KOJA E MИНИМАЛНАТА ПЛАТА ЗА КОЈА БИ РАБОТЕЛЕ: Што кога на интервју за работа ќе ви го постават ова прашање?
Објавено во: Економија 09 Мај, 2024
Многу невработени кажуваат дека на интервју за работа, ги прашувале која е минималната плата за која би работеле, oдносно самите да кажат колкав износ очекуваат.
Луѓето кои имале вакво искуство, велат дека ова не им се допаѓа и делува уценувачки со цел да се издејствува и договори пониска плата.
„Ми се случило. Тоа е со цел работникот да бара помалку пари. Ако мораш, ќе прифатиш“, вели Маја Станојковска, граѓанка.
Друга повозрасна жена вели дека нејзините деца се соочиле со истото.
„На моите деца тоа им се случи, но тие првенствено не ја гледаат платата, туку и другите услови за работа. Колку имаат слобода на работа, условите, слободните денови“, рече Дијана Тасевска, граѓанка.
Друга жена објаснува дека се иселила од Македонија, но оваа појава ја смета за крајно негативна.
„Тоа не ми се случило, затоа што долго време сум во странство. Тоа не ми се допаѓа и не знам што да кажам“, вели оваа жена.
На многу огласи за вработување, износот на платата воопшто не е наведен. Катерина Златановска Попова, советничка за развој на кариера и обучувач за меки вештини објаснува дека во идеални услови, работодавачот има обврска да ја објави платата уште во огласот за вработување, но сепак во реалноста сме сведоци дека тоа најчесто не е случај па кандидатите се ставаат во ситуација за платата да разговараат за време на интервјуто. Таа додава дека е фер и исклучително професионално оној кој бара работници да ја даде својата понуда, односно да му го претстави на кандидатот својот пакет кој ги вклучува сите законски обврски (плата, К-15, денови за годишен одмор и сл.) и сите дополнителни бенефиции (како бонуси, дополнителни привилегии, приватно здравствено осигурување, обуки и тренинзи и т.н.).
„Она што најчесто го советувам на кандидатите кога работиме на подготовка за интервју е прво да направат истражување на пазарот на труд и на тоа како се движат платите во соодветната индустрија и доколку е возможно да обезбедат информации како се движат платите кај конкретниот работодавач. Потоа следно, кандидатот треба да направи истражување за платите поврзани со позиција за која аплицира и на ум секогаш да го има неговото искуство и знаење, односно компетенции за таа конкретна работна позиција. На самото интервју, јас најчесто советувам прво да праша која е предвидената плата која компанијата сигурно ја планирала за објавената позиција, а потоа доколку е неопходно да каже своја цифра, да не се врзува за конкретна минимална бројка, туку да ги искористи информациите од претходно направеното истражување и да одговори дека очекува почетната плата да биде во склад од – до со платите во таа индустрија со соодветен план за напредување и зголемување на платата по извесен прецизно определен период (кој најчесто е 6 месеци, период кој експертите го сметаат за неопходен за работникот да може целосно да се вклопи во организацијата и да ги превземе своите работни задачи и обрски без дополнително менторство)“, додава Златановска Попова.
Нагласува дека не треба да заборавиме дека вработувањето претставува двостран договор со кој двете страни треба да се задоволни и да имаат желба да се обврзат и да го почитуваат. Ако барате работа, можете и да најдете огласи на кои стои „плата по договор“.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/myjuly
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.