Дали е вистина дека Нимиц има грчка помошничка?
Објавено во: Балкан 31 Декември, 2017
Медијаторот во спорот за името, Метју Нимиц има нова асистентка која што е од грчка националност, тврди Обединетата Македонска Дијаспора.
Од ОМД додаваат дека Елеанор Деметриадес е негова прва соработничка откако медијаторот Нимиц се пензионирал во компанијата Џенерал Атлантик каде до неодамна беше дел од менаџерскиот тим.
Нимиц ја потврдил информацијата за Обединетата Македонска Дијаспора во Вашингтон. Во одговорот американскиот дипломат кој 24 години е дел од македонско – грчкиот спор напишал дека тој не прави истрага за етничката или религиозната припаадност на луѓето со кои работи.
Деметриадес е задолжена за асистенција на пензионираните менаџери на компанијата.
Според ОМД разбирливо е што во бизнис светот не се прават проверки за националноста на соработниците но кога се работи за медијатор во спор меѓу Грција и Македонија спорно е што Нимиц како неутрален посредник има асистентка со грчко потекло.
Од ОМД тврдат дека грчката асистентка во ваква деликатна ситуација не е добар избор, и претставува конфликт на интереси поради што е испратено писмо до Генералниот Секретар на ОН од кого се бара објаснување и прекин на преговорите за името.