„ЕУ ИЛИ РУСИЈА“: Кремљ скептичен кон изјавата на српската премиерка
Објавено во: Балкан 05 Јули, 2017
Кремљ со одреден скептицизам се однесува кон изјавата на Ана Брнабиќ дека, ако мора да се бира, попрво ќе ја изберат ЕУ отколку Русија, изјавил Јуриј Ушаков.
„Колку Србија е блиска до ЕУ, тоа е уште прашање“, рекол помошникот на рускиот претседател, пренесе Спутник.
Доколку Србија биде приморана да избира помеѓу блиските врски со Русија и членството во Европската унија, ќе се одлучи за ова второто, изјави вчера премиерката на Србија во интервју за американски Блумберг.
„ЕУ е таму каде ние одиме-тоа е јасно“, рекла Брнабиќ.
„Ние имаме емотивни врски со Русија поради традицијата, културата и верата“, наведува таа и укажа дека во Србија има голем број на луѓе кои целосно ја доживуваат Русија како нивен голем брат, нивен заштитник.
Според нејзините зборови, овие чуства не можат да се занемарат, но таа рекла дека нивен стратешки пат е ЕУ.
Потоа се огласи и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ кој изјави дека Србија нема да ја менува својата надворешна политика.
Тој наведе дека суштината на мудрата политика е да не дозволиме да дојдеме во дилема ЕУ или Русија, раководејќи се од интересите на Србија.
„Ние успеавме во последните пет години да ги издржиме сите притисоци и да останеме на европскиот пат, а да не ги влошиме односите со нашите пријатели, пред се Русија и Кина“, наведува Дачиќ во изјава за јавноста.