Кои се таинствените туристи кои ќе патуваат до Месечината во 2018 година?
Објавено во: Свет 06 Март, 2017
На крајот на февруари Илон Муск соопшти дека неговата компанија SpaceX ќе поведе две лица на лет околу Месечината во 2018 година . Сепак, тој одби да го открие идентитетот на вселенските туристи, што ја отвори широко вратата за шпекулации.
За двајцата се знае само дека се познаваат и дека платиле солени суми како депозити за патувањето. Од Mashable ги даваат своите претпоставки за тоа кои би можеле да бидат тие.
Ричард Бренсон
Точно е дека британскиот милијардер си има свои компании (Virgin Galactic и Virgin Orbit), кои планираат да прават комерцијални летови во вселената. Но Месечината не е нивна цел. Бренсон е ексцентричен и сака да ризикува. Има и парите да си го дозволи. Многу веројатно е токму тој да се поврзал со Муск.
Сергеј Брин
Коосновачот на Google постојано истакнуваше дека сонува да лета во вселената. Тој дури си плати да отиде до Меѓународната вселенска станица, но овој лет уште не се оствари. Покрај тоа Брин се занимава активно со иницијативата Google Lunar X Prize - трка што нуди награда од 20 милиони долари на првата приватна компанија која ќе успее да слета со вселенското летало на Месечината и таму да направи голем број на задачи. Можеби пак Брин сака однапред да застане таму? Ништо чудно.
Непознати милијардери
Не сите богаташи сакаат да се во јавниот домен. Можно е туристите на Муск да се луѓе за кои не сме слушнале порано. За да одиш на такво патување, треба да поседуваш милиони долари и многу слободно време, потребно за тренинзите. Некои од извршните директори на големи меѓународни корпорации се вклопуваат во оваа слика.