НЕ Е ПУТИН: Кој е највлијателен човек во светот?
Објавено во: Свет 17 Април, 2017
Претседателот на Филипините Родриго Дутерте беше избран за највлијателниот човек во светот во 2017 година, покажува годишната анкета на TIME во која читателите на весникот даваат предлози за луѓето кои треба да присуствуваат во листата на највлијателните луѓе во светот - 2017 TIME 100.
Дутерте доби 5% од гласовите на читателите во анкетата која заврши во неделата вечерта. Од преземањето на функцијата во јуни, претседателот на Филипините води жестока борба со зависниците од дрога и според податоците на Reuters оттогаш досега се убиени над 8.000 лица, поврзани со трговијата со дрога.
Неговата кампања за борба против дрогата доведе до зголемување на отпор од страна на организациите за човекови права и некои политички лидери, меѓу кои и потпретседателот на Филипините Лени Робердо. Светската јавност ги осудуваше повеќепати методите на борба против криминалот во Филипини.
По Родриго Дутерте во топ 100 листата на TIME се редат Џастин Трудо, папата Францис, Бил Гејтс и Марк Цукерберг, кои добиле по 3% од гласовите на учесниците во анкетата.
Минатата година највлијателната личност стана американскиот сенатор Берни Сандерс, а во 2015 г листата беше предводена од рускиот претседател Владимир Путин.
Официјалната листа TIME 100 ќе биде објавена на 20 април.