Мицкоски денеска ќе се охрабри и ќе зборува пред Собранието
Објавено во: Македонија 10 Јануари, 2019
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и денеска ќе протестираат пред Собранието, а највено е дека пред присутните демонстранти овој пат ќе се обрати лидерот Христијан Мицкоски на вториот ден од седницата на која треба да се затвори финалната фаза од уставните промени со двотретинско мнозинство.
Претседателот на опозициската партија и вчера беше поканет да се качи на бината и да зборува, но одби да го стори тоа а даде само изјава за медиумите. Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека партијата и нејзиниот лидер се одлучила за таков потег затоа што не сакале да го злоупотребат протестот на граѓаните во тесно партиски цели, велат од таму.
– И покрај уфрлените елементи кои сакаат да го дефокусираат самиот протест, граѓаните покажаа достоинство и не подлегнаа на поединечните провокации. Тоа преставува изолиран и очаен обид на власта да го пренасочи вниманието. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јасно го изрази својот и ставот на партијата дека ВМРО нема да поддржи уставни измени и нема да даде легитимитет на нешто што нема легитимитет од народот. Мицкоски (денеска) во својство на еден од многуте граѓани ќе се обрати пред Собранието на Република Македонија, се наведува во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред Собранието во исто време се одржуваше протест во организација на здруженијата „Македонија блокира“, „Христијанско братство“, партијата „Единствена Македонија“, „Твордокорни“ против уставните измени. Најавија дека протестот ќе продолжи и денеска.
Собраниската седница за уставните измени продолжува денеска од 13 часот.