Министерот тврди дека новото време донесе нови предизвици и за правосудство и бара нови решенија како да функционира системот, така што се изродиле нови пракси за функционирањето на судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата.
„За време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса“, смета Маричиќ.
Потсети дека со цел граѓаните да можат да си ги остварат своите законски загарантирани права, како да добијат заштита на тие права и како сите да имаат еднаков и фер пристап до правдата, Европскиот ден на правдата се одбележува со отворени судници и канцеларии за да се доближат граѓаните до правдата и да се запознаат со тоа како функционира правосудниот систем и бесплатната правна помош.
„Преку бесплатната правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе добијат адвокат и фер судење, но и право да добијат информација или совет за одредено прашање од правна природа. За да ја направиме правдата подостапна за граѓаните, наскоро очекуваме и огромно намалување на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари. Сега таа ќе се намали за осум пати и ќе изнесува најмногу 6.000 денари. Со ова, судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени, со што правдата ќе стане подостапна за нив“, наведе Маричиќ.