Фросина Ременски обвини за елиминација, ќе се повлече од партиските активности
Објавено во: Македонија 03 Јануари, 2020
Обвинението е конструкција без докази, тврди пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски.
Ова го изјави откако денеска Јавното обвинителство го објави новото обвинение за случајот „Рекет“. Тоа е поврзано со невладината организација Меѓународен сојуз на Боки 13. Бојан Јовановски е првообвинет за измама и перење пари, но обвинение за помагање во измамата има и за Ременски, неговиот татко Миле, соработничките Јасна Мандиќ и Христина Блажевска.
Ременски вели дека одлуката за обвинение против неа е избрзана и апсурдна. Вели дека одлуката на ЈО е само уште една потврда за тоа дека конструкции без докази може да станат основи за обвинение.
„Тоа секако ќе се докаже, но за тоа некој мора да сноси одговорност и можам слободно да кажам дека со овој процес можам слободно да најавам и реформа на ЈО, имајќи предвид дека многу од прашањата допрени во јавноста останаа неодговорени и секако тука не очекувам соработка од останати институции, но очекувам соработка од новиот министер за внатрешни работи, којшто можеби ќе има слух и сенс за одредени прашања којшто не беа отворени во изминатиот период, со тоа да добијат на гласност, а со тоа и опозицијата да покаже дека стои на ставот дека ќе работи професионално и согласно закон“, порача Ременски.
Ќе се повлече од партиските активности.
Таа додава дека денешниот ден не е случајно избран и дека се врши елиминација на најгруб можен начин. Потсети дека денес се избира Техничка Влада.На 16 декември лани, таа кажа дека во судот видела сè, освен докази и рече дека никаде немало нејзин потпис.
Во октомври лани изјави дека е невина и дека не му се лути на премиерот Зоран Заев ако ја исклучи од партијата.
Заев тогаш рече дека ако некое лице е осомничено, обвинето или слично, ќе биде времено отстрането од партијата, а Ременски истакна дека ќе ја почитува секоја одлука.
Претходно, на 4 септември минатата година, Ременски беше повикана во Јавното обвинителство да даде изјава за случајот „Рекет“. Таа тогаш одби да одговори на прашања поврзани со „Меѓународниот сојуз“ на Јовановски, но кажа дека не присуствувала на средби со бизнисмени. Ременски тогаш објаснуваше дека статусот на почесна претседателка кој го имала во Меѓународниот сојуз, не значи дека била поврзана и со формалното одлучување на организацијата.