Нова пресуда за Шешељ - што очекува тој?
Објавено во: Балкан 10 Април, 2018
Лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ утре од судот во Хаг ќе ја добие второстепената пресуда.
Пресудата ќе се изрече во 14 часот, соопштија од судот.
За дел од српските медиуми, Шешељ изјавил дека пресудата ќе ја преспие.
„Ете колку ми е грижа за нив. Ма воопштво не ме интересира што ќе кажат таму. Пресудата ми паѓа во незгодно време, бидејќи тогаш ја имам попладневната дремка и не ми паѓа на памет да ја слушам пресудата. Сеедно ми е каква ќе биде. Доброволно не одам никаде, па ни во Хаг. Мојата судбина е да го бранам српскиот народ“- вели Шешељ.
Судскиот совет на Хашкиот трибунал на 31 март 2016 година го ослободи Шешељ по сите девет точки од обвинението, кој се товареше за здружен злосторнички потфат, злосторства против човештвото, убиства, говор на омраза, депортација и други злосторства против Хрватите и муслиманите во Хрватска, БиХ и Војводина.
Обвинителството се жалеше и бараше казна од 28 години затвор или повторување на судењето.
Судскиот совет со кој претседава судијата Теодор Мерон може да го прифати предлогот, да одреди друга казна или да ја потврди првостепената пресуда.
Тој често се појавува во медиумите со контроверзни изјави.
Еднаш на прашањето дали би се решил на самоубиство, како што тоа го направи хрватскиот генерал Слободан Праљак, за чија постапка претходно кажа дека „заслужува почит“, Шешељ кажа дека тоа би го направил посуптилно, а „не на препад“. Рече дека тоа ќе го направи полека, за да ги мачи луѓето во трибуналот.
Тој со изјава ја испровоцира и хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ, а рече и дека сака да отпатува за Сараево.