Добивај вести на Viber
Доктори од Македонија, Белорусија и Украина почнуваат да бараат работа во Хрватска. Според прогнозите, во првата година влезот на Хрватска во ЕУ, земјата ќе ја напуштат најмалку 400 лекари и над 1.500 медицински сестри, пишува Нова Македонија.
Во хрватската јавност се зборува дека има определен број најави и барања од лекарите од Македонија, Белорусија и од Украина кои бараат работа во тамошните здравствени центри и установи.
Министерот за здравство, д-р Рајко Остојиќ, вели дека Хрватска се бори со хроничен дефицит на лекари, а се спомнува дека во моментот недостигаат најмалку 4.500 лекари. Врз тоа се темелат и реалните стравувања од очекуваната миграција на хрватските бели мантили.
Македонија пак се споменува како една од три потенцијални држави што ќе ја спасуваат Хрватска од „кадровската дупка“, која се заканува да предизвика сериозни турбуленции во здравствениот систем на државата. Засега, наводно, станува збор само за индивидуални барања, додека во иднина се очекува миграцијата да добие и организирани форми. Од друга страна, се очекува дека хрватските лекари масовно ќе заминат во скандинавските земји, каде што немаат ограничувања, бидејќи некои држави од ЕУ веќе пропишале двегодишна забрана за хрватските лекари.
Така, пишува
Нова Македонија, нема да биде доволна нострификација на диплома, туку ќе се бара и проверка на стручни знаења, добро познавање на хрватскиот јазик и основни знаења и познавања во областа на хрватските позитивни закони и легислатива.