04 Мај, 2024
0.0279

Незири: 80 илјади гласачи за Река ќе бидат клучни за избор на новиот претседател

Објавено во: Македонија 23 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Контигентот од 80 илјади гласови кои ги освои Блерим Река поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА ќе биде клучен за избор на новиот претседател на републиката. Со истражувачкиот новинар Џелал Незири правиме анализа за исходот во првиот круг каде сите партии добија помал број на гласови во однос на претходните избори, додека пак ДУИ целосно потфрли да ги убеди албанските гласачи да дадат масовна поддршка за Пендаровски. Секако, тоа може да се промени на 5 мај доколку бидат надминати сите полемики внатре во коалицијата со СДСМ, но не треба да се потценат ниту гласачите од албанскиот етнички блок кои се опозициски расположени и нивна главна цел да го поразат ДУИ или барем да го делигимираат како партиски субјект кој ужива најголема доверба кај Албанците. Зошто излесноста е историски најмала досега, дали постои зближување во камповите на Река и Силјановска Давкова, и дали постои сценарио за пропаѓање на изборите во втор круг со неисполнување на цензусот, анализираме со Незири.

Дали првичните резултати од претседателските избори се реални со одредена резигнација кај гласачкото тело генерално или пак потфрли владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ со уште триесетина партии. Вообичаено излезеноста во средините каде има мнозинство етнички Албанци излезноста е помала, па како таа се споредува со претходни изборни циклуси, што е сега поразлично?

ЏН: Точно е дека многу е мала излезноста во средините со мнозинство етнички Албанци. Не дека во претходните изборни циклуси процентот на излезеност бил многу поголем, но на овие избори е рекордно најмал. Ова зборува за три моменти: прво, етничките Албанци не се мотивирани за да учествуваат во изборот на претседател на држава, каде нема скорo ни минимални шанси да биде избран кандидат Албанец, второ – со ограничени уставни надлежности кои не задираат во конкретните интереси на граѓаните, кандидатот за претседател нема доволно материјал за да ги мотивира и убеди гласачите да излезат на гласање, и трето – етничките Албанци се разочарани од нивните политички партии, но и од СДСМ која ја гласаа на последните парламентарни и локални избори. Генерално гледано, претседателските избори секогаш биле проблематични во поглед на излезноста. Мала излезноство споредба со локалните имаше и на општините со мнозинство етнички Македонци. И тука е проблемот, природата на претседателските избори – избор на само еден кандидат со ограничени надлежности. Затоа и во изминатите изборни циклуси имавме комбинирани или паралелни избори, при што во 2009 година беа одржани заедно со локалните а вториот круг на претседателските избори во 2014 беше во ист ден со предвремените парламентарни избори.   

ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска прогласија победа и еуфорично настапија на прес конференциите, додека пак во СДСМ беше многу помирно. Дали ова е дефинитивен вовед во барањата за предвремени парламентарни избори?

ЏН: Не верувам дека ќе има предвремени избори, или пак ВМРО-ДПМНЕ ќе настојува на истите. Како прво, сите партии имаат пад на поддршката во споредба со последните избори од 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ на тие локални избори освои 335 илјади, а сега 320 илјади. Најголем пад секако дека има СДСМ, која од 415 илјади гласови на изборите од пред две години сега падна на 323 илјади. ДУИ целосно потфрли во обидите да ги убеди етничките Албанци да го гласаат Пендаровски, а Алијансата за Албанците и БЕСА не успееја да соберат повеќе од 100 илјади гласови за нивниот кандидат Река, иако немаше противкандидат кај Албанците. Сите партии реално се губитници на овие избори, а најголеми се СДСМ и ДУИ. 

Блерим Река освои околу 80 илјади гласови што за него како што кажа е подобро од очекувањата. Како овој резултат ќе се одрази на албанската опозиција и нејзината „битка“ со ДУИ. Од друга страна, можна ли е соработка со Силјановска во вториот круг за да му се нанесе пораз на Пендаровски како кандидат поддржан од ДУИ?

ЏН: Проценките во штабот на Река и кај партиите на Села и Касами беа дека ќе освојат помеѓу 100 и 130 илјади гласови. Во 1999 година кандидатот на ДПА, покојниот Мухарем Неџипи тогаш освои 155 илјади гласови, Имер Селмани во 2009 година имаше 140 илјади гласови, Гзим Острени од ДУИ во 2004 година освои 130 илјади гласови...Помалку гласови од Река има само Илјаз Халими од ДПА, кој беше единствен кандидат Албанец на претседателските избори во 2014 и во првиот круг освои само 38 илјади. Сепак, контингентот од 80 илјади гласови е значаен и детерминирачки за тоа кој ќе победи во вториот круг на избори, со тоа и кој ќе биде идниот претседател на државата. Овие гласови се собрани преку концепт кој опонираше на тој на владата на ДУИ и на СДСМ, но немаше многу допирни точки со платформата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Во последниот дел од кампањата имаше обиди за да се доближат ставовите на Сиљановска и Река, преку изјави или заеднички видео спотови, но ќе биде тешко да се мотивираат гласачите на Алијансата и БЕСА да дадат поддршка на кандидатот на ВМРО.  

Што очекувате од ДУИ во вториот круг на гласање. Ќе одат ли на тивок бојкот со цел да не се исполни цензусот од 40% на потребни гласачи. Веќе пак, има и гласини дека и СДСМ размислува на такво сценарио. Ни тропа ли нова политичка криза со изборот на претседател и можни уставни измени?

ЏН: Не верувам дека ДУИ би оделе на бојкот и со тоа да бидат главниот виновник за нова политичка криза во земјата, во моменти кога земјата очекува започнување на преговорите за членство во ЕУ. Не би било добро за нивната политичка иднина да играат деструктивна улога во клучните моменти за државата и граѓаните. Очекувам до вториот СДСМ и ДУИ да ги испеглаат разликите и посериозно да се заангажираат за мотивирање на граѓаните за да излезат и да гласаат на 5 мај. Сепак, и сценариото за пропаѓање на изборите не треба да се исклучи во целост.   


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ЗА ЛЕТНИ ТЕМПЕРАТУРИ ЌЕ СИ ПОЧЕКАМЕ: И мај ќе го поминеме со постудено време и чести врнежи од дожд

ЗА ЛЕТНИ ТЕМПЕРАТУРИ ЌЕ СИ ПОЧЕКАМЕ: И мај ќе го поминеме со постудено време и чести врнежи од дожд

„НА ОВОЈ ДЕН ПОЧИНАА ДВАЈЦАТА НАЈГОЛЕМИ МАКЕДОНЦИ, СЀ ДРУГО БАРЕМ ЗА МЕНЕ Е ЛАГА“: За д-р Беќаровски, четврти мај е македонскиот „Велики петок“

„НА ОВОЈ ДЕН ПОЧИНАА ДВАЈЦАТА НАЈГОЛЕМИ МАКЕДОНЦИ, СЀ ДРУГО БАРЕМ ЗА МЕНЕ Е ЛАГА“: За д-р Беќаровски, четврти мај е македонскиот „Велики петок“

ВАНКОВСКА ПРОГНОЗИРАШЕ КОЈ ЌЕ ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ, НО ДАДЕ МИСЛЕЊЕ И ЗА ДРУГИ ВАЖНИ ТЕМИ: „Македонија нема да може да биде ни твоја ни наша“

ВАНКОВСКА ПРОГНОЗИРАШЕ КОЈ ЌЕ ПОБЕДИ НА ИЗБОРИТЕ, НО ДАДЕ МИСЛЕЊЕ И ЗА ДРУГИ ВАЖНИ ТЕМИ: „Македонија нема да може да биде ни твоја ни наша“

АНГЕЛОВ НАЦРТА ЦРТЕЖ ЗА БУЈАР ОСМАНИ: „Според Бујар Османи токму тој едниот Албанец од ДУИ е клучен“

АНГЕЛОВ НАЦРТА ЦРТЕЖ ЗА БУЈАР ОСМАНИ: „Според Бујар Османи токму тој едниот Албанец од ДУИ е клучен“

ТРИ СТЕПЕНИ ГО ТРЕСЕА НОЌЕСКА СКОПЈЕ: Земјотресот потврден и од Сеизмолошка опсерваторија на Македонија

ТРИ СТЕПЕНИ ГО ТРЕСЕА НОЌЕСКА СКОПЈЕ: Земјотресот потврден и од Сеизмолошка опсерваторија на Македонија

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ДАНЕЛА СЕ РЕКЛАМИРА НА КАМИОНИ: Низ Скопје провозе камион со налепници на партијата на Арсовска

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ДАНЕЛА СЕ РЕКЛАМИРА НА КАМИОНИ: Низ Скопје провозе камион со налепници на партијата на Арсовска

СПАСУВАЧКА ДРАМА НА ЦУК: Повозрасно лице се изгубило на Плачковица, спасителите од „Осогово“ Кочани го најдоа во еден часот утрината

СПАСУВАЧКА ДРАМА НА ЦУК: Повозрасно лице се изгубило на Плачковица, спасителите од „Осогово“ Кочани го најдоа во еден часот утрината

„ПО ВТОР ПАТ СТАНУВАМ СРЕЌЕН СВЕКОР“: Љупчо Бујото доби уште една снаа

„ПО ВТОР ПАТ СТАНУВАМ СРЕЌЕН СВЕКОР“: Љупчо Бујото доби уште една снаа

ЈАНКУЛОВСКА СЕ ПОДГОТВИ ЗА ВЕЛИГДЕН: Ги покажа велигденските јајца но и тортата што ја направила

ЈАНКУЛОВСКА СЕ ПОДГОТВИ ЗА ВЕЛИГДЕН: Ги покажа велигденските јајца но и тортата што ја направила