26 Април, 2024
0.0285

Економските реформи на Глигоров – искуства за подобро утре

Објавено во: Колумни 04 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Пост-празничен вторник е налик на тежок понеделник. Би рекол, денес, и не е така баш обичен вторник. Ако, погледнеме во нашите календари, 4. мај е голем ден за македонската и регионалната историја. Имено, за нас, главна асоцијација за 4. мај е загинувањето на еден од најголемите револуционери, во тоа време, и поборник на македонизмот - Гоце Делчев. Од друга страна, пак, југословенската историја, која, иако е минато со повеќе од три децении, таа, сепак, има огромно позитивно влијание врз нашите, па и би дополнил, за најголем дел на граѓаните на Балканот. Со сите аномалии во себе, за посебноста на македонскиот народ, кој си добил една т.н. рамка (читај: Република), мора да сме согласни, Маршалот Тито, сепак одиграл важна улога. Иако, за тоа, најважна сепак била саможртвата на македонскиот народ, со околу 25.000 загинати борци и жртви, од кои, 14.000 се партизани. Од ова, важно е да се подвлече дека тогашните македонски авторитети ја избрале правилната страна, со што, на оваа денешна Европа, демократска, од наша страна ѝ било дадено значаен придонес. И тука, не треба де се има дилеми! 

Во моето детство, сакам да се присетам, на уште дена клучна личноста за нашата државност, а тоа е Киро Глигоров. Токму, на вчерашен ден е роден првиот претседател на независната македонска држава. Оттука, за неговиот лик и дело, многу е напишано, а за мојата генерација е добро познат, и преку видео записи, периодот од 90-тите. За таа цел, во денешното писание сакам да се осврнам на квалитетите на Глигоров, и да направам паралела со Делчев и Тито. Тоа, и не е така тешко да се увиди, дека сите споменати ликови имаат записи за своите дела, во сосема различно време од историјата, но, со иста мантра на делување, која вели: да се работи врз промените на системот кон подобро, преку ширење на позитивна енергија, љубов и заедништво меѓу народите на Балканот. Практично, ваквата мантра за многумина општественици, после нив, беше неразбирлива. И, што е уште повпечатливо, никој од нив, не остави личен капитал и наталожени богатства позади себе. Во материјална смисла набљудувано, тие не остварија ништо лично за себе, но оставија голем капитал за сите нас.   

Понатаму, ако се навратам на економските реформи (од крајот на 60-тите па наваму) како искуства за подобро утре, заслужува внимание да се обележи една константа на промени во реципроцитет на години во системот, каде, се истакнуваат оние за потребата од понатамошно јакнење на самостојноста на претпријатијата во економската сфера, во одлучувањето што ќе произведуваат и како ќе го распределуваат пазарниот доход. Ако се погледнат записите од тоа време, јасно се издвојува противењето на Глигоров, во мешањето на политичките органи во одлучувањето во сферата на инвестициите, бидејќи тие не се квалификувани за тоа и дека таквата практика ќе доведе до јакнење на монополот на власта.Интересно за помладите читатели, е да се спомне податокот за поделбата на југословенските економисти, уште во тоа време, на два големи табори т.н. „профиташи“ (сите оние лобисти за пазарно ориентирано стопанство, налик на ова денес); и т.н. „доходаши“ (тука биле сите оние влијателни економисти, поддржувачи на самоуправната договорна економија). Што значи, од тогаш, веќе се правело силно лоби за нормален тек за трансформацијата на системот, што, од денешна гледна точка, тогашната федерација требало да ја подготвува за влез во еден мирен трансфер на економско-политичко уредување (читај: некој вид на модел во денешна Кина, но со понагласена демократичност по теркот на САД и ЕУ).   

Исто така, згора на ова, уште тогаш, се барало јакнење на улогата на банките во евалуацијата на економската ефикасност на инвестициите, со јасно нагласена цел – само банките се способни за селекција на добрите проекти за инвестирање, и сето тоа мора да биде базирано на здрави банкарски принципи, без мешање на политичкото управување. Практично, уште тогаш, една од клучните економски реформи била да се афирмираат темелни принципи дека секое претпријатие може да инвестира и да се развива со сопствени средства, но доколку истото земе кредит од банка, парите ќе мора да ги враќа со камата. Според мене, ова подразбирало дека секоја банка има обврска да дава кредити на рентабилни компании, за која, самата таа ќе си одлучи врз здрави банкарски принципи, со што, конечно веќе се напуштал дотогашниот систем на неодржливо финансирање на инвестициите, од страна на државниот буџет. Ете така, после оваа крупна реформа во монетарната политика доаѓа до нова развојна фаза во тогашното банкарство – наречена „фаза на основање на комунални банки“. Овие, т.н. комунални банки се основата на силен економски развој на државата (федерацијата). Тука, се поставува прашањето - Како?

Претпријатијата, во тоа време, ги депонираа своите слободни средства во комуналните банки, за потоа, истите да влечат кредити за нивните инвестиции. Со тоа, се направи еден вид на јасно дефинирано финансирање само за успешни проекти, кои, доведоа до силен раст на домашното производство, а со тоа и раст извозот. За тоа да биде успешно, беше базирано врз здрави банкарски принципи, и ништо друго. Понатаму, овој т.н. вид на банки се трансформираше во денешните комерцијални банки, и така истите беа поврзани и контролирани од федералната Централна банка (читај: НБЈ).   

Имено, квалитетите на Глигоров, како реформатор дојдоа до целосен израз во втората половина на 80-тите, кога привршуваа т.н. големи реформи на СФРЈ и започнуваше процесот на транзиција. Тоа беше време кога требаше да се пробијат бариерите на теоријата и идеите, со цел, да се воспостават односите на капиталот и неговите функции, и врз таквите основи да се дефинира титуларот на општествена сопственост во тогашната држава. Во оваа насока, да не бидам погрешно прочитан, сакам да подвлечам дека немам намера да истурам една силна доза на т.н. југо-носталгија. Практично, таа си тлее во мене, и тоа е лично наследено духовно право, кое ме прави горд, а е проткаено од две генерации пред мене во семејството. Тука, друго ми е поентата - титуларот на општествена сопственост во тогашната држава СФРЈ, кој го постави Глигоров со економските реформи беше битна претпоставка за новата плурализација.

Според тоа, сум на мисла, во тој клучен момент на крајот на 80-тите, кога се водеа силни расправи, помеѓу т.н. „доходаши“ и „профиташи“, дојдоа до силен израз квалитетите на Глигоров како економски специјалист, научник и мудар државник, да ја придвижи федерацијата кон еден нормален тек - за влез во големиот сојуз со земјите од еврозоната (читај: полноправно членство во ЕУ). За жал, на многу изгубени генерации до денес, поради други околности (двајца од тогашните лидери од посилните држави во тогашната СФРЈ, имаа за цел, да прават поголеми граници за нивните матични земји) состојбите доведоа до немири или да се искажам со жаргон на Глигоров, до виорни времиња. Оттука, таквите состојби потоа, од 90-тите па наваму, преминаа во брза фаза или положба на трансформација на сопственоста без стратегија (читај: времето на приватизацијата), со краен епилог на економската операција, кој, не беше многу успешен. Имено, за таквата тематика имам личен став, кој, иако не е популарен, сепак треба да се обележи – НЕ постои добра транзиција и приватизација. Би додал, особено НЕ, за системи кои „преку ноќ“ ќе се преобразуваат од планско кон пазарно стопанство. Ете, таква беше состојбата за нас, за жал, но таква беше ѝ за сите Републики - членки на бившата СФРЈ по нивното осамостојување, ако се исклучи Словенија.  

проф.д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД