Кирацовски му го прифати извинувањето на Азманов
Објавено во: Македонија 24 Јули, 2019
Пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, го прифати извинувањето од градежниот инвеститор Зоран Азманов, откако бизнисменот објави дека се работи за недоразбирање.
Бев погрешно информиран дека Кирацовски не дозволувал да се тргнат некои наслови и затоа се извинувам за таквата изјава во врска со Кирацовски за Инфомакс, рекол сопственикот на „Настел“.. Како што пишува „Доказм“, бизнисменот дознал од трето лице дека Кирацовски имал влијание врз овој портал, а тоа директно не му било предочено од сопственикот на порталот и затоа го кажал во интервјуто за Инфомакс.
По ова Кирацовски објави дека е задоволен од ваквото извинување на Азманов.
„После моето укажување и најавата на тужба за лажното информирање на јавноста и мое клеветење, господинот Азманов јавно се извини и побара повлекување на лажната вест.
Жалам што мораше на овој начин, преку најави на тужби за клевети да се докажува вистината, но тоа е единствениот начин во нашето, со лажни вести заразено, општество.
Сепак ова е светол пример на доблесно извинување.
И уште еднаш...Трендот на лажни вести мора да запре.
На хаосот од инсинуации кои ја искривуваат вистината мора да се стави крај.
Демократија Да, анархија од лаги и измислици Не!“, напиша поранешниот генерален секретар на СДСМ.