Ципрас оптимист за името, вели се отвора прозорец на можности
Објавено во: Балкан 05 Јануари, 2018
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас уште еднаш порача дека е оптимист за прашањето за името, но очекува и конкретни чекори од македонска страна.
Тој вели дека годинава се отвора прозорец на можности за решение и потребно е да се донесат неопходни одлуки.
Ципрас како што јави дописникот на МИА од Атина, повторно јавно говори за спорот меѓу Македонија и Грција.
„2018 - та е важна година за Грција, не само затоа што по цели осум години, конечно излегуваме од меморандумите, туку и поради тоа што истовремено се отвора еден важен прозорец на можност за решавање на името. Убеден сум дека сега е дојдено време да ги донесеме неопходните одлуки, за да ја оправдаме улогата на Грција како водечка сила на Балканот, но и како столб на стабилност во поширокиот регион“- вели Ципрас за утрешното викенд издание на весникот „Неа селида“.
Ципрас смета дека Грција пред себе има и економски и геополитички предизвик, а потребно е да изгради, како во економијата, така и во надворешната политика, „нова динамична физиономија на модерна демократска земја која инвестира во развојот, мирот и градењето доверба, на земја која напредува и решава проблеми“. Грчката влада, како што вели Ципрас, има и волја и способност да го гарантира овој тек на земјата.