Најчевска: Сакам да знам зошто е именуван Емил Крстески за директор
Објавено во: Македонија 25 Јули, 2019
Професорката Мирјана Најчевска и порача на Владата дека кога разрешува стари и именува нови директори треба да образложи зошто ги разрешува претходните и зошто смета дека следбениците ќе бидат подобри во извршувањето на функциојата, по спроведената таканаречена „метла“.
Експертот за човекови права пикот особено му го удри на Емил Крстевски, кој вчера беше назначен за в.д. директор на Државен архив на местото на разрешениот Кирил Петров.
„Еве, ме интересира, кое е образложението за разрешување на претходниот директор на Архивот и кое е образложението за поставување на Емил Крстевски за нов директор.
Имало некои критериуми? Нешто по што Едниот не треба, а другиот треба? Зошто баш Емил, а не некој друг? Што е тоа што го прави Емил соодветен за оваа раководна позиција? Од што се воделе во Владата во донесувањето на своето решение? Затоа што е член на ДОМ, па во распределбата на колачот на нив дошло ред?
Затоа се влегува во власт? За да се дели колач? Или се има некоја идеја за промена.
Сигурна сум дека има добро и издржано образложение. Ама ајде во име на транспарентноста и да го слушнеме“, напиша Најчевска.
Таа исто така прашува и зошто е разрешена и првиот човек на Драмски театар Скопје, Викторија Арангелова Петровска, која оред една година го замени в.д.директорот Сашо Расевски.
„Исто како што ме интересира зошто е разрешена директорката на Драмски театар. Што е тоа заради што требало да биде разрешена? Или се делат местата секој по малку за сите да добијат чувство дека се дел од власта?
Кога јас ставам некого на некој проект точно знам зошто го ставам, што очекувам, какви резултати може да добијам и како конкретното лице ќе придонесе за соодветно остварување на проектот.
Во промените кои ги прават владите гледам делење на колач, плаќање на долгови и евентуално вработување на блиски луѓе“, додава Најчевска.
Владата на Република Северна Македонија донесе повеќе одлуки за разрешување и именување на директори, в.д. директори и членови на управни и надзорни одбори на агенции, инспекторати, управи, државни претпријатија и јавни установи. Меѓу другите, владата го именуваше за в.д. директор на Државен архив д-р Емил Крстески, член на ДОМ. Крстески има дипломирано на Политички науки на ,,Јустинијан Први“, а потоа и докторирано на истиот факултет.