26 Април, 2024
0.0289

Ковид-19 нема наскоро да исчезне – како понатаму со економијата?

Објавено во: Колумни 19 Август, 2021

Добивај вести на Viber

Не ретко, а особено во ова време-невреме, си го поставувам прашањето: Дали, при денешната комуникација постои објективност - базирана на факти (вистина), како општествена карактеристика на поединецот или групата? Одговорот е дека не постои. Оттука, кога сме веќе свесни, барем еден дел од нас, дека објективниот човек и интерпретацијата на фактите имаат само субјективна потпора за личен интерес, поточно се засновани на лично толкување на ВИСТИНАТА, на начин што, поединецот, без силни факти, смета дека треба да ја прифати, а потоа и да ја произнесе надвор во околината, токму тогаш, со право може да кажеме дека вистинските вредности во општеството се изгубени.

Во погорниот пасус, вака срочена, мојата реченица има налик на филозофско толкување на нештата. За таа цел, истата ако ја аплицирам во пракса ќе се отслика денешнава поделба на граѓанството, и тоа не само домашното, туку и она од западот, на „ваксери“ и „антиваксери“. Доволно е, да се напише еден збор по тој основ на интернет пребарувач, и ќе се истакнат повеќе наслови, како овој: „Ваксери и антиваксери во жестока битка околу рестрикциите против Ковид-19“ (Извор: Deutsche Welle). Тука, би рекол дека е сосема легитимна поделбата на граѓаните, да имаат различни мислења или да се води „битка“ за воведување на подобри мерки, а во насока на критики, коментари или пофалби, упатени до надлежните раководители и стручни комисии во здравствените системи (било тоа да е за македонскиот или меѓународните здравствени системи). Но, внимавајте, да се има сосема различен став, дури и да се води жестока јавна „битка“ (читај: „ваксери“ и „антиваксери“) околу темата, дали треба или не, населението да се вакцинира, тоа, според мене (се извинувам за употребата на зборот) не се граничи, туку е вистинска ЛУДОСТ.

Имено, сите ние, имаме силен копнеж за ослободување на состојбата со пандемијата, еве веќе блиску две години. Но, да не шпекулирам, бидејќи не сум епидемиолог, ќе речам, гласно размислувам според фактите со кои располагам, а се јавни - вирусот Ковид-19 нема наскоро да исчезне и граѓанството веќе треба сериозно да се подготви да живее со него, уште долго време. Ова, подразбира дека и државата, поточно здравствениот систем, потоа индиректно, фискалната и монетарна власт, треба да се подготвуваат за живот на економијата под вакви услови. Во контекст на ова, ќе се надоврзувам со минато-неделната изјава на израелскиот министер за здравство Хорвиц, каде, меѓу другото се вели дека корона-вирусот нема наскоро да исчезне, и дека земјата веќе сериозно се подготвува да живее со вирусот уште долго време. Внимавајте, министерот на една од државите со најдобар здравствен систем, вели: "уште долго време".

Како што напишав и неодамна, кај сите нас, преовладува едно чувство на „чекање од нешто да се ослободиме“. Но, нема да оди брзо. Имено, после оваа состојба т.н. „нов четврт бран“ со лошите статистики, единствена надеж е вакцинацијата, и тоа, само со силно почитување и строга дисциплина за време на јазот меѓу времето на примањето на првата, втората и евентуално трета доза. Тука е грешката на повеќето од вакцинираните граѓани, а и мојата - во пребрзото опуштање после процесот на целосна вакцинација. Подолу, во функција на изнесување на силен факт, наменет за „антиваксерите“, ќе го цитирам мојот почитуван професор на магистерските студии, д-р Драган Даниловски, кој вели: „Ако го добиеме вирусот во телото, негативните ризици за организамот се илјадници пати поголеми и полоши во размер од 1 наспрема 5000, во споредба со оние, кога ќе ја примиме вакцината, а да се појават несакани појави“. Уште еден силен факт, истакнат од еден од најпознатите германски виролози, д-р Дорстен, се упатувања на бројни апели за не-одбивање на вакцините.

Од стојалиште на граѓанин, кој е вакциниран, располагам со неколку значајни факти во насока на превенција од вирусот. Иако малкумина знаат дека сум бил во еден значаен период од научното минато на Медицинскиот факултет во Скопје, како дел од првата генерација (2007-2009) на „Master in Public Health“, сепак, се ставам во друштвото на економисти, и ќе речам дека сум нестручен да коментирам, туку, гласно размислувам со загриженост за економијата, а првенствено за човечките животи на македонските граѓани. Според тоа, сметам дека сите типови на вакцини се екстремно добри, и нема друга алтернатива, освен - масовна вакцинација на секој човек. Поточно, тука нема простор за друга дебата. Од ова, како предвесник или најава за следните состојби во земјите од регионот, па и кај нас, може да подвлечам дека следува сериозен нов бран, и тоа сега, во кој, највеќе како таргет ќе бидат младите и не-вакцинираните лица. Потоа, ќе следи нов, уште еден, па лето, па уште еден. Итака, вирусот ќе врти, се додека ги помине групите невакцинирани лица, млади и дел од вакцинираните со две дози, а кои нема да одат на трета.Иако, припаѓам на групата "вакцинирани", сум на мисла дека ризикот за зараза постоии кај нас, но во споредба со другите, тој е значително помал.

Покрај здравјето, се разбира, за кое сите сме согласни, и без дилеми дека е најважно, многу од граѓаните се желни или имаат потреба да прочитаат и да дебатираат за домашните економски состојби и перспективи, особено за наредната 2022 година, како и воопшто за состојбите на микро и макро план за економијата на среден рок.

На почетокот на кризата, чинам беше март 2020 година, во АБИТ објавивме една анализа, инспирирана од водечките централни банкари во ЕУ. Тогаш, компаниите, во паника и страв од шокот, се соочија од ден на ден, со загуби на приходите и многу од нив веќе ги намалија работниците. Како што се предвидуваше, 2020-та година така и заврши. Со длабоката рецесија, која беше неизбежна. Предизвикот, со кој, надлежните се соочуваа лани, а ќе биде актуелен и во оваа година, е тоа - како да се дејствува со доволно сила и брзина за да се спречи рецесијата, поточно да се претвори во брза пролонгирана депресија, која ќе покажува повторно ефекти на експанзија и позитивни стапки на раст во економијата? И тогаш, и сега, беше јасен одговорот на ова. Државата, мора да вклучува значително зголемување на јавниот долг. Имено, таа, тоа и го направи. Практично, како што анализиравме во 2020 година, загубата на приходите направена во приватниот сектор создаде празнина. Оттука, за да се пополни празнината во макроекономијата, на крај, таа мораше да се апсорбира, целосно или делумно, врз билансите на Владата. Така и беше. Резултат: минус 4,5% на БДП. Од компонентите на БДП, за минатата година, падот беше најизразен: кај индустријата до -10% (кај преработувачката индустрија беше -10,6%), кај трговијата, транспорт, сообраќај и угостителство, изнесуваше до -7,9%, потоа кај услужните дејности до -2,4% и градежништвото до -2.1%. Имено, таа негатива беше како резултат или како последица на квартал 2, од 2020 година (читај: состојба на „lockdown“). Во интерес на читателите, немам намера да ги пишувам бројките за квартал 2. Истите, беа лоши (минус 14,9%). Денес, сме во пооптимистичка состојба, со бројки на минимален пад на БДП, за прв квартал на 2021 година, од -1,9%. Состојбите, со квартал 2, заклучно со јуни и квартал 3, во 2021 година, како резултат на олабавените мерки и големиот број на странски туристи и македонски граѓани од дијаспората преку летниот период, ќе бидат позитивни. Од друга страна, пак, тоа има допринос за експанзивни позитивни случаеви кај граѓанството, како новозаразени од вирусот. Овде, би додал дека тоа е тој т.н. вртлог, во кој, сите се вртиме, растргнати помеѓу „нов пик“ и „одржлива економија“. Практично, секако пик ќе има, во квартал 3 од годината, кога е вообичаено време за вируси. Затоа, државата акумулира „снага“ во летниот период преку демонстрација на „лабавост“, и така во круг, како сите други држави.  

Од ова, може да се предвиди дека, и понатаму, во 2021 година, како и во наредната, во македонската економија ќе преовладува високо ниво на јавен долг, кои за жал, на долг рок ќе станат главна карактеристика во националната економија и мора да биде придружен со откажување на долгот на стопанството. Државата, преку нејзината улога, сама, во оваа кондиција за наплата на даноци (како што е сега) нема да може да ја заштити економијата од шоковите на приватниот сектор. Практично, работата на даночната политика во вакви услови ќе биде отежната.

Академски предлог: одржување на зголемувањето на јавниот долг, како што тоа го правеле земјите од Западна Европа за време на кризна состојба. Како? Мобилизација на целиот финансиски систем, со особен осврт на пазарот на обврзници (корпоративни) и банкарскиот систем, и тоа без бирократски одложувања. Имено, високата профитабилност и ликвидност (солвентност) кај македонските банките е добра позиционираност за економијата во целост, ако се имаат во предвид идните состојби на неизвесност и ризиците кои не пратат. Банките, сум на мисла, треба да ја искористат ликвидноста и солвентноста, така што, брзо ќе позајмуваат средства со ниски или речиси нула трошоци на компаниите, кои, ќе бидат подготвени да растат и да ги зголемуваат (заштитуваат) работните места. Бидејќи, банките, на овој начин стануваат средство за јавната политика, капиталот што им е потребен за извршување на оваа задача, државата мора да го обезбеди во форма на некакви т.н. државни гаранции за сите дополнителни пречекорувања или заеми. За оваа намена, сметам дека ниту регулативата, ниту, пак, правилата за обезбедување треба да го спречуваат создавањето на услови потребни во билансите на ентитетите. Понатаму, сметам дека цената на овој вид на т.н. гаранции за компанијата, што таа би ги примала од државата, не треба да се заснова на кредитниот ризик, туку треба да биде нула, без разлика на државните трошоци за нивно издавање.  

P.S. На крајот, ја користам оваа прилика да упатам една шега, убава енергија и голем поздрав до сите мои колеги, медицински лица - доктори, стоматолози, епидемиолози, експерти по јавно здравство, кои, бевме учесници во таа, би рекол, прва и незаборавна генерација на Медицинскиот факултет во Скопје. Колеги од здравство, јас политичар не станав, но тогаш, мотивирав еден дел на млади, за денес, истите да се занимаваат со таа професија. Ете, тоа е мојата грешка.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД