Мицкоски: Избори кога ќе бидеме како Словенија
Објавено во: Македонија 02 Јуни, 2020
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција побара да има парламентарни избори во Македонија кога, како што вели тој, ситуацијата со корона-вирусот ќе биде таква како што е во моментов во Словенија.
„Ние имаме поголем број на заболени од Ковид-19 од сите земји заедно во регионот. Погледнете ги Словенија и Хрватска, тука е Црна Гора, па и Бугарија и Грција. Безкрупулозно е да се прифати сега да има избори кога секојдневно има десетици новозаболени и по неколкумина починати, рече Мицкоски.
Претседателот на најголемата опозициска партија остава простор да се предомисли претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во категоричниот став дека 5 јули е последниот термин за избори по низата отстапки.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека изборите треба да се одржат во втората половина на 2020, но пред декември кога истекува редовниот мандат од четири години на власта.