Десет нови договори ќе потпишат Македонија и Бугарија
Објавено во: Македонија 17 Ноември, 2017
Десет нови договори ќе потпишат Македонија и Бугарија на заедничката седница на Владите на двете држави идната недела во Струмица.
Двете земји ќе покренат и 7-8 иницијативи на чијашто легислатива ќе треба да работат надлежните министри во наредниот период.
Ова го најави премиерот Зоран Заев утринава во обраќањето пред младите политичари од Бугарија кои што се на обуки во Струмица.
Премиерот зборуваше за заедничките планови со Бугарија во коишто влегуваат и укинување на роамингот помеѓу Македонија и Бугарија како и изедначување на цените за користење на патната инфраструктура.
„Тука може да има корист и полза за секој граѓанин од двете држави. Може да има повеќе пари преку отворање нов бизнис, нова културна или спортска соработка, од областа на образованието, туризмот, енергетиката и севкупната економија“ - рече Заев.
Според Заев договорот со Бугарија е само основа за градењето на заедничката соработка и пријателство, кои што во иднина треба да се продлабочуваат и да се стекне доверба помеѓу двете земји.
Заев вели дека Бугарија се обврзала да биде сојузник на патот кон ЕУ и
НАТО, но дека заедничката соработка ќе донесе придобивки за граѓаните на двете
земји.