ДЕСКОСКА ЗА ЈАНКУЛОСКА: Правилото „око за око, заб за заб“ не е правило врз кое треба да се заснова демократски систем
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2020
Екс министерката за правда, Рената Дескоска на Фејсбук ја искоментира фотографијата која се појави во медиумите, на која се гледа дека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска на судење оди со лисици на рацете.
Вели дека не гледа јавен интерес во објавување на слики на лице лишено од слобода со лисици на рацете, но според неа тоа е повреда на достоинството и будење на ниски страсти кај публиката.
„Правилото „око за око, заб за заб“ не е правило врз кое треба да се заснова демократски систем кој ги почитува човековите права. Тоа значи дека демократска држава не спроведува мачење како казна на некој што мачел, или не извршува силување врз некој што силувал. Општеството не смее да се симне на нивото на криминалецот. Лошите пракси не смее да се применуваат, дури ни над оние кои ги применувале некогаш. #ЧовековиПраваЗаСите! Без исклучок!“, пишува Дескоска.
Јанкулоска денеска од затворот „Идризово“ беше доведена на судското рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“ со лисици на рацете.
Таа е обвинета за случајот со масовното прислушкување, а во затворот беше спроведена во понеделникот како осудена на четири години затворска казна во предметот „Тенк“ за незаконска набавка на владиниот мерцедес од 600.000 евра.