26 Април, 2024
0.0329

Колумна на Глигор Бишев: Солидарноста и пазарната економија

Објавено во: Колумни 15 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Банките се институции од посебно значење. Намалувањето на ризичното однесување на банките и нивното банкротирање се врши преку три механизми: а) воведување на супервизорски стандарди и супервизија над работењето на банките; б) транспарентност и пазарна дисциплина; и в) ефикасно корпоративно управување. Супервизорските органи, ex post , вршат контрола дали банката при одлучувањето и работењето суштински и систематски се придржувала кон прудентните супервизорски стандарди. Тие не одлучуваат и не одобруваат кредити наместо банката.

Колку да биде изразена солидарноста во современата пазарна економија е едно од клучните прашања во денешно време во услови на светска пандемија. Како да се помогне и дистрибуира дел од доходот од побогатите кон сиромашните и ранливите групи преку фискални интервенции, станува едно од клучните прашања за избегнување на сериозна сиромаштија и справување со здравствената криза. Се почесто се препорачува од страна на Обединетите Нации и UNDP, воведување на транзиторен базичен доход за погодените и сиромашни семејства во услови на светска пандемија и економска криза.

Истовремено, основниот базичен принцип на пазарната економија не се доведува во прашање од никого – инвеститорите да бидат наградени во форма на профит од ефикасните инвестиции и во услови на неефикасни инвестиции сами да ја поднесуваат загубата. Социјализација на загубите од лоши инвестициони одлуки не се заговара од никого. Всушност, социјализацијата на загубите од лошите инвестициони одлуки е погубно за пазарната економија. Тоа води до погрешна алокација на ресурсите, долгорочна стагнација и трајна економска криза.

Овој принцип важи и за банкарската индустрија која е клучен инструмент преку која се врши алокација на домашното и странското штедење. Здравите банки по правило вршат ефикасна алокација на штедењето а кај банката тоа се манифестира во мал процент на лоши пласмани. Банките што вршат погрешна алокација на штедењето, во неефикасни и непрофитабилни проекти имаат висок процент на лоши пласмани. Банкарските системи што вршат ефикасна алокација на штедењето и имаат ниско ниво на лоши пласмани, придонесуваат растот на националната економија да биде висок, невработеноста ниска, раст на штедењето а со тоа и до нов циклус на раст на кредитите.

По правило, кредитирањето, банките го прават со туѓи средства, средства на штедачите – населението и компаниите. Од тие причини, пропаѓањето на банките има многу поголемо негативно влијание во однос на пропаѓањето на компаниите. Но, уште по погубно е социјализирање на загубата на банката, бидејќи сте верифицирале лоши пласмани, лоши деловни одлуки, лоша алокација на штедењето што не води кон раст и вработеност. Заради тоа, секаде во светот, банките од аспект на социјализацијата на загубите се третираат на ист начин – инвеститорите мора да ја поднесат загубата.

Меѓутоа, зато што се работи за институции од посебно значење, институции што прибираат штедење од голем број на економски субјекти и институции што даваат кредити на голем број на економски субјекти, се смета дека веројатноста за банкротство на банките треба да биде значително ниска, во однос на останатите економски субјкекти. Намалувањето на ризичното однесување на банките и нивното банкротирање се врши преку три механизми: а) воведување на супервизорски стандарди и супервизија над работењето на банките; б) транспарентност и пазарна дисциплина; и в) ефикасно корпоративно управување.

Супервизорските стандарди ги претставуваат најдобрите банкарски практики и по правило тие се унифицирани на светско ниво преку Базелскиот комитет за прудентна супервизија. Националните регулаторни органи по правило ги прилагодуваат овие стандарди во склад со специфичностите на земјата. Овие стандарди ги опфаќаат сите области од работењето на банката – прифатливоста на акционерите и менаџментот, стандарди за адекватноста на капиталот, стандарди за управување со ризиците и издвојување на резервации, стандарди за информирање на јавноста и добро корпоративно управување. По правило преку почитувањето на овие супервизорски стандарди се смета дека банката нема да биде изложена на високи ризици а со тоа веројатноста за нејзино пропаѓање се сведува на исклучително минимално ниво.

Според емпириските анализи на Базелскиот комитет, во поновата историја не е регистрирано да пропадне банка што суштински ги почитувала овие стандарди. Банките што пропаѓале, по правило имале неефикасна имплементација на овие стандарди, лошо управување со ризиците, недоволно издвоени резервации и недоволна адекватност на капиталот. До слични констатации се доаѓа доколку се анализира и поновата банкарска историја во Република Северна Македонија. Сите банки што пропаднаа по монетарното осамостојување, суштински и систематски не ги имплементираа пропишаните супервизорски стандарди во своето работење и по правило имаа лошо управување со кредитниот ризик, недоволни резервации за потенцијални загуби и недоволен капитал за да ги абсорбираат загубите.

Супервизорските органи, ex post , вршат контрола дали банката при одлучувањето и работењето суштински и систематски се придржувала кон прудентните супервизорски стандарди. Тие не одлучуваат и не одобруваат кредити наместо банката. Тие еx post, констатираат дали банката носела прудентни и ефикасни одлуки, и доколку се констатират одстапувања од стандардите се бараат корективни мерки и акциски план за надминување и подобрување на состојбите и подобрување на управувањето со ризиците.

Вториот столб што треба да ги принуди банките на здраво и ефикасно работење е пазарната дисциплина и транспарентноста. Банките се обврзани да објавуваат годишни и полугодишни извештаи, ценовно чуствителни информации, да имаат екстерни ревизори и да бидат транспарентни во своето работење. Со тоа се смета дека врз основа на овие информации, пазарот а особено штедачите ќе ја дисциплинираат банката на прудентно работење и прифаќање на умерени ризици. Имено, економските субјекти а особено големите штедачи се смета дека се доволно едуцирани да ги разберат финансиските извештаи на банката и преку селењето на своите депозити да дадат сигнал дека не прифаќаат соработка со банка која прифаќа високи ризици во своето работење. Заради тоа и штедните влогови над одреден износ, во било која земја во светот не се осигуруваат. За големите штедачи, со средства во банката над износот што подлежи на осигурување, се смета дека се одреден вид на инвеститори, кои наместо да инвестираат во акции и должнички хартии од вреднопст, инвестираат во депозити во банка. Тие треба да бидат столбот на пазарното дисциплинирање на банката. За жал, емпириските искуства во Македонија покажуваат дека економските субјекти не се сензитивни на високите ризици што ги прифаќаат одредени банки. Тие даваат поголема тежина на висината на каматната стапка при селекцијата на банката во однос на ризикот што го презема пооделна банка.

Третиот столб за здраво и стабилно банкарско работење е ефикасно корпоративно управување. Банките треба да бидат акционерски друштва, да имаат двостепен систем на управување, при што во надзорните одбори на банките најмалку 1/3 од членовите треба да бидат независни професионални членови. Тоа треба да доведе до професионална селекција на извршниот менаџмент на банката, при што надзорниот одбор ќе спроведува ефективна контрола над истиот. По правило се покажува, дека на светско ниво, кај банките што прифаќале превисок ризик и пропаднале, надзорниот одбор немал ефективна контрола над работењето на извршниот менаџмент.

Сето тоа, детерминира солидарноста во банкарството да се лимитира до нивото на износот што се гарантира со шемите за осигурување на депозити. Исклучок се периодите на елементарни непогоди или големи економски рецесии, кога лошото работење на банките не е резултат на лошите деловни одлуки туку тоа е резултат на екстерни фактори што се вон контрола на банките. Во такви случаи, како што беше тоа случај со светската економска криза 2007-2009, државата може да интервенира и да спроведе шема на санација на банките и примени многу повисок степен на солидарност од оној што е вообичаен. Социјализацијата на загубите како резултат на лошите деловни одлуки на банките не само што не се препорачуваат туку тие се сметаат и штетни, бидејќи со тоа ќе се поткопа пазарната дисциплина и се мотивира селење на штедењето од здравите прудентни банки кон банките што вршат неефикасна алокација на истото. Краен резултат би била економска стагнација и виосока невработеност.

Проф.д-р Глигор Бишев, претседател на УО на Шпаркасе банка Македонија и потпретседател на Стопанска комора на Македонија


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД