ЦИПРАС ЗА ИМЕТО: Верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација
Објавено во: Балкан 02 Јануари, 2018
Грчкиот премиер, Алексис Ципрас вели дека е оптимист за прашањето за името, но дека очекува конкретни чекори од македонската страна.
„Оптимист сум дека можеме ефикасно и одговорно да управуваме со прашањето кое го наследивме од претходните Влади. Сѐ додека од другата страна навистина постои желба да се направат чекори, останува да го видиме тоа, верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација“- вели Ципрас.
Грчкиот премиер рече дека во надворешната политика мора секој да биде воздржан, да не зборува многу, и дека се потребни дела и опипливи резултати, а не зборови.
Ципрас ја отфрли можноста за распишување на предвремени избори во Грција оваа година. Тој вели дека неговата Влада ќе го искористи четиригодишниот мандат.
За потребата да се најде решение на спорот со името, како доказ во пракса дека постои волја од македонска страна, деновиве говореше и поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу, во интервјуто за грчкиот весник „Етнос“.