25 Ноември, 2024
0.0297

ИЗГРАДБА НА ГАСОВОД: Матни зделки или победува најдобриот?!

Објавено во: Економија 02 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Пишува: Наташа Стојановска 

Бизнисите со изградба на делниците од националниот гасовод во земјава завршија во рацете на исти компании. Клучни играчи во изградбата на гасоводот се компаниите на кумановскиот бизнисмен Тони Каранфиловски. Иако, дел од конкурентите ги оспоруваа тендерските постапки, и се жалеа дека се неправедно елиминирани, нивните жалби беа одбиени. Инаку, изградбата на националниот гасовод пред околу година и половина стартуваше со гасоводната делница Клечовце -Штип, а потоа следуваа тендерските постапки за изградба на делниците Штип-Неготино, Неготино–Битола и Скопје-Тетово-Гостивар. Каранфиловски со своите три компании, Рапид Билд, Квалитет Пром и ФЗЦ „11 Октомври“, прво беа вклучени во изградбата на делница Клечовце-Штип. Оваа делница чија изградба чини 75 милиони долари и во најголем дел се градеше со пари од рускиот клириншки долг кон Македонија, имаше руски изведувачи, договорени меѓу владите на Македонија и Русија, без никаква тендерска постапка. А, одлука на рускиот изведувач беше кои домашни компании ќе ги ангажира да работат на проектот. Но, речиси паралелно, кога стартуваше изградбата на делницата Клечовце-Штип, Каранфиловски станува мнозински сопственик на фабриката за цевки „11 Октомври“ од Куманово, која исто така е вклучена во овој проект. Оваа зделка тогаш беше толкувана како најава за сериозен влез на Каранфиловски во бизнисот со изградба на гасоводните делници, сметајќи дека токму оваа фабрика ќе има клучна улога заради производството на цевки потребни за делниците. Потоа, компаниите на Каранфиловски победија на тендерите за другите две делници, Штип-Неготино и Скопје-Тетово-Гостивар, кои доправа треба да се градат. А, наскоро се очекува разврска дали ќе ја добијат и зделката со делница Неготино-Битола. Овие три делници се градат со кредит од Дојче банк и Ерсте банк во износ од 90 милиони евра. Стартот на изградбата на делницата Клечовце - Штип, купувањето на фабриката за цевки „11 Октомври“,  како и дел од тендерските постапки за останатите три гасоводни делници во јавноста беа проследни со низа контроверзи. 

Како Каранфиловски ја купи фабриката за цевки „11 Октомври“? 

Непосредно пред стартот на изградбата на делницата од Клечовце до Штип,  и најавата за градба на останатите три делници, бизнисменот Тони Каранфиловски ја купува фабриката за цевки „11 Октомври“. Оваа зделка тогаш се протолкува како најава за негов засилен влез во бизнисот со изградба на гасоводот. Сепак, Каранфиловски тврдеше дека фабриката ќе има минорен удел во изградбата на делницата во Клечовце, а ја купил бидејќи било проценето дека на долг рок ќе има перспектива. Каранфиловски станува мнозински сопственик во фабриката за цевки, купувајќи ги акциите што ги поседуваше „Експорт -Импорт“ банка, која е во стечај. При тоа, стечајниот управник на „Експорт-Импорт“ банката, Ацо Дамчевски, изјави дека е чиста коинциденција тоа што акциите кои банката ги поседува во ФЗЦ „11 Октомври“ се продаваат во време кога фабриката ќе биде вклучена во изградбата на гасоводот. Дамчевски објасни дека претходно акциите не можеле да се продадат бидејќи за нив се водела судска постапка, но откако судовите одлучиле дека мнозинскиот пакет акции во ФЗЦ „11 Октомври“ припаѓаат на „Експорт Импорт“ банката, се реализирала и нивната продажба, со одлука на Одборот на доверители во банката. За да се продадат акциите што „Експорт Импорт“ банката ги имала во „ФЗЦ 11 Октомври“, имало две јавни наддавања. Првото наддвање е неуспешно, а акциите се продаваат на второто наддвање. Тогаш ги купува Квалитет Пром на Каранфиловски. На првото јавно наддавање, Одбoрот на доверители акциите ги продавал по цена од 3.100 денари. Имало три заинтерсирани фирми и тоа: кумановската Квалитет Пром, бугарската Јунан Стил и една фирма од Турција претставувана преку адвокатот Александар Кчев. Сите три понудиле пониска цена од таа што се барала во огласот. Односно, фирмата на бизнисменот Каранфиловски „Квалитет Пром“ понудила 500 денари по акција, што било и највисоката понуда во однос на останатите две понуди. Со оглед дека не била постигната бараната цена на огласот, Одборот на доверители, го поништува овој обид за продажба, и носи нова одлука, да има ново јавно наддавање на кое минималната почетна цена практично ќе биде највисоката добиена понуда од првото јавно наддавање. Или тоа значи дека Одборот на доверители во „Експорт- Импорт“ банката, донел одлука да има следно наддавање, каде почетната цена ќе биде 500 денари односно понудата што ја доставиле „Квалитет Пром“ на првото јавно наддавање. Но, на ова јавно наддавање само „Квалитет Пром“ ги исполнува условите за учество, а додека другите двајца заинтересирани учесници Есад Зумре од Турција и Џони Крето од Бугарија, (што практично се истите фирми од претходното наддавање, но овојпат се јавиле како физички лица) се исфрлени од игра оти не ги исполнувале условите. Со тоа, на второто јавно наддавање учествува само „Квалитет Пром“, и акциите ги купува по цена од 550 денари. На овој начин, „Квалитет Пром“ на Каранфиловски станува сопственик на мнозинскиот пакет акции во ФЗЦ „11 Октомври“ за 2 милиони евра. 

Како течеше изградбата на делница Клечовце–Штип 

Изградбата на гасоводот од Клечовце до Штип започна во март минатата година, а заврши пред еден месец. Завршената градба власта ја одбележа со свеченост, на која беше посочено дека гасификацијата е приоритет на владата. 

„Ваквите капитални инвестиции и динамика на работа јасно говорат за нашиот фокус како Влада за што поскоро да ја изградиме гасоводната мрежа и да го донесеме гасот до сите компании и до секое домаќинство“, изјави премиерот Емил Димитриев. 

Но, опозицијата реагираше дека власта треба да одговори зошто и по десет години се уште нема гас во земјава, а оваа делница чини три пати поскапо од цената која била првично предвидена. 

„Уште колку коктели ќе направат Никола Груевски и соработниците, уште колку чаши со здравици ќе испијат, уште колку црвени машни ќе исечат за гасоводот којшто и по 10 години во Македонија се уште не е пуштен во употреба?! На одбележувањето на завршување на изградбата на гасоводот Клечовце – Штип“ Груевски се разбира ова не го објасни. Бидејки гасовод има, ама гас нема“, реагираа од СДСМ. 

Но, не само во завршницата, туку и самата изградба на делницата беше проследена со низа контроверзи. Се спореше цената по која се гради делницата, но и начинот на кој беа избрани компаниите што работеа. Изградбата на делницата од Клечовце до Штип, чинеше 75,7 милиони долари, од кои 60 милиони долари беа пари од рускиот клириншкиот долг кон Македонија, а останатите 15 милиони долари се од домашниот буџет. Дел од енерегетичарите тврдеа дека станува збор за прескап проект затоа што изградбата на еден километар чинеше 1,2 милиони долари. И покрај нашите инсистирања власта никогаш не објасни, како е утврдено дека делницата ќе чини 75,7 милиони долари. Ова прашање особено се отвори  откако се увиде дека во Физибилити студијата нарачана од Министерство за транспорт и врски за оваа делница било утврдено дека треба да чини три пати помалку, односно 23 милиони долари. Иако се нарачатели, во Министерството за транспорт и врски воопшто не сакаа да коментираат за студијата. Одговорноста ја префрлаа кај Македонски енергетски ресурси, институција која го спроведува проектот. Но, и оттаму останаа без прецизен одговор. За изведувач на работите на делницата во Клечовце беше избрана руската фирма „Стројтрансгас“. Изборот е направен без тендер, во договор меѓу владите на Македонија и Русија. Изведувачот „Стројтрансгас“, потоа си избира свој подизведувач. Тоа е друга руска фирма „Севергасстројмонтаж“. Договорот со овие фирми надлежните институции никогаш не го обелоденија. А руските фирми беа на црната листа на САД, каде се најдоа поради кризата во Украина. Руските фирми, понатаму без тендер си избраа компании од Македонија кои ги ангажираа да работат на делницата. Меѓу десетината компании од земјава, кои руските изведувачи ги вклучија во проектот се најдоа и трите компании на Каранфиловски. 

Рапид Билд ќе ги гради делниците Штип- Неготино и Скопје –Гостивар. Дали ќе ја добијат и Неготино-Битола?! 

Бизнисот со изградбата на двете делници и тоа Штип-Неготино, и Скопје-Тетово-Гостивар, дефинитивно оди во рацете на конозрциумот предводен од Рапид Билд, а се чека да се види дали и третата делница Неготино-Битола ќе ја добие истиот конзорциум. Конзорциумот предводен од Рапид Билд го добива бизнисот за изградба на гасоводната делница од Штип до Неготино. Според објавениот договор, делницата треба да ја гради за сума од 18,6 милиони евра со вклучен ДДВ. За оваа делница имаше електронска аукција на која учествувале два конзорциуми, а победува Рапид Билд. Претходно имало и други заинтересирани конзорциуми, но тие биле дисквалификувани и не учествувале на аукцијата. Еден од дисквалификуваните, односно конзорциумот предводен од прилепската фирма ДМБ Продуцтион, ја обжали постапката во која Рапид Билд, е избран за најповолен понудувач. Но, Државната комисија за жалби по јавни набавки ја отфрли нивната жалба. Интересно е дека жалбата на овој конзорциум е отфрлена поради „разидување“ меѓу компаниите што се дел од самиот конзорциумот, односно ДМБ Продуцтион и Гранит. Практично, откако конзорциумот составен од ДМБ Продуцтион и Гранит, поднесува жалба за спроведениот тендер до надлежната комисија, подоцна Гранит испраќа известување дека таквата жалба е доставена без нивна согласност, и дека е дело само на ДМБ Продуцтион,  што го сметаат за спротивно на законот. Таквото известување испратено од Гранит, било доволно Државната комисија за жалби по јавни набавки да ја отфрли жалбата на ДМБ Продуцтион како недозволива и воопшто не се впуштила во оценување на фактичката состојба. По ова, конзорциумот предводен од Рапид Билд и официјално станува победник на тендерот за делницата од Штип до Неготино. Но, интересните детали не завршуват тука. Веднаш откако Гранит го растури конзорциумот со ДМБ Продуцтион, и со тоа Рапид Билд и официјално ја  доби делницата Штип-Неготино, на следниот тендер за делницата Неготино-Битола, Гранит влегува во конзорциум со конкурентите од претходниот тендер, односно со Рапид Билд. Иако, надлежните институции информираат дека за оваа делница постапката е во тек, и затоа нема официјална информација кој ќе ја гради, сепак дел од другите заинтерсирани конзорциуми веќе шпекулираат дека може да се очекува и оваа зделка повторно да оди во рацете на конзорциумот предводен од Рапид Билд. И работата на делница, Скопје –Тетово-Гостивар ја добива конзорциумот предводен од Рапид Билд. А според договорот, изградбата на делницата ќе чини 34 милиони евра со вклучен ДДВ. При тоа, и на овој тендер дел од останататите заинтересирани учесници не ги исполниле условите и се дисквалификувани. Иако бизнисменот Тони Каранфиловски не одговори на нашите прашања, сепак извори од компаниите посочуваат дека нема ништо спорно во тоа што тие се избрани како најповолни понудувачи на тендерите, затоа што сите постапки биле според законите. Истото го тврдат и во Македонски енергетски ресурси, институција која ги спроевдува постапките. 

Дисквалификациите на тендерите – најлесен начин за елиминација на конкуренцијата   

Речиси половина од теднерите во земјава завршуваат со претходна дисквалификација на конкуренцијата, и отустство на електронска аукција. Мониторингот на јавните набавки што го прави Центарот за граѓански комуникации покажува дека во изминатите неколку години уделот на тендерите во кои што не е реализирана планираната електронска аукција се движи во рамките од 40% до 50%. Причината за ова главно е во малиот број на понуди што ги доставуваат фирмите, но проблемот се продлабочува дополнително со исклучувањето на дел од фирмите кои доставиле понуда . 

„Одлуките за исклучување на одредени фирми од евалуацијата ги донесуваат комисиите за јавни набавки оспорувајќи им ги доставените документи за докажување на способноста или пак добиената понуда. Фирмите најчесто ова го одмолчуваат и не доставуваат жалба до надлежната комисија, иако во голем број од случаите сметаат дека биле оштетени со неприфаќањето на нивната понуда.  На овој начин тендерите завршуваат без планираната електронска аукција поради што постои објективен ризик договорите да се склучат по цени кои се повисоки од реалните. Имено, непишано правило е фирмите на отворањето на понудите да доставуваат повисока цена планирајќи на електронската аукција да ја намалат, вели Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации. 

Факиќ додава и дека не случајно еден од клучните параметри врз основа на кој што се проценува системот на јавните набавки во една земја е токму конкуренцијата, а фактот дека половина од тендерите во земјата завршуваат без конкуренција секако укажува на тоа дека системот не нуди гаранцијата дека за потрошените пари е добиена најдобрата вредност. 

Ова истражување е овозможено со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција. Содржината на публикацијата е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.  

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ВОЗАЧИ, ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КОГА УТРЕ ЌЕ ОДИТЕ НА БЕНЗИНСКА - Регулаторна со нови цени на горивата

ВОЗАЧИ, ЕВЕ ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ КОГА УТРЕ ЌЕ ОДИТЕ НА БЕНЗИНСКА - Регулаторна со нови цени на горивата

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

Еве ги најголемите економски патриоти! Кои се најголемите македонски извозници меѓу котираните компании?

МИЦКОСКИ КАЖА КОГА КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Еве што најави

МИЦКОСКИ КАЖА КОГА КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ДЕФИНИРААТ УСЛОВИТЕ ЗА УНГАРСКИОТ КРЕДИТ: Еве што најави

ВО СРЕДА ЌЕ ИМА ЈАВНА БЕРЗАНСКА АУКЦИЈА ЗА 9,83 ОТСТО - кој ќе искешира 7,34 милиони евра за акции на „Македонијатурист“

ВО СРЕДА ЌЕ ИМА ЈАВНА БЕРЗАНСКА АУКЦИЈА ЗА 9,83 ОТСТО - кој ќе искешира 7,34 милиони евра за акции на „Македонијатурист“

ШТО Е ТОА ШТО ГИ РАЗЛИКУВА „ТЕМУ“, „АЛИЕКСПРЕС“ И „ШЕЈН“: Голема трка за новиот кинески император

ШТО Е ТОА ШТО ГИ РАЗЛИКУВА „ТЕМУ“, „АЛИЕКСПРЕС“ И „ШЕЈН“: Голема трка за новиот кинески император

БАНКРОТ НА ЕВРОПСКИОТ ГИГАНТ ЗА БАТЕРТИИ: Директорот поднесе оставка откако се тргна надолу

БАНКРОТ НА ЕВРОПСКИОТ ГИГАНТ ЗА БАТЕРТИИ: Директорот поднесе оставка откако се тргна надолу

Должник на МЕПСО од Косово пред суспензија од пазарот за електрична енергија

Должник на МЕПСО од Косово пред суспензија од пазарот за електрична енергија

ОВА Е НАЈОМРАЗЕНИОТ ЧОВЕК НА ВОЛСТРИТ: Трамп го номинираше за министер за трговија

ОВА Е НАЈОМРАЗЕНИОТ ЧОВЕК НА ВОЛСТРИТ: Трамп го номинираше за министер за трговија

Соработката со „Бехтел ЕНКА“ продолжува со презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување

Соработката со „Бехтел ЕНКА“ продолжува со презентации во Прилеп и во Битола за тендерските процеси и за зајакнување на учеството во локалниот синџир на снабдување