Европска лидерка добивала пари од Гадафи?
Објавено во: Свет 06 Април, 2018
Украинските инспектори ги истражуваат наводите дека поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, дал милионска донација во евра за претседателската кампања на Јулија Тимошенко во 2010. година, соопштил украинскиот пратеник Володимир Аријев.
Аријев, инаку член на владејачката партија на Петро Порошенко, изјави дека тој и другите пратеници барале од Националното биро за борба против корупцијата да ги истражи наводите објавени во февруари во арапскиот весник „Ашарк Ал Аусет".
Во текстот пишува дека претставник на Гадафи со приватен авион пристигнал во Киев, за да испорача торба со четири милиони евра во кеш за кампањата на Јулија Тимошенко.
Аналитичарите коментираат дека истрагата е отворена токму кога била објавена анкетата дека таа, ако се одржуваат избори денес, би освоила 18,7 проценти од гласовите, наспроти 15,6, колку што би освоил Порошенко. И тоа токму во време кога Украина се подготвува за претседателски избори, закажани за март 2019. година.
Од прес службата на Јулија Тимошенко порачале дека тоа е глупост и дека таа информација не е точна.
Овој случај може да ја вовлече Тимошенко во скандал. Слично нешто се случило во Франција, каде поранешниот француски претседател Никола Саркози е обвинет дека од Гадафи земал 5 милиони евра за својата кампања во 2007. година.