НОСАТ ЛИ РИЗИК ПОВИСОКИТЕ ПЕНЗИИ: Светска банка предупредува - може да се поткопа одржливоста на пензискиот систем
Објавено во: Економија 11 Декември, 2019
Зголемувањето на пензиите што Владата го најави за идната година, може да ја поткопа долгорочната одржливост на пензискиот систем, смета Светска банка, еден од најзначајните ментори и финансиери на земјава, преку кој беа спроведени голем број значајни реформи.
Како што е познато, од стартот на идната година сите пензии во државава се зголемуваат за 700 денари, кои ќе влезат во основицата на пензијата. До крајот на годината, пак, пензиите ќе се усогласат со трошоците за живот за уште 160 до 200 денари, што значи дека во 2020 година пензиите ќе пораснат за околу 900 денари.
Фактор ја праша Светска банка што мислат во таа институција за оваа владина одлука. Оттаму објаснуваат дека ад-хок зголемувањето на пензиите може да го поткопа постигнатото со реформата од 2018 година.
„Најавените мерки може да ги поткопаат целите на пензиската реформа спроведена во 2018 година, а кои беа насочени кон постепено стабилизирање на пензиските финансиски текови. Бидејќи, како што може да се види - повторно ќе се воведе ад-хок дискреционо индексирање на пензиите, а згора на тоа, ќе има и редовно индексирање со трошоците на живот. Ова може да ја поткопа долгорочната одржливост на пензискиот систем, и негативно ќе влијае на можноста на помладите генерации да се пензионираат со соодветен износ на пензија“, велат за Фактор од Светска банка.
Покрај тоа, нагласуваат светските банкари, со понатамошно создавање на значителни дефицити на пензискиот систем, се искористуваат јавните средства од други јавни програми, како што се образованието и здравството. Според меѓународните стандарди, објаснуваат, Северна Македонија троши релативно голем дел од БДП на пензиите. Всушност, пензиското трошење е единствената најголема ставка на трошење во буџетот, што претставува речиси една третина од вкупното трошење, или над девет проценти од БДП секоја година. А дефицитот на пензискиот фонд е покриен со директни трансфери од буџетот на централната власт, во износ од 3,5 проценти на БДП годишно, што е еквивалентно на она што земјата секоја година го троши на образованието.
„Генерално, македонскиот пензиски систем направи добра работа во заштитата на старите лица. Всушност, сиромаштијата кај постарите лица во Северна Македонија е пониска отколку во некои други социјални групи. Исто така, пензиите се во релативна смисла повисоки отколку во која било друга земја во регионот“, велат за Фактор од Светска банка.
НАСЕЛЕНИЕТО СТАРЕЕ, А СЕ НАМАЛУВА И РАБОТНАТА СИЛА
Според светските банкари, во текот на изминатата деценија, владите во земјава имаа направено неколку успешни рунди на пензиски реформи, вклучувајќи ја и последната во 2018 година.
Но, од оваа институција сметаат дека е потребна повеќе работа за да се издржи фискалниот притисок предизвикан од стареењето на населението, како и од намалената работна сила, кои во текот на следните две децении дополнително ќе вршат притисок на одржливоста на пензискиот систем.
„По неодамнешната одлука за доделување на вонредна индексација, фискалната одржливост на пензискиот систем треба да се преиспита, и да се прилагодат пензиските параметри, за да се врати пензискиот систем на стабилна основа“, потенцираат од Светска банка.
Неодамна во својот извештај за земјава и Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека планираното зголемување на пензиите, меѓу другото, може да ги поткопа придобивките што беа направени во фискалните политики.
ПЕНЗИСКИОТ ПРИДОНЕС СЕ ЗГОЛЕМУВА ПОСТЕПЕНО СЕКОЈА ГОДИНА
А за потсетување, со сетот пензиски реформа кои Владата ги донесе кон крајот на 2018 година, се предвиде постепено зголемување на пензиските придонеси. Па така, ако стапката на придонесот за пензиско во 2018 година изнесуваше 18 отсто од бруто-платата, од стартот на оваа година таа стапка се зголеми за 0,4 процентни поени, или достигна 18,4 отсто. За од идната година, пак, се предвидува ново зголемување од 0,4 поени, со што стапката на придонес ќе изнесува 18,8 отсто од бруто-платата.
Со овие реформи, како што тогаш објасни министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, требаше да се намали дефицитот на Пензискиот фонд, и така да се создаде одржлив систем и за сегашните и за идните пензионери.
Со законски измени кои беа изгласани на крајот на 2018 година, реформата предвиде и - наместо како претходно, кога пензиите се усогласуваа половина сперед растот на платите и половина според трошоците на живот, усогласувањето да се врши само според животните трошоци, два пати во текот на годината. Доколку економијата порасне, пак, за над 4 отсто, во април да има и додатно усогласување.
Тоа ги револтираше пензионерите, од чии здруженија изјавија дека на овој начин пензиите ќе растат минимално, многу помалку од досега, а тоа особено би ги погодило оние со ниски пензии, кои ќе дојдат под нивото на социјалната помош. Од таму нагласија дека од вкупно 320 илјади пензионери, дури 170 илјади имаат пензија под просечната, а околу 80 илјади примаат пензија под 9 илјади денари.
Министерката Царовска, пак, тогаш нагласи дека реформата била неопходна за да се стабилизира Пензискиот фонд, кој има огромна дупка, и да се обезбедат пензии и за идните генерации. За овој проблем, како што рече, Светска банка барала растот на пензиите целосно да замрзне, и во пензија да се оди дури на 67 години, наместо на 62 и 64 како сега. Но, Владата тоа успеала да го избегне, па со реформата никому ништо нема да му биде ускратено, а пензиите ќе продолжат да растат постојано.
„За да не мораме да ја поместиме границата на 67 години и да не се замрзнат целосно пензиите, опциите беа тие, па избравме средна варијанта. Стабилизацијата некаде мораше да се случи“, нагласи тогаш министерката.
Но, после ваквото сериозно реформирање на пензискиот систем, кое даде резултати и го намали јазот во Пензискиот фонд, Владата, на презентацијата на предлог Буџетот за идната година, најави дека од идната година пензиите ќе пораснат за 700 денари, а заедно со усогласувањето со животните трошоци и до вкупно 900 денари.
Премиерот Зоран Заев рече дека зголемувањето на пензиите не е предизборен поткуп, туку инвестиција во човечки капитал. Според него, минатата година Фондот за пензиско беше стабилизиран, со мерката за зголемување на придонесите од 0,4 процентни поени. Исто така, се зголемија платите во земјава, а се зголеми и вработеноста. Сето ова дозволило за идната година да се обезбеди вакво зголемување на пензиите.
„Досега две и пол години носевме тешки политики. Доаѓа време кога ефектите од овие политики треба да бидат дистрибуирани до сите граѓани. Просечната плата во државата никогаш не растела вака, зголемена е за 2.290 денари. Порасна минималната плата на 14.500 денари. Кога растат сите плати, не е логично и не е одговорно ако тоа не го следи и растот на пензиите“, нагласи премиерот.
За да се обезбеди исплата на пензиите, идната година од буџетот за Фондот за ПИОМ ќе треба да се издвојат 496 милиони евра, што е повеќе од 2018 година, кога се префрлиле 478 милиони евра.
ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК НЕМА ДА ЈА ЕЛИМИНИРА СИВАТА ЕКОНОМИЈА
А покрај за зголемувањето на пензиите, Фактор побара став од Светска банка и за замрзнувањето на прогресивниот данок на период од три години, со оглед што оваа институција своевремено го поздрави воведувањето на прогресивното оданочување.
Од Светска банка сметаат дека одлуката за стопирање на прогресивниот данок, е во најмала рака предвремена, и нема да го елиминира проблемот со сивата економија.
„Одлуката за стопирање на прогресивниот персонален данок на доход во овој момент, според наше мислење, се заснова на анализа на прелиминарни и нецелосни податоци, така што во најдобар случај ова го сметаме како предвремена одлука. И додека ја споделуваме загриженоста поради високата неформалност во економијата, која бара мулти-секторски пристап, задржувањето на даноците на ниско ниво, тој проблем нема да го елиминира“, потенцираат од Светска банка.
Според светските банкари, стратешката одлука на Северна Македонија да користи ниски даноци и други даночни стимулации за привлекување на странски директни инвестиции, донесе некои резултати, но нејзината фискална цена е значителна.
Прогресивниот данок ќе помогнел да се зголемат буџетските приходи и да се подобри даночната еднаквост.
„Приходите на владата како дел од БДП се намалија со текот на времето и сега се многу пониски од оние на нејзините соседи и другите европски земји. Спроведувањето на попрогресивна структура на персоналниот данок на доход, со повисоки маргинални стапки за заработувачите со високи приходи, ќе помогне да се зголемат приходите и да се подобри даночната еднаквост“, потенцираат од Светска банка.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.