(ФОТО ПРИКАЗНА) АТЕНТАТ ВО АНКАРА: Рускиот амбасадор држеше говор, минута потоа се слушнаа рафали!
Објавено во: Свет 20 Декември, 2016
Амбасадорот на Русија во Турција, Андреј Карлов почина синоќа во болница по нападот од огенено оружје на отворањето на изложбата на фотографии во Анкара.
Карлов стоеше пред говорница и држеше говор по повод отворањето на изложбата „Русија во очите на Турција“. На снимката од нападот, која ја објави турската државна телевизија ТРТ, се гледа елегантно облечен маж кој стои зад амбасадорот.
Во еден момент одекна пукање, а Карлов падна на под, додека камерата се сврте кон мажот кој мафта со пиштол и извикува „Алах Акбар“.
„Не заборавајте го Алепо! Не заборавајте ја Сирија! Се додека нашите земји не се безбедни, нема да бидете безбедни ни вие“, одекнуваше во галеријата.
После пукањето, крвникот побегнал на катот на галеријата каде во следните 15 минути разменувал оган со полицијата, која на крај го убила.
„Кога слушнавме пукања, се фрливме на под. Видов дека пиштолот е насочен кон плафон и дека амбасадорот лежи на под“, рекол надворешно-политичкиот новинар Бахар Бакир и додал дека слушнал меѓу 20 и 30 пукања пред да успее да избега од просторијата.
Силни полициски сили веднаш го обиклиле местото на злосторството-големиот изложбен простор „Cagdas Sanatlar Merkezi“ во кварталот Канкаја во Анкара, каде се сместени мнозинството странски амбасади, вклучувајќи ја и руската.