Добивај вести на Viber
Директорот на Управата за културно наследство, Паско Кузман доби 30-дневен куќен притвор поради основани сомневања за злоупотреба на службената должност. Кривичниот суд во Скопје ја донесе оваа мерка откако утрово полицијата го уапси во акцијата насловена „Фаланга 2“.
Полицијата го товари дека пред две години незаконски дал дозволи за ископување предмети од голема културна и археолошка вредност на местото Драмски Рид во близина на Делчево и на потегот од Велешко езеро кон Катланово. Осомничени во случајот се и двајца вработени во Управата.
„Пријавените со пречекорување на овластувањата и постапувајќи надвор од нивната законска надлежност преку издавање на противзаконска документација преку која барале дополнително и полициска асистенција со издавање на платни налози и преку други патни трошоци го оштетиле буџетот на Република Македонија, а само МВР е оштетено за износ од преку 1,2 милиони денари. По однос на издадени платни налози и други патни трошоци висината на штетата дополнително ќе се утврдува“ – изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Претходно во првиот дел од акцијата уапсени беа 19 лица меѓу кои и вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија како и полициски службеник од Велес. Групата од археолошки локалитети на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје вршела илегални ископувања на предмети со културна и археолошка вредност, продавање на истите во Македонија и странство како и продажба на икони за кои постојат сомненија дека потекнуваат од црковни објекти.
Паско Кузман пак во јавноста е познат како човекот кој што го бараше гробот на Александар Македонски, а многумина го сметаат за предводник на „антиквизацијата“ на Македонија.