Оваа земја воведува високи казни за „лажни вести“
Објавено во: Свет 06 Април, 2017
Германската влада одобрила казни до 50 милиони евра за социјалните мрежи кои не реагираат и не ги отстрануваат „лажните вести“ и говорот на омраза.
Со новиот закон ќе се бара од компаниите да ја означат спорната содржина и воедно да ја избришат доколку се заклучи дека се работи за детска порнографија, поттикнување на тероризам или се објавуваат „лажни вести“.
Казните се предвидени за онлајн платформите како што се „Facebook“ и ќе се изрекуваат доколку таквите платформи не реагираат доволно брзо и ефикасно на проблематичната содржина.
Во прашање се законски решенија со кои германските власти се обидуваат да ги примораат компаниите кои управуваат со социјалните мрежи, да ги применуваат постоечките германски закони кои се однесуваат на кривичните дела поттикнати од омраза и слично.
Германските власти се убедени дека е неопходно да се преземат мерки во врска со ова прашање, со кое во блиска иднина би се занимавала и Европската Унија. Со законските решенија, предвидена е и индивидуална одговорност, па директорите на компаниите ќе ризикуваат да добијат казна и до пет милиони евра доколку не се придржуваат кон мерките. Законот ќе мора да биде одобрен и од пратениците во Бундестагот.