29 Април, 2024
0.0256

ОШТЕТЕНИТЕ ШТЕДАЧИ ТВРДАТ - Фондот за депозити веќе не е доверител во стечајната постапка на Еуростандард банка

Објавено во: Финансии 22 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Здружението на оштетени штедачи Правда за штедачи предлага владата да го усвои предлогот за измени и дополнувања на Законот за банки доставен од нивна страна како решение кое, според нив целосно го решава проблемот со оштетените од Еуростандард Банка.

Еве што рекоа тие на пресконференцијата која ја одржаа денеска.

Во Законот за Фондот за осигурување на депозити, точно се предвидени правата и обврските на Фондот како осигурител на депозити на банките, и на банките како осигуреник на депозити. Согласно овој закон, банките имаат обврска да плаќаат влезна премија во Фондот при основањето во висина од 1 отсто од основачкиот капитал, и годишна премија за осигурување на депозитите во висина од најмногу 0,7 отсто од вкупните депозити во банките и штедилниците. Во моментот, таа премија, со одлука на Управниот одбор на Фондот, изнесува 0,25 отсто. За сметка на ваквата обврска на банките, Фондот за осигурување на депозити има обврска да исплати надомест на депоненти-физички лица до висина од 30.000 евра во случај на ризичен настан, стечај или ликвидација на банка, и тоа токму од средствата што банките ги платиле како премија за осигурување на депозитите.

Значи во Законот за Фондот за осигурување на депозити точно се предвидени правата и обврските на осигурителот (Фондот) и осигуреникот ( банките), овој закон не содржи одредби во врска со стечај на банка и статусот на депонентите и Фондот во стечајната постапка.

Затоа, во Законот за банки постои засебен дел во кој овие прашања се уредени и затоа, заедно со Законот за стечај, Законот зa банки се применува при стечај на банка. Таков случај е и со стечајната постапка за Еуростандард банка. Имено, согласно членот 163 став 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити го доби својството на доверител (активна легитимација) во стечајната постапка на Еуростандард банка, што може да се утврди не само од законот туку и од стечајната пријава на Фондот за осигурување на депозити, каде наведен е токму овој член.

Бидејќи овој член е укинат од Уставниот Суд, Фондот за осигурување на депозити не може да продолжи да учествува како доверител во понатамошната стечајна постапка, од причина што во Законот за Фонд за осигурување на депозити ниту во Законот за банки, тоа право Фондот го нема, осигурителот да стане доверител, а осигуреникот да стане должник, поточно тоа право Фондот го губи со укинување на одредбата 163 став 3 од Закон за банки.

Бидејќи има различни толкувања околу оваа прашање на статусот на Фондот во стечајната постапка по укинување на Членот 163 став 3 од Законот за банки, ќе се обидеме преку изнесување на нашето правно стојалиште, да објасниме дека Фондот за осигурување на депозити не само што го загуби приоритетот во наплата на побарувањето во стечајната постапка на Еуростандард банка, туку го загуби и статусот на доверител (активната легитимација во таа постапка).

Во услови кога укинат е член 163 став3 од Законот за банки, се поставува прашање врз основа на кој закон Фондот треба да го задржи статусот на доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка. Некои од теоретичарите, во ваква ситуација, се повикуваат на Законот за облигациони односи (ЗОО) и на суброгацијата како институт. Според Закон за облигации односи постојат 2 вида на суброгации, договорна суброгација (член 288) и законска суброгација (член 289).

Член 288

(1) Во случај на исполнување на туѓа обврска, секој исполнувач може да договори со доверителот, пред исполнувањето или при исполнувањето, исполнетото побарување да премине врз него со сите или само со некои споредни права.

(2)Доверителовите права можат да преминат врз исполнувачот и врз основа на договор меѓу должникот и исполнувачот, склучен пред исполнувањето.

(3) Во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член суброгацијата на исполнувачот во правата на доверителот настанува во моментот на исполнувањето.

Член 289

Кога обврската ќе ја исполни лице кое има некој правен интерес во тоа, врз него преминува според самиот закон во моментот на исполнувањето на доверителовото побарување со сите споредни права.

Со договорната суброгација (во договорот) предвидени се правата и обврските на странките (осигурител и осигуреник), додека во законската суброгација предвидени се правата и обрските на осигурителот и осигуреникот според самиот Закон, како што е Законот за Фондот за осигурување на депозити или Законот за банки.

Фондот за осигурување на депозити со Еуростандард банка, ниту со нејзините депоненти-доверители во стечајната постапка нема склучено договор, што значи дека во овој случај не може да се применува договорна суброгација според член 288 од ЗОО. Или поточно, своето право во стечајната постапка за Еуростандард банка, Фондот го засноваше на член 163 став 3 од Законот за банки, како што е предвидено во член 289 од ЗОО. Членот 289 од ЗОО упатува на правниот интерес според самиот закон, т.е конкретни одредби од закон каде се предвидени правата и обврските на Фондот и банките кои се дефинирани во самиот Закон, но, притоа, не се работи, или, не се мисли на ЗОО, т.е општиот член од ЗОО, туку на друг закон, што во случајов беше член 163 став 3 од Законот за банки. Но, правниот интерес на суброгатот (оној врз кога преминува побарувањето) се состои во тоа да правото на доверителот спрема должникот, целосно или делумно, со исплатата преминува врз него, по сила на закон. Тој закон во случајот со Еуростандард банка, во однос на стечајната постапка, беше член 163 став 3 од Законот за банки. Во услови кога овој член повеќе не е дел од правниот поредок (укинат е од Уставниот суд), и во услови кога не постои одредба во некој друг закон која го дефинира правниот интерес на Фондот на сличен начин, на пример Закон за Фондот за осигурување на депозити, тогаш за Фондот за осигурување на депозити останува само обврската согласно член 9 од Законот за Фондот за осигурување на депозити. Треба да се прави разлика меѓу обврска според закон (каква што има Фондот за осигурување на депозити според член 9 од Законот Фондот за осигурување на депозити) и правен интерес, бидејќи правниот интерес на суброгатот (Фондот) во овој случај не постои, додека неговата законска обврска за обештетување на депонентите-физички лица до 30.000 евра е мотивирана од неговата поширока општествена улога. Од тука, во овој случај, причината за исполнување е тоа што Фондот за осигурување на депозити има сопствена законска обврска согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, додека целта на таквото исполнување не е поради стекнување на статус на доверител во стечајната постапка, туку поради исполнување на поширока општествена улога што му е наметната на Фондот со ваквата законска обврска. Непостоење на правен интерес кај Фондот за осигурување на депозити, по укинувањето на член 163 став 3 од Законот за банки, е првата причина поради која тој не може да остане доверител во стечајната постапка по основ на законска суброгација.

Втората причина поради која Фондот за осигурување на депозити не може да остане доверител во стечајната постапка согласно членот 289 од ЗОО е поради тоа што овој член важи за некој што исполнил туѓа обврска и потоа го превзел правото за наплата по основ на законска суброгација. Во случајот со Еуростандард банка во стечај, од кога членот 163 став 3 од Законот за банки не е повеќе дел од правниот поредок, Фондот за осигурување на депозити не исполнил туѓа, туку своја законска обврска, за која наплаќал премија од банката во стечај, во согласност со Законот за фондот за осигурување на депозити, и не може да се повикува на законска суброгација (член 289 од ЗОО), за чија примена потребно е исполнување на туѓа обврска поради постоење на правен интерес. Тоа значи дека за законска суброгација не постојат двете основни претпоставки, да се работи за исполнување на туѓа обврска и исполнувачот (Фондот) да има правен интерес за такво исполнување. Одлуката на Уставниот суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, не само што не постои правен интерес кај Фондот за исплатените депозити на депонентите-физички лица до 30.000,00 евра, туку и неговото исполнување на сопствената обврска согласно законот не може да биде претпоставено или на штета на останатите доверители во стечајната постапка. Особено имајќи во предвид дека доверителите-правни лица воопшто не се обештетени од Фондот.

Накратко, по укинувањето на член 163 став 3 од Законот за банки, не постои конекција во смисла на должничко-доверителски однос по ниту еден основ меѓу Фондот за осигурување на депозити и Еуростандард банка, во стечај. Без оваа одредба во Законот за банки, не постои правен интерес на Фондот за исплата на депонентите-физички лица до 30.000,00 евра, туку само негова законска обврска согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити, што е поврзана со неговата општествена улога во државата, но не претставува правен интерес. Без да постои правен интерес, што е суштинска претпоставка за постоење на законска суброгација, не се исполнети условите за примена на член 289 од ЗОО. Дотолку повеќе што Фондот преку исплатата на депонентите-физички лица не исполнил туѓа, туку своја обврска дефинирана со закон. Од таму, за утврдување на статус на доверител во понатамошниот тек на стечајната постапка за Еуростандард банка, член 289 од ЗОО е неприменлив.

Затоа, во споредбеното право, и тоа во земјите членки на Европската Унија и земјите од нашето опкружување, постои конкретен член во закон, без оглед дали се работи за Закон за банки или друг lex specialis закон, со кој е утврден статусот на Фондот како доверител во стечајна постапка за банка.

Поради горе наведеното, за Здружението на оштетени штедачи “Правда за штедачи” нема долема-СТЕЧАЈНАТА ПОСТАПКА за Еуростандард банка не може да продолжи со Фондот за осигурување како доверител. Очекуваме по ова прашање да се произнесат органите што ја водат стечајната постапка и што се грижат за нејзината законитост, и да ја имплементираат Одлуката на Уставниот суд што е донесена на 25.05.2021 година и влезена во сила на 08.06.2021 година.

Воедно, Здружението потсетува дека до Владата поднесе сопствен предлог за донесување на измени на Законот за банки со кои Фондот ќе се дефинира како доверител во стечајна постапка за банка (бидејќи после укинување на членот 163 став 3 од Закон за банки Фондот не е доверител во понатамошниот тек на стечајната постапка), при што, за веќе започнатите стечајни постапки Фондот за осигурување на депозити да биде дефиниран со редослед на наплата по депонентите–физички и правни лица.

Здружението уште еднаш јавно соопштува дека не се согласува за веќе започнатите постапки, Фондот за осигурување на депозити да биде дефиниран во ист ред на намирување, бидејќи во овој момент Фондот не е ниту доверител во стечајните постапки за банка (по укинување на член 163 став 3 од Законот за банки), додека новите законски измени можат да важат ретроактивно само доколку се поповолни за граѓаните (член 52 од Уставот на РСМ). Во однос на правните лица, решението со кое Фондот би бил во ист ред на намирување со другите доверители (меѓу кои се и депонентите-правни лица), повторно би имало проблем со уставноста бидејќи согласно важечкиот Закон за Фондот за осигурување на депозити, Фондот врши обештетување само на депоненти-физички лица до 30.000,00 евра, но не и на правни лица, со што правните лица повторно би биле ставени во позиција на нееднаквост и дискриминација.

Затоа, Здружението на оштетени штедачи “Правда за штедачи” предлага Владата да го усвои предлогот за измени и дополнувања на Законот за банки доставен од нивна страна до Владата и Министерството за финансии како решение кое, во суштина, целосно го решава проблемот со оштетените од Еуростандард банка. Законските измени за идни случаи на банки во стечај, кои, можеби подразбираат измена и на други закони, Здружението остава Владата да ги предложи, секако, водејќи се, пред се, од интересот на граѓаните.

Можеби ќе ве интересира

ВАЖНА ВЕСТ ЗА АКЦИОНЕРИТЕ НА НЛБ БАНКА - ќе се дели богата дивиденда, еве колку таа ќе изнесува по акција

ВАЖНА ВЕСТ ЗА АКЦИОНЕРИТЕ НА НЛБ БАНКА - ќе се дели богата дивиденда, еве колку таа ќе изнесува по акција

ГАЗДИТЕ НЕ ГИ ИНТЕРЕСИРА ИСКУСТВОТО, ВАЖНО Е ДА САКААТ ДА РАБОТАТ: Овие два занаети се плаќаат повеќе од 150.000 динари месечно во Србија

ГАЗДИТЕ НЕ ГИ ИНТЕРЕСИРА ИСКУСТВОТО, ВАЖНО Е ДА САКААТ ДА РАБОТАТ: Овие два занаети се плаќаат повеќе од 150.000 динари месечно во Србија

ФАРМАЦЕВТ ВРТИ МИЛИОНИ ОД МАСЛИНКИ: Зошто дивее цената на маслиновото масло?

ФАРМАЦЕВТ ВРТИ МИЛИОНИ ОД МАСЛИНКИ: Зошто дивее цената на маслиновото масло?

ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО ПОДРУМ БАРААТ ДУРИ 1.300 ЕВРА: Нудат непостоечки апартмани, Грција годинава пресолена, посебно сега за празниците

ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО ПОДРУМ БАРААТ ДУРИ 1.300 ЕВРА: Нудат непостоечки апартмани, Грција годинава пресолена, посебно сега за празниците

НАВАЛА ОД СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ ВО ХРВАТСКА: Годинава се очекуваат над 200 илјади

НАВАЛА ОД СТРАНСКИ РАБОТНИЦИ ВО ХРВАТСКА: Годинава се очекуваат над 200 илјади

ЧИСТАЧКИ И НЕГУВАТЕЛКИ РАБОТАТ ЗА МИЗЕРНА ИЛИ НИКАКВА ПЛАТА: Најчесто работат на црно, без никаква заштита

ЧИСТАЧКИ И НЕГУВАТЕЛКИ РАБОТАТ ЗА МИЗЕРНА ИЛИ НИКАКВА ПЛАТА: Најчесто работат на црно, без никаква заштита

И ВО ПЕНЗИЈА НА РАБОТА: Сè повеќе трговски синџири бараат исклучиво пензионери

И ВО ПЕНЗИЈА НА РАБОТА: Сè повеќе трговски синџири бараат исклучиво пензионери

И СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА ПОТВРДУВА: Се разгледува можноста за присоединување кон Комерцијална банка

И СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА ПОТВРДУВА: Се разгледува можноста за присоединување кон Комерцијална банка

Е СЕГА Е НАВИСТИНА СЕРИОЗНО: Комерцијална банка почнува длабинска анализа на Стопанска Битола за да се одлучи за можно присоединување

Е СЕГА Е НАВИСТИНА СЕРИОЗНО: Комерцијална банка почнува длабинска анализа на Стопанска Битола за да се одлучи за можно присоединување