04 Мај, 2024
0.1156

НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ: Што да избегнувате?

Објавено во: Стил 29 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Сакате Нова година и сите празници да поминат беспрекорно, но нешто едноставно тргнува наопаку. Наместо да трошите време и енергија обидувајќи се да ги направите сите нешта совршени, едноставно избегнете ги најчестите грешки што се прават во овој период.

Не ги мешајте подароците

Ни се случува на сите. Вашата внука ќе добие кожен паричник, додека дедо ви ќе добие розово фустанче. За да ги избегнете забуните, напишете ги имињата на сите луѓе на кои ќе им давате подароци, на лепенки или пак на честитки и убаво подредете ги.

Не дозволувајте новогодишните светилки да станат опасни

За да бидете сигурни дека празниците ќе бидат безбедни, прегледајте ги новогодишните светилки пред да ги поставите – проверете дали има скршени или разлабавени светилки, оштетена или разголена жица итн. На крајот, внимателно обезбедете го кабелот за напојување, доколку имате мали деца или домашни миленици.

Не претерувајте

Кога станува збор за декорирање, помалку знае да биде подобро. Оптимално, би требало да се одлучите за традиционални декорации, со кои ќе заштедите и време и пари.

Не очекувајте сѐ да помине совршено

Празниците се хаотичен период исполнет со стрес. Наместо да жалите што сте ја загореле кокошката, сте скршиле некој стар украс или пак не можете да се ослободите од хартијата за виткање, едноставно признајте си дека колку и да планирате, нешто на крајот ќе тргне наопаку. Дишете длабоко, опуштете се и уживајте во празниците.

Не ги оставајте светилки вклучени цела ноќ

Ако го декорирате домот од надворешната страна, новогодишните светилки се одличен начин да го покажете празничниот дух, но не ги оставајте вклучени до рано наутро. Тоа не само што е штетно за животната средина, туку може да биде штетно и за односите со соседите.

Не го игнорирајте тоалетот

Во текот на овој период ќе имате многу гости. Затоа, не заборавајте да го исчистите тоалетот. Исто така, трудете се секогаш да има доволно тоалетна хартија, крпите за раце да бидат чисти и да не ви снемува сапун.

Не ја чувајте елката до март

Празниците се прекрасно време и тоа треба да се одбележи соодветно со поставување на елка во дневната соба, но не ја чувајте накитената елка до недоглед. Вистинското време да ги симнете украсите е по петнаесетина дена по Нова година.