ХИТ ПОНУДА: Италијани нудат 2 000 евра само да дојдете
Објавено во: Свет 09 Мај, 2017
Началникот на мало планинско село Бормида во Италија нуди 2 000 евра за секој кој одлучи да се досели, пишува Гардијан.
Селцето се наоѓа на северозападот од Италија во областа Лигурија, а моментално во него живеат 394 жители.
Началникот на Бормида, Даниел Галијано во обид да ги спаси мештаните да не стане село на духови нуди поволно сместување 50-евра месечно за мала недвижнина и 120 за поголема.
Одлуката би требало да ја поддржи и локалниот совет, но изгледа дека може да се очекува дека Бормида ќе подарува 2000 евра на секој дојден, без оглед на тоа дали ќе купи или изнајми недвижнина.
„Уште работиме на разработка на планот, но секој е добредојден да дојде и живее овде“, рекол локалниот советник кој сакал да остане анонимен и додал:
„Ние сега сме мала заедница, но многу гостољубива. Високо сме во планина, но не сме далеку од море. Водиме здрав начин на живот, воздухот е многу чист“.
Постот на Галијано на Фејсбук е потрупан со коментари на нови потенцијални мештани. Некои велат дека ќе се откажат од понудените пари ако им најдат работа.
Што уште нуди Бормида?
„Нема многу што да се работи овде. А животот е едноставен, имаме шума, кози, црква, и многу добра храна. Дефинитивно живот без стрес“, рекол Одон Џузепе, сопственик на еден од четирите ресторани во тоа место.