСТРАЖУВААТ МАКЕДОНИЈА - ќе стане ли атрактивна за тамошните жители?

„ЕЛИТНИ ИЛИ ДОМАТ ТУРИСТИ“ - на море во претсезона поради цените, еве какви се цените во дел од познатите летувалишта

„ЕЛИТНИ ИЛИ ДОМАТ ТУРИСТИ“ - на море во претсезона поради цените, еве какви се цените во дел од познатите летувалишта

Фински „Модирум“ презеде македонската ИТ компанија со 125 вработени

Фински „Модирум“ презеде македонската ИТ компанија со 125 вработени

Во куќа во Загреб живееле 30 странски работници, газдата наплаќал месечно 3.300 евра

Во куќа во Загреб живееле 30 странски работници, газдата наплаќал месечно 3.300 евра

Непалците возат автобуси, Турците градат згради, а Русите поправаат автомобили - каде исчезна локалната работна сила

Непалците возат автобуси, Турците градат згради, а Русите поправаат автомобили - каде исчезна локалната работна сила

ХРВАТИТЕ СО ПОПЛАКИ: Црешите се поскапи од свинско месо

ХРВАТИТЕ СО ПОПЛАКИ: Црешите се поскапи од свинско месо

Генерали Инвестментс: Странските инвеститори почнаа да купуваат кинески акции

Генерали Инвестментс: Странските инвеститори почнаа да купуваат кинески акции

Новите биогасни централи во Македонија ќе заработуваат 8 милиони евра годишно?

Новите биогасни централи во Македонија ќе заработуваат 8 милиони евра годишно?

ИЛОН МАСК И ТЕСЛА ПОД ИСТРАГА: Американскиот обвинител се сомнева дека лажеле за автопилотот

ИЛОН МАСК И ТЕСЛА ПОД ИСТРАГА: Американскиот обвинител се сомнева дека лажеле за автопилотот