Мицкоски: СДСМ води национален проект на понижување, омаловажување и уништување
Објавено во: Македонија 07 Декември, 2018
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва беше во посета на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Чаир, каде кажа дека СДСМ води национален проект на понижување, омаловажување и уништување на Република Македонија, а паралелно има процеси преку уценети и инструирани структури кои се обидуваат да се нанесе сериозен удар врз ВМРО-ДПМНЕ и врз самите членови.
Мицкоски посочи дека според „Транспаренси интернешнл“ Македонија е падната за 50 места или на 112. место на индексот на корупција што нè сместува некаде со Танзанија и Етиопија. Мицкоски зборуваше и за судските процеси.
„Ќе се појави некој сведок кој ќе каже дека ВМРО-ДПМНЕ била ваква или таква и како пратично ВМРО-ДПМНЕ се претстави во јавноста како злосторничка организација за да им се даде потоа правен легитимитет на овие структури да можат да нанесат удар врз ВМРО-ДПМНЕ и практично да ја забранат ВМРО- ДПМНЕ да постои. Затоа што така ќе бидат најсигурни“, вели тој.
Мицкоски вели дека тоа е проектот што го прави СДСМ преку своите структури во судството, обвинителството со нарачани сведочења и решението е да се побара правен основ да не постои повеќе партијата.
Според него, имало притисоци и закани за губење на работните места.