10 Мај, 2024
0.0254

Андреас Елснер, Главен извршен директор на Македонски Телеком - Големи инвестиции во мрежите и новите технологии се неопходни за дигитализација на општеството

Интервју Елснер: Корисниците на Македонски Телеком се гладни за повеќе интернет

Објавено во: Економија 26 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Трендовите на телекомуникацискиот пазар брзо се менуваат. Новите технологии, новите медиуми и големите брзини на интернет стануваат составен дел од нашето секојдневие. Сето ова ќе го смени не само  начинот на кој комуницираме, туку и начинот на кој живееме.

Со Андреас Елснер, разговаравме за трендовите во телекомуникациската индустрија, новите технологии, плановите и стратегијата на Македонски Телеком за задржување на позицијата на пазарот и за исполнување на очекувањата на корисниците. 

Андреас Елснер има повеќе од шеснаесет години искуство во телекомуникацискиот бизнис, стекнато во Австрија, Србија, Бугарија и сега во Македонија.

Последните години се случија големи промени на телекомуникацискиот пазар: се соочуваме со сé поголем проток на податоци, расте желбата за споделување на видеа, за играње онјлајн итн... Во кој правец се движи телекомуникациската индустријата? Каде ја гледате во наредните години?

Елснер: Не само условите на телекомуникацискиот пазар, туку и светот во кој живееме сосема се менува. Веќе не можеме да си го замислиме секојдневието без да бидеме поврзани, секогаш и секаде, за работа, за забава, за каква и да е комуникација или споделување на информации. Не се менува само поединецот, туку и начинот на кој се водат бизнисите и на кој функционира општеството. Градовите стануваат „паметни“, домовите во кои живееме стануваат „паметни“, нашите корисници се „гладни“ за интернет, од година во година двојно, ако не и повеќе се зголемува потрошувачката на интернет. Накратко, целиот овој процес во наредните години треба да доведе до целосна дигитализација на општеството.

Која е вашата стратегија за да ја задржите вашата позиција на пазарот и покрај сите овие предизвици?

Елснер: Доаѓа време кога операторите, доколку сакаат да останат на пазарот треба да создадат мрежи преку кои ќе може да се пренесуваат големи количини на податоци кои веќе нема да се мерат со терабајти туку со петабајти.Само за пример, во октомври годинава, нашите корисници искористиле 1.3 петабајти интернет месечно (еден петабајт е еднаков на 2000 години слушање MP3 музика).А овој тренд очекуваме само да расте.Затоа, најважни се големи инвестиции во мрежата, а во наредните 3 години планираме инвестиции во мрежата и во новите технологии од над 60 милиони евра.

Дел од нашата стратегија, а и светски тренд е понудата на конвергентни услуги, како што е  Magenta 1. Во моментов, секое десетто семејство во Македонија користи Magenta1 пакет на услуги, затоа што така е поповолно и поедноставно за корисниците – сите услуги на една сметка за целото семејство. 

Исто така, треба да се следат и навиките и потребите на корисниците и според тоа да се создаваат понудите – нашата новогодишна понуда има три пати повеќе интернет, токму заради трендот на постојан раст на користење на интернет.

Неодамна ја измеривте најголемата брзина на мобилната мрежа во регионот. Што значи тоа во пракса за корисниците:  дали и кога овие брзини ќе им бидат достапни?

Елснер: Во јуни годинава почнавме да работиме со нова технологија на мобилната мрежа и тогаш измеривме брзина од над 300 Mbps за симнување (download). Овие брзини не ги меревме само за да ја покажеме технологијата, туку ветивме и дека постепено ќе стануваат достапни за корисниците. Веќе од септември, овие брзини се достапни за корисниците во Скопје, Центар, а наредната година ќе бидат достапни и во поголемите градови во Македонија. Што значи тоа конкретно за корисникот? Ќе добие двојно поголема брзина на пренос на податоци и доколку досега симнувал содржина од 2 GByte за 2 минути со основната 4G технологија, со новата технологија за истата содржина ќе му биде потребна помалку од една минута. Ја имаме најголемата брзина на мобилната мрежа во регионот и горди сме на тоа. Неодамна добивме и меѓународен сертификат за квалитетот на мобилната мрежа, од независно истражување (P3 „Best in Test“ сертификат) со кое се потврдува дека Македонски Телеком ги има најдобрите резултати за мобилен интернет и говорни услуги.

Што е со фиксната мрежа, дали и таа се надградува, со оглед на фактот дека растечката потреба за пренос на податоци изискува побрз интернет...

Елснер: Секако, и фиксната мрежа се надградува паралелно. Напредуваме со оптиката, годинава покривме над 10 000 семејства повеќе во споредба со лани. Истовремено работевме на нова технологија за да ја зголемиме брзината на интернет за корисниците кои не се на оптика. Се правеше надградба на постојната бакарна мрежа со понапредна - хибридна технологија, со што веќе над 100 000 корисници имаат можност за двојно поголеми брзини.Оваа технологија освен побрз интернет овозможува и подобра ТВ услуга. Многу е важно паралелно да се работи и на фиксната и на мобилната мрежа, затоа што светот веќе се подготвува за 5G.

Кога зборуваме за нови технологии, неодамна, за прв пат во Европа, ДТ ја презентираше 5G во живо во Берлин. Што ќе донесе оваа нова технологија и кога ќе биде достапна?

Елснер: 5G е идниот телекомуникациски стандард кој ќе овозможи брзина од над 2 Gbitво секунда на крајните корисници.Неодамна во Берлин, Дојче Телеком за прв пат во реални, а не лабораториски услови, ја презентираше 5G технологијата.Оваа технологија, или како што ја нарекуваат мрежата на иднината, целосно ќе го смени начинот на кој комуницираме и на кој живееме.Ако со 4G бевме поврзани со таблети и смартфони, со 5G – ќе бидат вмрежени уредите - автомобилите, системите за ладење и греење, нашите домови...со технологијата на петтата генерација ќе се овозможи тоа што го нарекувавме „Интернет на нештата“ (IoT).

Каде е Македонија во таа приказна? Дали можеме да држиме чекор со другите европски земји?

Елснер: Тоа што Македонија е мала земја не значи дека не држиме чекор со глобалните трендови.Ќе бидеме подготвени да го извлечеме максимумот од оваа технологија, како што и направивме кога станавме првата земја во Европа со мрежа целосно базирана на IP.

Македонски Телеком нуди пристап до оптика на околу 27% од домаќинствата во Македонија, во споредба со 17% на ниво на Европа.Во однос на мобилната мрежа пак, рангирани сме на 4-то место според покриеност, брзина, достапност и квалитет на услуги меѓу европските мобилни оператори од Групацијата Дојче Телеком.Засега ни оди одлично и планираме да продолжиме во таа насока.

Расте конкуренцијата на пазарот, но во светски рамки главната конкуренција на телеком операторите се ОТТ играчите (Viber, Facebook, Twitter). Кое е вашето мислење за оваа појава и за сé помасовното користење на овие алтернативни телеком услуги од корисниците? 

Елснер: OTT играчите се составен дел на системот, односно дел од „играта“ на пазарот на комуникациски услуги.Со подемот на социјалните медиуми, корисниците почнаа да користат сè повеќе податочни услуги.Повеќе од очигледно е дека социјалните медиуми се составен дел од животот на луѓето и затоа не треба да ги сметаме за конкуренција, туку за наши партнери бидејќи тие неспорно додадоа вредност за корисниците. Но, на крајот на краиштата, и за ОТТ играчите треба да важат истите регулаторни правила кои што важат и за телекомуникациските оператори, односно да се обезбедат фер услови за сите играчи на пазарот.

Не само ОТТ играчите, туку и конкуренцијата притиска на пазарот, се намалуваат цените, а потребни се сé поголеми инвестиции...Како се справувате со оваа ситуација, како успевате да ги задржите корисниците?

Елснер: Мериме сé, опседнати сме со мерење на сите параметри од корисничко искуство до задоволство од мрежата, брзината на интернетот, итн. А, мериме сè за да станеме уште подобри. Кога ќе видиме неочекувани резултати, се менуваме, затоа што задоволството на корисниците ни е најважно. Освен квалитетот на мрежата, што е најважен предуслов за еден телекомуникациски оператор, на корисниците им нудиме ексклузивни содржини, како што е „Лига на шампиони“  преку MaxTV.Се фокусираме на понуда на конвергентни услуги, кои се најповолни и наједноставни за користење.

Последното мерење на задоволството на корисниците (BRIMA) направено во октомври годинава покажа дека најголем дел од корисниците се задоволни од нашата мрежа – признание што ни е особено важно зашто доаѓа токму од корисниците.

Во светот веќе наголемо се работи на „паметни градови“, затоа што градовите се пренаселени, има премногу сообраќај, загадување итн. Се работи на смарт решенија за одржливост на градовите и, во крајна линија, за подобар живот за граѓаните.  До каде сме ние во тој поглед?

Елснер: Градовите ширум светот се соочуваат со огромни предизвици: почнувајќи од зголемувањето на бројот на населението, па сé до намалените буџети и потребата за економично трошење на ресурсите. Во време кога градовите стануваат дел од глобалното опкружување, воведувањето на напредни и иновативни ИКТ решенија за подобар урбан живот на граѓаните се една од најважните, но и најсложените задачи.

Наша работа како оператор е да создадеме иновативни решенија за унапредување на модерниот градски живот. Еден пример за тоа е проектот „паметен транспорт“ со кој значително се подобри квалитетот на јавниот транспорт, а направени се и големи заштеди, со оглед на тоа што наместо хартиени се користат електронски картички и мобилно плаќање.  Друг пример е проектот „паметно паркирање“, со кој возачите заштедуваат време за пронаоѓање слободно паркинг место, се намалува загадувањето и се намалува ризикот од сообраќајни прекршоци.

А кои се плановите на Македонски Телеком за наредните години на тема паметен град?

Елснер: Ќе набројам само неколку примери, кои се веќе готови како решенија:  паметно улично осветлување, што ќе ги намали сметките за електрична енергија на градовите и општините за дури 40% и паметно управување со отпад, со што ќе се дигитализираат процесите за собирање на отпад, а оперативните расходи ќе се намалат за 40%. Според најновите трендови, ќе има полначи за електрични автомобили, паметни клупи, паметен систем за изнајмување велосипеди... Паметните решенија веќе стануваат неопходни за животот во модерните градови, со цел да добиеме почиста животна средина, помалку сообраќај, поквалитетен и поорганизиран живот. 

Се ближи крајот на годината, дали ги постигнавте очекувањата, како ќе ја завршите 2017-та? 

Елснер: Годинава направивме голем чекор напред во надградбата на мобилната и на фиксната мрежа. Покривме со оптика повеќе од 157 000 домови, а со новата технологија двојно ја зголемивме брзината на интернетот на голем дел од корисниците на бакарна мрежа.Ја измеривме досега најголемата брзина на мобилната мрежа во земјата и во регионот, а дел од корисниците веќе можат да користат двојно поголеми брзини во споредба со 4G. За прв пат во земјава ја воведовме Telekom Safe Net услугата, која штити од злонамерни софтвери, крадење на лични податоци, вируси или хакирање.

Достигнавме 100 000 Magenta 1корисници и за прв пат во Европа, стартувавме со нов концепт на продавници на Дојче Телеком, со продавницата во City Mall.

Од аспект на резултати, очекуваме трендот на потрошувачка на интернет и на дигиталната телевизија да продолжи да се зголемува, а говорните услуги да се намалуваат. Според објавените резултати од првите девет месеци на 2017 година, приходите од мобилни неговорни услуги се зголемија за 23,5% во споредба со истиот период претходната година, a очекуваме овој тренд да продолжи и наредните години.


Можеби ќе ве интересира

ПОСКАПУВАЊЕ: Koлку чини унца сребро?

ПОСКАПУВАЊЕ: Koлку чини унца сребро?

„ЌЕ ГЛЕДАМЕ СЕКОЈ ДЕН КАКО ПРОПАЃА ПО ЕДНА БАНКА“:Милијардер има застрашувачки предвидувања за светската економија

„ЌЕ ГЛЕДАМЕ СЕКОЈ ДЕН КАКО ПРОПАЃА ПО ЕДНА БАНКА“:Милијардер има застрашувачки предвидувања за светската економија

РАСТ НА ТУРИСТИТЕ ВО КИНА - се повеќе се бараат услугите за изнајмување автомобили

РАСТ НА ТУРИСТИТЕ ВО КИНА - се повеќе се бараат услугите за изнајмување автомобили

KOJA E MИНИМАЛНАТА ПЛАТА ЗА КОЈА БИ РАБОТЕЛЕ: Што кога на интервју за работа ќе ви го постават ова прашање?

KOJA E MИНИМАЛНАТА ПЛАТА ЗА КОЈА БИ РАБОТЕЛЕ: Што кога на интервју за работа ќе ви го постават ова прашање?

ПОРАДИ ЕНОРМНА ПОБАРУВАЧКА ОД РУРАЛНО ВО БИЗНИС СЕЛО - растечката индустрија на перики поттикна промени во источна Кина

ПОРАДИ ЕНОРМНА ПОБАРУВАЧКА ОД РУРАЛНО ВО БИЗНИС СЕЛО - растечката индустрија на перики поттикна промени во источна Кина

ТОП 5: Продадоа најмногу струја во Македонија, двајца трговци се новоетаблирани од Албанија

ТОП 5: Продадоа најмногу струја во Македонија, двајца трговци се новоетаблирани од Албанија

КЕЛНЕРИ ВО ХРВАТСКА: Реална ли е платата од 2.000 евра?

КЕЛНЕРИ ВО ХРВАТСКА: Реална ли е платата од 2.000 евра?

СУША ВО ВИЕТНАМ: Кафето ќе поскапува

СУША ВО ВИЕТНАМ: Кафето ќе поскапува

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ЕУ: Koи земји се со најниска стапка?

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ЕУ: Koи земји се со најниска стапка?