Глоба до 50 илјади евра доколку лекот не одговара на декларацијата
Објавено во: Мои пари 06 Јули, 2013
За производителот или увозникот ќе биде изречена глоба од 25.000 до 50.000 евра доколку се утврди дека лекот не одговара на декларацијата, а Министерството за здравство ќе го објави името на лекот и ќе го повлече од пазарот.
Инспекторите од Бирото за лекови започнаа ненајавени контроли на лековите во аптеките со директно земање на лекови од полиците. Ги предаваат на испитување во акредитираните лаборатории во Институтот за јавно здравје и Фармацевтскиот факултет во Скопје со цел да се испита каков е нивниот квалитет.
„Целта е да испитаме дали македонските граѓани земаат лекови кои се квалитетни и ефикасни, односно дали одговараат со декларираните својства декларирани при увоз во упатствата“, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Досега инспекторите посетиле 150 аптеки, а земени се 206 лека од 34 производители од различна генерика. Од досега добиените резултати за 18 лека утврдено е дека сите се квалитетни и ефикасни како декларираното во одобрението за увоз и за регистрација.
Катерина Алексоска, директорката на Бирото за лекови вели дека редовни контроли на лекови се вршат секојдневно и кај производителите и во аптеките.