Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе
Објавено во: Колумни 13 Мај, 2024
Рускиот претседател
Владимир Путин наредниве денови, најверојатно, ќе замине за Кина. Ако не се
случи нешто непредвидено, тој со својот домаќин, Шји Џинпинг ќе има што да
поразговараат. Кинескиот претседател само што ја заврши европската турнеја. На
неа со своите домаќини, посебно во Франција и во Унгарија, разговараше и за
војната во Украина. Емануел Макрон и Виктор Орбан ги кажаа своите погледи и
ставови кон војната.
Сега Џинпинг на Путин ќе му ги пренесе сознанијата со кои се стекна во Париз и во Будимпешта, и како заговорник на мирно решавање на кризата, со Путин ќе ги разгледаат грижите на Франција и Унгарија за ставање побрз крај на воените дејства и отворањето пат кон мирот во Украина. Во предвечерието на евентуалното патување на Путин во Пекинг, тој го упати на утврдување до Советот на Федерација, списокот на министри и функционери кои се во негова надлежност. И не помина без изненадување. Путин предлага смена на министерот за одбрана Сергеј Шојгу и на секретарот на Советот за безбедност, Николај Патрушев. За нов министер за одбрана се предлага Андреј Белоусов, досегашен прв заменик на премиер. Шојгу би бил секретар на Советот за безбедност, а досегашниот секретар, Патрушев, нова должност би добил наредниве денови. Началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов останува на својата должност. Други драстични смени нема.
За смената на Шојгу во некои Телеграм-канали се шпекулираше изминативе денови. Во јавноста се споменуваа имиња кои би го замениле, меѓу нив и генералот на армија, Сергеј Суровикин, кој по неуспешниот бунт на Евгениј Пригожин, беше повлечен од военото поле во Украина и беше пратен во Африка. Таа шпекулација беше демантирана со фотографија од Суровикин некаде од Африка. Ако не се потврдија имињата за смената на Шојгу, самата смена се потврди. На негово место доаѓа Андреј Белоусов. Тој е втор министер за одбрана кој доаѓа од цивилниот сектор. Ако не се смета вршењето на должност министер за одбрана од март до мај 1992 година на Борис Елцин. Пред Белоусов граѓански министер од 2007 до 2012 година беше Анатолиј Сердјуков, кого го сметаа за прв реформатор на руската армија. Но настрада во корупциска афера, која сепак немаше судска разрешница. Благодарение на амнестија, неговото дело беше затворено.
ИЗНЕНАДУВАЊЕ
Изборот на Белоусов е храбар потег на Путин, особено ако се знае дека во Русија, а и во Советскиот Сокуз министрите за одбрана доаѓаа од војската. И назначувањето на Сердјуков во 2007 година беше дочекано со критики од разни офицери и генерали. Знаејќи го односот на Путин кон армијата и долгогодишното министерување на Шојгу, сегашното назначување на Белоусов може да се нарече и изненадување. Тој во својата досегашна кариера одговараше пред Путин за економијата. Во својата кариера бил и негов економски советник. А заземал и високи позиции во владата. Белоусов се занимаваше со екстрапрофитот на извозниците. Па дури воведе и еднократен годишен влог, т.н. неочекуван данок(windfall tax), кој го плаќаа извозниците. И на тој начин над 300 милијарди рубљи се влеваа во буџетот.
Белоусов е економист од кариера. Уште од времето на СССР, а потоа во Русија постојано се занимава економска анализа и прогнози. Во владата влегува во 2006 година, како заменик министер во Министерството за економија. Во времето кога Путин беше премиер, Белоусов беше во неговиот апарат. Оттогаш го сметаат за близок човек на Путин. Па во 2013 година станува економски помошник во администрацијата на претседателот. Според некои извори, сите економски предлози, пред да дојдат кај Путин, морале да бидат верификувани од него. Се тврди дека токму тој го “заразил“ Путин со дигиталната економија и блокчејнот. Исто така, дека Белоусов не е само извршител, туку дека во неговата глава има слика, како треба да функционира руската еокномија и како треба да се реализира во стварноста. Велат дека само тој од економското опкружување на Путин го поддржал присоединувањето на Крим. И дека верува во постоењето на „непријателски круг“ околу Русија. И за ова во 2022 година е „награден“ со санкции од Западот кон него.
Коментирајќи го изборот на граѓанско лице за прв човек на одбраната портпаролот на Путин, Димитриј Песков, рече дека таквото решение е донесено во врска со неопходноста од вградување на економијата на одбраната во економијата на земјата. Ова од причина што „Ние постепено, од познати причини, се доближуваме до ситуацијата од средината на 80-тите, кога трошоците за одбрана беа 7,4 проценти. Тоа не е критично, но е крајно важно“, рече Песков. До пред извесно време се тврдеше дека трошоците за одбрана изнесуваа 3,4 проценти од БДП. Очогедно е дека растат и тоа нагло и може да се зборува за воена економија. Според Песков, „Министерството за одбрана треба да биде апсолутно отворено за иновации, за вградување на напредни идеи, за создавање услови за економска конкурентна способност. Токму затоа Путин го одбрана Андреј Белоусов“.
ВОЕНО КЕЈНЗИЈАНСТВО
Белусов за местото на руската економија во светот вели дека:„ До 2030 година нашата земја треба да влезе во четворката најголеми економии во светот. Денес, како што се знае, според големината на БДП, според паритетот на куповната моќ руската економија е на петто место. Прогнозите покажуваат дека Русија може да биде четврта економија, надминувајќи ја Јапонија“. За суверенитетот тој вели дека: „ Русија е една од земјите во светот, која го зачувала суверенитетот и способноста да ги реализира своите национални цели и национални интереси, спроведувајќи политика во согласност со своите национални интереси, што не исклучува заемна соработка со други земји“.
Новиот кандидат за министер за одбрана на Русија го сметаат за еден од главните идеолози на сегашниот економски курс на земјата – воено кејнизијанство. Ова како дел од борбата со западните санкции. За ова пишуваше и „Фајненшел тајмс“. Се прават поголеми вложувања буџетски пари во економијата преку воени трошоци, и не само преку нив. Според експертите тој начин на водење економија е еден од главните фактори на сегашниот економски раст на Русија. Белоусов, своевремено го известуваше Путин за проблемите со производство на дронови во Русија. Немањето делови, опрема, кадри...Па оттука, веројатно и плановите на Путин новиот министер да се занимава и со прашањата за снабдување на армијата и организацијата на производството на оружјето, без какво било мешање во воените операции, бидејќи Герасимов остана на својата функција.
Како потврда на ова се и зборовите на Песков дека воената компонента секогаш била прерогатив на началникот на Генералниот штаб, а на тој план не се предвидуваат измени. Оние што се занимавале или се занимаваат на одреден начин со војската, сметаат дека се проширува опсегот на задачите на воената операција, потребата од организирање поблиска интеракција меѓу вооружените сили и подобрување на квалитетот на поддршката за војската. Па затоа со воените дејства треба да раководи човек кој ги има сите овластувања за тоа. Своевремено и поранешниот главен командант на Вооружените сили на Украина Валериј Залужњи велеше дека ги чита книгите од Герасимов и го интересира неговото мислење како воено лице.
ЧИСТКА ВО МИНИСТЕРСТВОТО
Сменетиот Шојгу долги години важи за лице од доверба на Путин. Се’ уште можат да се најдат видеата од нивните заеднички екскурзии во тајгата. Де ловеа риби, де веслаа со чамци, де ги гледаа животните. Новата функција на Шојгу некои ја сметаат како негово напредување. Тој исто така е назначен и за заменик претседател на Комисијата за воено-индуструскиот компелкс, а ќе ја координира и Федералната служба за воено-техничка соработка. За него Песков изјави дека ќе работи во област која тој “ја знае прекрасно од внатре и заедно со своите колеги и партнери од претходното работно место“. Шојгу, како секретар на Советот за безбедност тесно ќе соработува со Путин. Советот за безбедност е аналитичка структура одговорна за изработка на концепции и доктрини в областа на безбедноста. Се смета дека при Патрушев, улогата на Советот нагло порасна, а Патрушев имаше и улога на преговарач со претставници на западните земји.
Што носат промените во воениот дел од новата влада? За Белоусов велат дека е човек со принципи и дека на прво место му е државниот интерес. И не потклекнува на притисоци. Се држи до своите принципи од кои многумина не се задоволни. Но ефектот од таа работа го направи Белоусов она што е сега. А ја има и поддршката од Путин. Нему ќе му биде предизвик да се соочи со корумпираните генерали во војската. Неодамна беше уапсен еден од замениците на Шојгу, по што многумина сметаа дека тоа може да влијае и врз неговата кариера. Заменикот министер, Тимур Иванов е во притвор осомничен за примање мито во големи размери. Оттука се очекува Белоусов да направи ревизија во работата на министерството. А потоа би следела и чистка во министерството. Белоусов ќе биде пред голем предизвик. И можеби ќе се соочува со отпори од носителите на системската корупција.
Многу важно е што сега ќе нема ривалство меѓу оперативците од Генералштабот и „административците“ од министерството. Во изминатите две години не еднаш се зборуваше за ривалска борба меѓу Шојгу и Герасимов. Па дури и за смена на началникот на Генералштабот. Но, Путин, очигледно, засега е задоволен од неговата работа.
Што носат промените за Украина? Вчера стигна еден коментар од украинскиот економист, Алексеј Кушч. Според него, сега „сè оди кон нагло зголемување на динамиката на рускиот воено-индустриски комплекс и зголемување на военото производство во Руската Федерација“. Куш верува дека Белоусов одиграл улога „во создавањето модел на раст за руската економија, длабоките структурни трансформации и прилагодувањето на санкциите“. „Тоа е многу лоша вест за нас, бидејќи нашите министерски позиции се антиподи на политиката на Белоусов, со агенда на вулгарен либерализам за време на војната“, напиша на ФБ Кушч.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.