ОД 1. МАЈ ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА ХРОНИЧНИТЕ БОЛНИ: Терапијата ќе се зема со електронски рецепт
Објавено во: Македонија 30 Април, 2020
Ден Дончев, директор на Фондот за
здравствено осигурување, денеска информираше дека хронично болните пациенти ќе
може терапијата да ја подигаат преку електронски рецепт.
-Од утре се воведува препишување и издавање на лекови преку електронски рецепт за пациентите со хронични заболувања. Тоа значи дека хроничните болни нема потреба да одат на матичен лекар за да им биде издаден рецепт, единствено што ќе треба да направат е телефонски да исконтактираат со својот матичен лекар и да добијат информација за креирањето на рецептот. Во аптеките, само лична карта ќе може да си ги добијат лековите. Освен, тоа, ако пациентот не е во состојба да си го подигне лекот, ќе има можност друга личност да го земе, изјави директорот Дончев.
Оваа придобивка и
олеснување за хроничните болни, како што беше денеска најавено, ќе продолжи да
важи и по завршување на пандемијата од корона вирусот.
-Придобивките се повеќекратни. Хроничните болни добиваат лесен и ефикасен пристап, матичните лекари нема да изготвуваат хартиени рецепти, туку софтверски ќе биде достапен до аптеките. Се скратуваат трошоците и ресурсите за принтање и издавање рецепти, а ќе има поголемо време за преглед на пациенти, истакна Дончев.