Новите министри избрани, Заев и денес останува во Собрание
Објавено во: Македонија 28 Јуни, 2019
По два дена образложување на разрешувањата и оставките на министрите, избирање на нивни наследници во Владата, како и голем број на жестоки реплики и контрареплики за речиси сите економско-политички сфери со опозицијата, премиерот Зоран Заев и денеска ќе расправа со пратениците.
На агендата е собраниска седница наменета за пратенички прашања, која традиционално се одржува секој последен четврток од месецот, но е поместена за еден ден поради гласањето за новоназначените министри во Собранието.
Се очекува Заев, како и преостанатите министри од Владата, да одговараат за реконструкцијата, за превземањето на ресорот за финансии, за евентуалниот Датум за преговори со ЕУ, повратот на ДДВ, спорот за идентитетот на Гоце Делчев, за најавените реформи, економските параметри, капиталните инвестиции и за наводни имотно-корупциски прашања.
Синоќа со 65 гласа „за“ во Собранието беа избрани петтемина нови министри во Владата. Трајан Димковски ќе биде нов министер за земјоделство, Горан Милевски, за локална самоуправа, Хусни Исмаили за култура, Насер Нуредини за животна средина, а Садула Дураки ќе раководи со новото министерство за политички систем.
Заев вчеравечер најави дека по вчерашното официјализирање на новите министри во законодавниот дом, промените ќе продолжат и во други институции, на централно ниво, на подрачни единици, јавни институции во текот на јули.