Караџиќ преку адвокатот кажа што мисли за пресудата
Објавено во: Балкан 20 Март, 2019
По изрекување на пресудата за доживотен затвор, првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ кажа што мисли за одлуката на судот.
„Ова нема врска со правдата“, ова е првата реакција на Караџиќ, кој денеска во Хаг е осуден на доживотна затворска казна за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото направени во Босна и Херцеговина.
Оваа изјава ја пренесе адвокатот Горан Петронијевиќ, член на неговиот правен тим кој беше присутен во судницата на изрекување на пресудата.
Адвокатот Питер Робинстон, пак, рече дека неговиот клиент чувствува морална одговорност за воените злосторства направени во текот на вооружениот судир. Но, како што вели, Караџиќ не се согласува со меѓународниот суд дека тој треба да сноси индивидуална кривична одговорност.
Робинсон рече дека Караџиќ е решен да ја продолжи борбата за да ја тргне стигмата од неговото име.
„Тој рече дека денеска политиката триумфираше над правдата. Жалбениот совет премина преку неправедно судење и нефер пресуда“, додаде Робинсон.
Тој вели дека Караџиќ ги повикал своите приврзаници да не се впуштаат во какво било насилство.
Караџиќ во 2016 година првостепено беше осуден на 40 години затвор.