Груевски на Фејсбук: Ниту го оправдувам Миленко, ниту нелегалното поставување на спомен плоча
Груевски смета и дека овој проблем треба да се решава институционално и не на начин кој ќе создава гнев и омраза меѓу двете држави.
Објавено во: Македонија 01 Октомври, 2016
Поранешниот премиер на Македонија и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска на социјалната мрежа Фејсбук даде свое видување на деновиве популарната тема со спомен плочата на Кајмакчалан, која беше уништена од водителот Миленко Неделковски. Груевски беше еден од честите соговорници во емисијата на Неделковски која оди на една од националните телевизии.
- Не можам да го оправдам ниту нелегалното поставување на спомен плоча од војници од друга држава кои нелегално ја поминале границата и нелегално поставиле спомен плоча во Македонија, ниту пак начинот на кој новинарот Миленко Неделковски решил индивидуално и со чин кој генерира негативна енергија и омраза да се справи со овој чин, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски смета и дека овој проблем треба да се решава институционално и не на начин кој ќе создава гнев и омраза меѓу двете држави.
- Затоа мислам дека проблемот требаше и треба да се решава институционално, а не на начин кој ќе создаде проблеми, гнев, омраза и меѓусебни обвинувања. Бугарија е наш сосед со кој имаме многу заеднички работи низ историјата и треба да се трудиме историјата да не зближува, а не да не оддалечува. Македонија е место каде се случувале многу крупни историски настани и битки во годините пред да се создаде нашата држава, вели меѓудругото поранешниот премиер.